Јавна расправа за решавање на проблемот со бездомните кучиња во Струга

Фото: Центар на заедницата на Општина Струга

Здружението Центар на заедницата на Општина Струга организираше јавна расправа во салата на Советот на Општина Струга, на која се дискутираше за решавање на проблемот со бездомните кучиња во градот.

На расправата присуствуваа и советници од сите политички партии застапени во Советот на Општина Струга. Иако сите се согласни дека е неопходно што поскоро да се најде решение за заштита на граѓаните и за зачувување на угледот на градот, несогласувањата се однесуваат на начинот на кој тоа треба да се постигне. Една од опциите што ја предлага Општината е изградба на стационар за згрижување на кучињата скитници, но меѓу советниците нема усогласеност околу времетраењето на договорот за јавно-приватно партнерство.

Претставникот на Општина Струга Осман Бајрами одржа кратка презентација во врска со физибилити студијата за центар за грижа и засолниште на бездомни кучиња, подготвена за потребите на Општината, а градоначалникот Менди Ќура посочи дека за него е најприфатлив предлогот за изградба на стационар со јавно-приватно партнерство.

Фото: Центар на заедницата на Општина Струга

Според проектот, од општинскиот буџет годишно треба да се издвојуваат 100.000 евра, без дополнителни финансиски обврски кон инвеститорот. Градоначалникот извести дека во изминатите години Општината исплатила околу пет милиони денари за обесштетување граѓани каснати од кучиња, но нагласи дека паричниот надоместок не може да ги надомести претрпените трауми.

Тој најави и можност за раскинување на договорот со инвеститорот во објектот доколку не ги даде очекуваните резултати, како и основање комисија што ќе го следи работењето на стационарот, во која ќе членува и советник од Советот.

Дел од присутните споделија вознемирувачки лични искуства со кучињата скитници – од напади врз луѓе и уништен автомобил од глутница, до напад во одгледувалиште во кое биле усмртени 100 зајаци.

Некои ја поздравија одлуката на Општината за обесштетување на граѓаните без поведување судска постапка, но сметаат дека тоа е само привремена мерка, а не суштинско решение на проблемот.

Н. К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE