Крива Паланка подготвува нова Стратегија за млади 2027-2030

Фото: Општина Крива Паланка / архивска фотографија

Младите од Крива Паланка во претстојниот период ќе имаат можност да ги кажат своите проблеми, идеи и потреби пред релевантни слушатели. Недоволните можности за културно-забавни иницијативи, немање простор за младински дружби со оглед дека се затвори „EU House“, образование, спорт… и се разбира проблемот што во последните години го празни градот – желбата за подобра егзистенција што младите најчесто ја бараат во некоја европска земја.

Општина Крива Паланка ќе организира работилници со младите, со цел да се слушне нивниот глас и самите млади да ги идентификуваат приоритетите што ќе бидат основа за донесување на новата Локална стратегија за млади за периодот 2027-2030 година, во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“.

„Крива Паланка е една од првите шест општини во државата вклучени во овој процес, со цел да се создаде стратегиски документ што ќе одговори на потребите и на приоритетите на младите и ќе го унапреди нивното активно учество во локалното одлучување. Новата стратегија ќе се заснова на начелата на Агендата за млади, мир и безбедност (Youth, Peace and Security – YPS), која ја нагласува улогата на младите како активни чинители во градењето мир, доверба, општествена кохезија и инклузивни заедници“, истакнуваат од локалната самоуправа.

Во согласност со Агендата за млади, мир и безбедност, во процесот ќе биде вклучена и родовата перспектива, преку еднаквите можности, инклузијата и употребата на родово сензитивен јазик, со цел да се препознаат различните потреби и можности на младите жени и мажи, како и на младите од различни социјални групи и средини, појаснуваат надлежните.

Младите од градот се скептични дека ќе се создадат доволно добри услови за младите, но сепак ги охрабруваат напорите на локалната самоуправа.

„Несомнено денес градот е многу подобар за разлика од порано. Убав, чист, но можностите за младите се ограничени. Добро е што Општината дава стипендии за учениците од прва година во средно образование, тоа е добра мотивација, но сепак оние што потоа заминуваат на факултет, сѐ поретко размислуваат да се вратат во родниот град“, вели младиот Петар.

Зошто е тоа така, одговор на прашањето даде негов врсник, 17-годишниот Јаков.

„Младите сакаат кино, можеби некој театар, тоа во Крива Паланка го немаме. Спортски терени нема доволно, па и не се баш секогаш бесплатни и достапни за секого. Свирки, млади, дружби…. Знаете како е во помал град. Дури и да сакам да останам тука, нема да можам да најдам добро платена работа ниту со факултет“, појаснува младиот кривопаланчанец.

„Мало место е Крива Паланка, се знаеме сите меѓу себе. Се дружиме, но имам впечаток дека оние деца што се на ‘некој и некого’ имаат поголеми привилегии во училиште и секаде“, смета млада средношколка од Крива Паланка.

„Проблем е што се затвори ‘EU House’, тоа ни беше убаво уредено катче каде што често организиравме работилници и се собиравме“, вели ученичка од втора година од кривопаланечката гимназија „Ѓорче Петров“.

„Сега има повеќе стручни профили во гимназијата, тоа значи повеќе можности за избор на стручен смер, и тоа е добро“, споделува млада кривопаланчанка.

Од Општина Крива Паланка велат дека изработката на новата Локална стратегија за млади претставува можност за воспоставување појасна и долгорочна рамка за развој на младинските политики во Крива Паланка, заснована на реалните потреби на младите, нивното активно учество и партнерството меѓу младите, локалната самоуправа и другите релевантни чинители.

„Процесот ќе се реализира преку блиска соработка помеѓу службеникот за млади, Одделението за локален економски развој и евроинтеграции и координаторката за еднакви можности. Ова заедничко партнерство ќе обезбеди родовата перспектива целосно да биде препознаена во идните приоритети, мерки и во следењето на нивната реализација. На овој начин, фокусот на новата стратегија останува цврсто насочен кон младите и кон клучните начела на YPS-агендата (Млади, мир и безбедност)“, наведуваат од Општината.

Според податоците од претходната Стратегија за млади на Општина Крива Паланка 2019-2024, околу 22,3 % од вкупниот број жители се млади на возраст од 14 до 29 години. Образовниот систем во Општината го сочинуваат две основни училишта (со 12 подрачни училишта) и едно средно училиште.

Х. С.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE