Модуларната болница во Струга повторно ќе почне со работа

Фото: Министерство за здравство / Фејсбук

Модуларната болница во Струга, која неколку години е надвор во функција, а која беше изградена за време на пандемијата на ковид, повторно ќе биде ставена во функција. Од струшката општа болница велат дека нејзините капацитети ќе бидат повеќе од потребни за подобрување на просторните услови и подобрување на условите за работа на дел од болничките одделенија.

„Тука ќе бидат сместени инфективно одделение, гастроентероскопија и болничката аптека, како и архивата. Со тоа што кога тие ќе бидат префрлени во тој дел, ќе се ослободат нови амбуланти за супспецијалистите што ги имаме, а кои во овој момент немаат соодветен простор за работа“, вели Владимир Бунчески, директор на Општа болница Струга.

Во меѓувреме се работеше на комплетна промена на електричната инсталација, се прават нови преградни ѕидови, со што се создаваат простори за нови амбуланти. И министерот за здравство Сашо Клекоски при неговата неодамнешна посета на болницата во Струга потврди дека некогашната модуларна болница повторно ќе проработи.

„Се презема конкретен чекор – поранешната ковид-болница се става во функција за амбуланти. Така се ослободува простор за нови специјалистички услуги за да добиваат пациентите повеќе прегледи тука, во својот град. Простор што со години стоеше неискористен, сега им се враќа на пациентите“, рече министерот Клекоски.

И во Охрид размислуваат модуларната болница повторно да почне со работа. Станува збор за објект од 690 квадрати, кој е во добра состојба. Но, пред да биде повторно ставен во функција, мора да се решат проблемите со кои се соочува.

„Основниот проблем е кондензацијата што се создава во модуларната болница и има уште неколку критериуми во однос на водоинсталација и покрив и под, кои треба ние како болница да ги репарираме, како би добиле согласност за користење на модуларната болница“, вели Горан Маркоски, директор на Општата болница во Охрид.

Маркоски вели дека во модуларната болница би ги префрлиле амбулантскиот дел, дел од администрацијата, како и дел од одделенијата што вршеле дејност само во прва и втора смена.

М. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE