Потребни се долгорочни мерки за заштита и поддршка на производителите на ориз во Кочанско поле

Опис на проблемот

Оризопроизводителите во Кочанската Котлина, во 2024/2025 година, се соочија со значителни штети како резултат на неповолните временски услови (обилни врнежи, ниски температури, висока влажност и појава на болести). Овие услови предизвикаа намален принос, зголемени трошоци за заштита на оризовите култури и загуби кои сериозно ја загрозија економската одржливост на оризопроизводството, кое е основен извор на приходи за голем број семејства во регионот.

За сериозноста на ситуацијата придонесе и тоа што речните корита беа стеснети од обраснатата вегетација, отпадоците, шутот и наносите од земја, така што не можеа да ја примат зголемената количина вода. Поради тоа дојде и до излевање на Кочанска Река, која ги поплави не само оризовите површини, туку и градинарските посеви, па и домовите и амбарите на жителите во селата Облешево, Чифлик, Уларци и Подлог. Грубите пресметки што ги направија земјоделците покажаа дека директната финансиска загуба можеби изнесувала и над половина милион евра, само поради потфрлањето во жетвата. Тоа предизвика негативни економски последици за жителите во целиот регион, без разлика дали се вклучени во земјоделието или во другите стопански гранки, трговијата или услужните дејности.

Според признанијата на самите земјоделци дел од вината за задоцнетата жетва носат и самите, затоа што некои од нив калкулирале и одолжувале со почетокот на сеидбата. Поради тоа се пролонгирала жетвата и наместо во оптималниот рок, навлегле во период на дождови и зголемена влага. Покрај тоа, била пропуштена можноста и да се осигураат оризовите насади  од штети предизвикани од временски неприлики. Во изминатите неколку години имало само еден земјоделец што го осигурил своето производство на ориз. Поради слабиот интерес уште само една-две подружници на осигурителните компании во Кочани ја одржуваат програмата земјоделско осигурување. Можност за нејзино враќање постои, но само ако се остварат најавите од ресорното министерство дека аплицирањето за субвенции ќе биде поврзано со задолжително осигурување на земјоделското производство.

За димензиите и последиците од овој проблем во Кочанско поле, но и пошироко во регионот Локал Актив пишуваше во сторијата објавена во декември 2025 година.

Барања
  • Бараме од АД Водостопанство – Подружница Брегалница, Кочани, чија дејност е користење, функционирање, одржување и контрола на системите за водоснабдување на подрачјето на дејствување„ и општините низ чија територија течат Кочанска Река и Брегалница да се договорат и да спроведат санација и чистење на каналите за наводнување и коритата на двете реки за спречување евентуална идна катастрофа.

  • Бараме од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопан-ство да воведе долгорочни мерки за заштита на земјоделците од климатски ризици и да се поедностават и забрзаат процедурите за обештетување и навремена поддршка во случаи на временски непогоди.

  • Бараме од надлежните општини, во случај на идни временски непогоди да спроведат итна и целосна проценка на штетите и да се заложат за правична финансиска компензација за сите погодени производители на ориз и други земјоделски култури. 

Застапување за решавање на овој проблем

Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се избегнат негативните последици од евентуална слична временска непогода во Источниот регион е Здружението „Агро Винка“ од Виница.

Реализирани активности
  • На 16.07.2026 година, се одржа работна средба во Општина Чешиново-Облешево со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, градоначалникот на општината Јорданче Костадинов, претставници на Министерството и оризопроизводители од општината и поширокиот регион. На средбата се разговараше за актуелната состојба со оризопроизводството и предизвиците со кои се соочуваат производителите во пресрет на овогодишната жетва. Претставниците на ЗРР „Агро Винка“ ги пренесоа грижите и потребите на земјоделците, ризиците за производството и потребата од преземање превентивни мерки и навремена институционална поддршка.
  • На 27.08.2026 година, беше одржана втора средба со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски, градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево Јорданчо Костадинов и претставници на дел од фабриките за преработка на ориз и земјоделци од општината. Претставниците на ЗРР „Агро Винка“ ги застапуваа потребите на оризопроизводителите за навремена институционална поддршка, подобра заштита од последиците од неповолните временски услови и преземање превентивни мерки за намалување на ризиците во производството.
  • Во периодот од 18 до 27 септември 2026 година, млади членови на ЗРР „Агро Винка“, заедно со млади од Турција, Естонија и Шпанија, беа вклучени во обуки за развивање на вештините на младите од руралните средини за: медиумска писменост, креирање дигитални содржини, социјално претприемништво, културна размена и интеркултурна соработка. Обуките беа реализирани во рамки на проект реализиран преку програмата Erasmus+ KA152. Посебен дел од обуката беше посветен на примената на дигиталните технологии во земјоделството, вклучително и следењето на временските услови, употребата на дронови, паметното прскање и одржливото управување со земјоделските ресурси. Активноста се надоврзува на заложбите на ЗРР „Агро Винка“ за унапредување на руралниот развој, поттикнување современи и одржливи земјоделски практики и зајакнување на отпорноста на земјоделските производители кон климатските ризици, како дел од пошироките напори за долгорочна заштита и поддршка на производителите на ориз во Кочанско поле.
  • Во рамки на активностите за застапување за долгорочна заштита и поддршка на производителите на ориз во Кочанско поле, младите членови на ЗРР „Агро Винка“, кои учествуваа во меѓународната младинска размена во Турција, направија информација на состојбите и предизвиците со кои се соочуваат оризопроизводителите во Кочанскиот регион во текот на жетвата 2026 година. Во информацијата се опфатени проблемите со намалените приноси, ниските откупни цени, трошоците за производство, како и најавените мерки за финансиска поддршка од страна на државата. Информацијата ја нагласува потребата од долгорочни и системски мерки за зачувување на оризопроизводството во Кочанско поле, на кои и во иднина ќе работи ЗРР „Агро Винка“. Дел од оваа информација е објавен на Веб страната на Локал Актив.

     

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE