Фото: Детски хор „Крешендо“
Тетово има културни институции, уметници, здруженија и млади што создаваат, но прашањето е колку градот нуди можности за нивен развој.
Диригентките од детскиот хор „Крешендо“ сметаат дека Тетово има голем културен потенцијал, но дека можностите за негово реализирање се ограничени. Тие укажуваат на потребата од повеќе настани, простории и постојана поддршка.
„Има настани, но тие се ретки. Конкретно за хоровите и за музичките колективи можностите за настап се ограничени, па често мораме сами да иницираме активности. Недостига континуирана поддршка, особено финансиски средства, кои се неопходни за квалитетна организација и за реализација на културни проекти. Тука е и медиумската промоција што би требало да е на повисоко ниво. Уметниците се оставени сами да се снаоѓаат, а тоа е голем товар за нас“, вели диригентката Фотини Георгиадис-Кировска.
Од хорот забележуваат и дека интересот за културата е особено изразен кај децата, но опаѓа кај повозрасните млади.
„Интересот најчесто е концентриран кај децата до одредена возраст, приближно до 15 години. Треба посериозно да поработиме на создавање содржини и можности што ќе ги привлечат и повозрасните млади генерации, за да не престанува интересот кон културата со детството, туку да продолжи и понатаму“, смета диригентката Марија Пулковска-Здравковска.
Музејот на тетовскиот крај во моментов е простор каде што голем дел од културните работници функционираат. Оттаму велат дека се трудат да им дадат поддршка на сите заинтересирани културни работници, како и на младите, со цел Тетово да има побогата културна содржина.
„Музејот служи како чувар на културното, историското, етнолошкото и археолошкото наследство. Покрај музејските поставки, во институцијата се организираат и ликовни работилници, изложби, промоции на книги и тематски настани. Музејот соработува и со основните и средните училишта, како и со здруженија од областа на културата и уметноста. Се трудиме да организираме што повеќе активности за подигање на културната свест“, вели Миќо Стојчески, директор на Музејот.
И двете страни се согласуваат дека на Тетово му се потребни повеќе простори и поразновидни културни содржини. Од „Крешендо“ посочуваат и на потребата од поголема соработка меѓу уметниците и меѓусебно почитување.
„Треба да научиме повеќе да ја цениме работата на локалните уметници и културни работници, да го препознаваме нивниот труд и да се поддржуваме едни со други. Имаме многу луѓе што вложуваат труд во културата, но понекогаш најмалку ја цениме токму работата што е создадена во нашата средина. Само со меѓусебна почит, соработка и поддршка можеме заеднички да ја подигнеме културата на едно повисоко ниво“, заклучуваат диригентките од детскиот хор.
Во Музејот Стојчески најавува поголема отвореност кон младите. Наскоро се планира активирање на кафулето во рамките на Музејот, кое, како што вели директорот, треба да стане „сврталиште“ за младите ентузијасти и место каде што ќе се раѓаат идеи за збогатување на културниот живот.
Маја Пероска


