Хотелиерите се жалат на послаба туристичка сезона и сериозен пад на директни чартер летови покрај Охридско Езеро

Фото: М.Т.

И додека државата се фали со зголемување на бројот туристи, хотелиерите и туристичките работници од Охрид се жалат дека оваа туристичка сезона покрај Охридско Езеро била една од послабите во последните неколку години по пандемијата на ковид-19. Во текот на јуни и јули, капацитетите биле исполнети минимално, до само 40 %, додека најдобар месец ова лето бил август, особено деновите пред илинденските празници и потоа.

„За разлика пред празникот и по празникот 2 Август, има намалување на туристи во поглед на информациите што ние ги имаме и од информациите од хотелиерите. Сето тоа се должи на глобалната ситуација во која се наоѓаат сите, како и секојдневните нови случувања и војни“, вели Јаким Маленко, сопственик на туристичката агенција „Вис Пој“ од Охрид.

Дополнителен проблем се и откажувањето на неколку големи туроператори од Холандија и од Полска до Охрид, кои во изминатите десетина години организирано со чартер авиони носеа гости во хотелските капацитети, што сериозни влијаело врз нивната исполнетост.

„Изгубивме големи туроператори што доаѓаа со чартери со туристи што доаѓаа директно на 7 и 14 дена во хотелските сместувачки капацитети и дел во приватните сместувачки капацитети. Од четири-пет туроператори што оперираа со чартер летови до Охрид, сега сме сведени на еден туроператор. Сега имаме туристички чартер само од Туи, Холандија. Ги изгубивме Полјаците, односно „Ренбол“ и „Регобис“, кои не доаѓаат повеќе со чартери, исто така и „Корендон“ од Холандија не доаѓаат повеќе. Тоа се три сериозни компании што носеа минимум седум до осум чартери со туристи неделно“, вели Јаким Маленко, сопственик на туристичката агенција „Вис Пој“ од Охрид,

До охридскиот аеродром почнаа да оперираат нови авиолинии од две дестинации до Полска, но со нив доаѓаат исклучиво индивидуални гости.

„Многу често ја користат оваа дестинација, нашиот град како отскочна даска за да направат еден круг поголем и да искористат и да видат што повеќе. Треба добро да се размисли како да ги вратиме тие чартери што ги имавме наменето строго за туристи и организирано носење гости“, вели Јаким Маленко, сопственик на туристичката агенција „Вис Пој“ од Охрид.

„Годинава немаше ниту холандски гости, нема ниту гости од Полска, ги нема алотманите што тековно беа од мај до октомври и сите ние можевме да планираме и со кадар и со капацитет. ‘Визер’ има летови од аеродромот во Охрид до Катовице и Вроцлав, и донесе тренд на полски туристи, кои букираат индивидуално, но тоа не се масовни резервации, туку индивидуални, кои овие капацитети не можат да ги покријат“, вели Ана Јанчева, менаџерка на хотел „Дрим“ во Струга.

Сезоната, вели Јанчева, ја отсликале резервации во последен момент, поради актуелните глобални случувања, како и кратки престои. Исто така, намалувањето на интересот за дестинацијата е и поради намалувањето на видливоста за неа.

„Мора да се соочиме и со тој факт. Многу повеќе содржини треба конечно да ги имплементираме и не да се засноваме на ова што го имаме постигнато за два-три месеци, туку треба да постигнеме поголем тренд, со тоа што ќе ја прошириме туристичката сезона на шест месеци, па и на цела година. И затоа сите треба многу малку да дадеме за да постигнеме многу во таа сфера, но и да привлечеме што повеќе туристички инвеститори“, вели Михајло Филев, бизнисмен од Охрид.

М. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE