Фото: Маја Пероска
Во Музејот на тетовскиот крај беше промовиран „Сонувалка за животот“, новиот драмски текст на тетовскиот писател Јован Дамјановски. Изданието е на македонски и на хрватски јазик, во издание на Македонско-хрватското друштво од Тетово.
Осумдесетгодишниот Дамјановски, кој е автор на 20 романи, две книги со раскази и новели и книга со избрани драмски текстови, и со новото дело продолжува да ги запишува сведоштвата за времето во кое живеела една генерација.
Според него, егзистенцијалните проблеми и предизвиците со кои се соочува секој човек постојано биле централна тема во неговите дела.
„Како книжевен творец, горделив сум на својата уметничка трага во културата на својот роден град Тетово и пошироко. Во делата, отворено и без предрасуди навлегов во контрапунктовите од менувањето на свеста, во егзистенцијалните проблеми и страдања на обичниот страдалник од нашето поднебје. Во својата литература се задржував на разни области од животот, ама тоа што најмногу ме инспирира е да се вовлекувам во пулсирањето на животот. Ја барам смислата на животот, ама барањето на смислата не се однесува само на барањето, па затоа тематската преокупација има многу сложени значења. За ново дело се инспирирам од животот, што предизвикува одблесок на светлината внатре во неспокојот на човековата душа“, вели Дамјановски.
Историчарот Бранислав Светозаревиќ Покорни ја нагласува важноста од запишувањето на приказните за едно место – сеќавањата на луѓето, локалните настани и обичаи…
„Истражувањата на историјата на секојдневниот живот се од непроценливо значење за човештвото. Во времиња кога се фаворизира историјата што ни ја раскажуваат политичарите, генералите и други влијателни личности, историјата на обичниот човек има суштинско значење. Таа историја е суштинска и дава одговор на две суштински прашања на кои ниедна наука самостојно не може да даде одговор. Тоа се прашањата: зошто историјата се повторува и зошто народите се такви какви што се. Романите и приказните ни откриваат значајни аспекти што ни помагаат да ги разбереме одговорите на овие две прашања“, вели Светозаревиќ Покорни.
Дамјановски најавува дека размислува да продолжи со работа на својот роман „Време за времето“, но признава дека моментално не е во творечка кондиција.
„Не сум во творечка кондиција, ама сè уште размислувам да го продолжам мојот роман ‘Време за времето’. Секое утро во мене се разводнува тишината во разјаснување на смислата на животот. Толкувањето на вредностите во моето книжевно дело останува најважна работа за мене, зашто повеќе не може да се има подолгорочни цели, а аголот за фиксирање на мислите станува духовен талог во потсвеста. Мојата книжевност е метафора за животот“, заклучува Дамјановски.
Маја Пероска


