Фото: К.Т.
Речиси пет години по неуспехот на регионалниот пристап, општините во Југоисточниот Регион и понатаму трагаат по ефикасно решение за растечкиот проблем со бездомните кучиња. Додека дел од општините најавуваат промени во пристапот, здруженијата предупредуваат дека без построга примена на законите и одговорни сопственици, проблемот наместо да се решава само се врти во круг.
Автор: Кристијан Трајчов*
Девојка што шетала во својата населба во Радовиш била пресретната од глутница кучиња. Се исплашила дека ќе биде нападната и морала да го повика својот брат, кој дошол со автомобил, ја качил во возилото и било избегнато најлошото.
Ова сведоштво, заедно со видео од кучињата стигна до нашата редакција, но слични сцени можат да се видат и слушнат низ целиот Југоисточен Регион на Македонија.
Проблемот со бездомните кучиња во Радовиш одамна престана да биде изолиран случај и прерасна во сериозен безбедносен проблем, за кој „Локал Актив“ и претходно алармираше. Граѓаните секојдневно се соочуваат со глутници бездомни кучиња на улиците, во парковите и во населбите, а чувството на безбедност кај населението е сè повеќе нарушено.
И покрај различните пристапи што се обидуваат да ги применат општините, сè уште нема соодветно и трајно решение. По неуспехот на моделот за регионално управување со кучињата скитници, секоја општина избра свој пат – од соработка со постојни прифатилишта до формирање сопствени стационари.
Иницијативата за регионален пристап во управување со бездомните животни и стационари, пропадна по локалните избори во 2021 година со ликвидација на регионалното претпријатие за заловување и хуман третман на уличните кучиња „Астра Луна“. Со одлука на Советот на градоначалниците од Југоистокот основачките права заедно со имотот на ова претпријатие ѝ беа префрлени на Општина Струмица, која покажа интерес да има свое јавно претпријатие, а Општината им го плати уделот на другите општини во „Астра Луна“, кое никогаш не профункционира.
Струмица формираше сопствен стационар – „Лана“, кое подоцна направи договори со неколку соседни општини да ги заловува кучињата на нивна територија. Една од нив е и Општина Радовиш.
„Годинава, заклучно со 1 јуни, имаме заловено 14 бездомни кучиња во Радовиш, од кои 13 првпат заловени и едно повторно заловено по пријава, кое беше ревакцинирано против беснило и повторно вратено на место на заловување. Цената зависи од самиот третман, времето на престој во стационарот, но просечно за третман на едно бездомно куче Општина Радовиш издвојува приближно 17.000 денари“, изјавија за „Локал Актив“ од „Лана“.
„Милениците не се привремена обврска, туку се членови на семејствата“
Од Здружението за заштита на животни „Animal’s Hope“ од Радовиш сметаат дека за трајно надминување на состојбата се потребни системски мерки, поголема одговорност од сопствениците на миленици и доследно спроведување на постојните законски решенија.
Според нив, бројот на бездомни кучиња не може прецизно да се утврди бидејќи станува збор за постојано променлива популација.
„Дел од животните се резултат на неконтролирано размножување нестерилизирани домашни кучиња, а дел се напуштени миленици. Единствено одржливо решение е доследна примена на хуманиот метод ‘залови – стерилизирај – врати’, заедно со контрола на сопствеништвото и едукација на граѓаните. Без тоа, по завршувањето на акциите, популацијата повторно се обновува преку нови легла и напуштени животни“, наведуваат од „Animal’s Hope“.
Од здружението предупредуваат дека голем дел од проблемот произлегува од неодговорниот однос кон домашните миленици.
„Сведоци сме на проблеми поврзани со напуштени и несоодветно згрижени домашни миленици. Овој проблем не е само етички, туку и јавно-здравствен и општествен предизвик. Во согласност Законот за заштита и благосостојба на животните, сопствениците се должни да се грижат за здравјето и благосостојбата на своите миленици, да обезбедат редовна храна, вода, ветеринарна грижа и вакцинација, да ги микрочипираат и да спречат нивно занемарување и напуштање. Милениците не се привремена обврска, туку се членови на семејствата за кои се презема долгорочна одговорност. Одговорното сопствеништво не е само законска обврска, туку и показател за нашата хуманост и општествена свест“, велат од „Animal’s Hope“.
Општина Радовиш ќе гради прифатилиште
Градоначалникот на Општина Радовиш Љупче Почивалец за „Локал Актив“ најави дека веќе се отпочнати постапки за воспоставување прифатилиште за кучиња, а во процесот се вклучени Агенцијата за храна и ветеринарство, локални здруженија за заштита на животните и надлежните општински служби.
„Отпочнуваме постапка за да го решиме проблемот со кучињата, што е децениски проблем. Тоа е еден од најголемите проблеми на граѓаните и мораме да пристапиме сериозно кон негово решавање“, изјави Почивалец.
Тој вели дека Општината има реални шанси да го реализира проектот, но дека претходно треба да се обезбеди потребната документација и проектна подготовка. Посочи и дека сегашниот законски модел, според кој заловените кучиња по третманот повторно се враќаат на местото каде што биле заловени, не дава доволно резултати.
„Ние ги третираме кучињата, ги вакцинираме и стерилизираме, но по закон повторно треба да ги вратиме на улица. Граѓаните и понатаму гледаат голем број кучиња, па затоа ние планираме да го решиме проблемот“, изјави тој.
Градоначалникот смета дека покрај институционалните мерки, неопходно е да се работи и на подигнување на свеста кај граѓаните.
„Домашните миленици треба да бидат дома. Голем дел од проблемот доаѓа од неодговорни сопственици што ги пуштаат кучињата на улица или не ги стерилизираат. Обезбедивме 100 бесплатни стерилизации, кои ќе бидат субвенционирани од Општината. Целта е да им помогнеме на граѓаните и да го намалиме неконтролираното размножување на кучињата“, истакна тој.
Почивалец најави дека покрај изградбата на прифатилиште, ќе следуваат и информативни кампањи, но и построга примена на законските санкции за несовесните сопственици.
„Ќе мора да работиме преку медиумите и социјалните мрежи, но и да ги применуваме казните предвидени со закон. Ако имаме неодговорно сопствеништво, секогаш ќе имаме нови кучиња на улиците“, порачува градоначалникот на Радовиш.
Капацитетите на прифатилиштето во Струмица не се доволни
Од Здружението за заштита на животни „Animal Lovers“ од Струмица велат дека состојбата е подобрена во однос на претходните години, но дека капацитетите на прифатилиштето во Струмица и понатаму не се доволни за да одговорат на реалните потреби на терен.
„Во прифатилиштето има 58 бокса, што значи дека максимум 58 кучиња можат да бидат згрижени во одреден момент. Истовремено, тие кучиња по третманот повторно се враќаат на улица. Дополнително, прифатилиштето не работи само за Струмица, туку и за Радовиш, Валандово, Василево и Дојран, па сметаме дека тој капацитет е премал за сите овие општини“, истакнуваат од здружението.
Според нив, главната причина поради која бројот на кучиња не се намалува е неодговорното сопствеништво.
„Најголемиот предизвик е неодговорното сопствеништво, бидејќи овие кучиња што беа на улица пред години, досега требаше да бидат средени. Но, постојано има прилив на нови кучиња од домашни миленици. Кучките не се стерилизираат, нема доволно контроли и казни, а немаме ниту точна бројка на евидентирани кучиња што граѓаните ги поседуваат“, велат од „Animal Lovers“.
Од здружението сметаат дека причините за ваквата состојба се комбинација од недоволна информираност и финансиите.
„Една стерилизација чини од околу 3.000 до 6.000 денари, во зависност од големината на кучето. Но, тоа е еднократна инвестиција за животно што може да живее десетина години“, посочуваат од здружението.
Оттаму упатуваат и апел до сопствениците на домашни миленици навремено да ги стерилизираат своите животни и да побараат помош доколку не можат сами да ги покријат трошоците.
„Доколку граѓаните имаат миленици, а немаат средства за стерилизација, можат да ни се обратат. Ние секогаш кога сме биле во можност сме помагале, особено за женски кучиња. Најдобро е да се стерилизираат, па заедно да бараме начин да се обезбедат средства, отколку да се создава нов прилив на бездомни кучиња. Во спротивно, ова станува невозможна мисија со огромниот број нови кучиња што постојано завршуваат на улица“, порачуваат од Здружението за заштита на животни „Animal Lovers“ од Струмица.
12 напуштени кучиња за пет месеци
Во однос на состојбата во Струмица, од стационарот „Лана“ посочуваат дека голем дел од кучињата што се наоѓаат на улиците веќе биле третирани, но бројот не се намалува поради повеќе фактори, меѓу кои најзначајни се неодговорното сопствеништво и неконтролираното оставање нови животни на улица.
„Има бездомни кучиња, а голем дел од нив веќе се третирани и стерилизирани. Сепак, неодговорното сопствеништво, не само преку напуштање на милениците туку и преку оставање на нивното потомство на улица, придонесува бројот на бездомни кучиња постојано да се зголемува“, велат од стационарот.
Дополнителен проблем, според нив, претставува и нелегалното носење кучиња од други општини во Струмица.
„Ќе го спомнеме и организираното нелегално носење кучиња од други општини како значаен фактор во зголемувањето на бројноста на бездомните кучиња. Самата бројка дека за само пет месеци се заловени 12 кучиња што претходно имале сопственик, зборува сама за себе. Има одговорни сопственици, но има и сопственици што неодговорно се однесуваат кон своите домашни миленици“, велат од стационарот.
Од стационарот нагласуваат дека проблемот не е карактеристичен само за Струмица, туку претставува предизвик со кој се соочуваат голем број општини низ државата.
„Овде не станува збор само за Општина Струмица, овој проблем се провлекува на ниво на целата држава“, порачуваат од „Лана“.
Во Гевгелија намалување на бројот на бездомни кучиња
Прифатилиштето за бездомни животни при ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија работи од октомври 2023 година, а според податоците на претпријатието, во изминатиот период е забележан напредок во справувањето со проблемот со бездомните кучиња.
„Прифатилиштето за бездомни животни располага со вкупно 13 кафези, од кои три се наменети за карантинско сместување, а десет за посткарантинско сместување односно постоперативен третман“, наведуваат од претпријатието.
Од „Комуналец“ објаснуваат дека секое заловено куче поминува низ строго утврдена процедура пред повторно да биде вратено на местото каде што било заловено.
„Секое куче се проверува дали има микрочип, се испитува на лајшманиоза, се прави тест за социјализација, се кастрира или стерилизира, се вакцинира, се обележува со ушна маркичка, се микрочипира и се врши дехелминтизација. По постоперативното закрепнување, доколку никој не сака да го вдоми, кучето се враќа на местото на заловување“, објаснуваат од претпријатието.
Оттаму тврдат дека преку примената на методот „залови – кастрирај/стерилизирај – вакцинирај – обележи – вдоми или врати“ е намалена популацијата на бездомни кучиња.
„Од добивањето на дозволата за работа во октомври 2023 година до денес има голем напредок во состојбата и бројот на кучиња скитници на територијата на Општина Гевгелија. Намален е бројот на кучињата скитници, а каснувањата и нападите се сведени на минимален број“, велат од претпријатието.
Особено го истакнуваат ефектот од стерилизацијата и кастрацијата врз намалувањето на бројот на новородени кучиња.
„Со досегашното работење на територијата на Општина Гевгелија е спречена појавата на околу 700 единки подмладок на годишно ниво преку спроведените стерилизации и кастрации“, тврдат од ЈПКД „Комуналец“.
И покрај позитивните резултати, од претпријатието сметаат дека трајното решавање на проблемот е невозможно без поголема контрола врз сопствениците на домашни миленици.
„Потребно е задолжително вакцинирање и микрочипирање на секој домашен миленик, задолжителна стерилизација или кастрација, зголемени инспекциски контроли и санкционирање на неодговорните сопственици“, наведуваат од ЈПКД „Комуналец“.
Од ЈПКД „Комуналец“ заклучуваат дека без системски мерки и поголема одговорност од сопствениците на домашни миленици, проблемот со бездомните кучиња ќе продолжи да се обновува и покрај сите активности што ги преземаат институциите.
***
Искуствата од општините во Југоисточниот Регион покажуваат дека не постои едноставно решение за проблемот со бездомните кучиња. Додека некои локални самоуправи бележат напредок преку сопствени прифатилишта и континуирани програми за стерилизација, други сè уште се соочуваат со зголемен број кучиња и страв кај граѓаните. Заедничката порака од институциите, стационарите и здруженијата за заштита на животните е дека без доследно спроведување на законите, контрола и санкционирање на неодговорното сопствеништво, како и континуирана едукација на јавноста, проблемот ќе продолжи да се повторува, а безбедноста на граѓаните и благосостојбата на животните ќе останат предизвик.
* Кристијан Трајчов е новинар


