Фото: Зоран Андонов
Тетово, град со два универзитети, сега добива и универзитетска библиотека. На предлог на Министерството за култура и туризам, Владата донесе Одлука за проширување на дејноста на Националната установа Библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово и нејзина трансформација во Универзитетска библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово.
„Одлуката претставува значаен чекор за Тетово како универзитетски центар и важен придонес кон унапредувањето на високото образование, на науката и на библиотечните услуги. Како национална установа од областа на културата, Библиотеката ‘Кочо Рацин’ – Тетово има важна улога во задоволувањето на културните, информативните и едукативните потреби на граѓаните на Тетово и на Полошкиот Регион. Со проширувањето на дејноста, библиотеката ќе обезбеди поширок пристап до своите фондови и услуги за студентите, професорите и за истражувачите“, соопштија од Министерството за култура и туризам.
Националната установа Библиотека „Кочо Рацин“ годинава ја прославува 80-годишнината од формирањето, па добивањето статус универзитетска библиотека претставува само уште една потврда за долгогодишната успешна работа на оваа установа.
„Пред пет месеци ја почнавме иницијативата нашата библиотека ‘Кочо Рацин’ да добие статус на универзитетска библиотека. Со добивањето на статусот универзитетска библиотека, ќе се добие една надградба што ќе ни овозможи да добиваме научни списанија и можност да бидеме поблиску до научната фела и до студентите. Исто така, според Законот за издаваштво, издавачките куќи по автоматизам ќе треба да доставуваат копија од секоја издадена книга и до нашата универзитетска библиотека. Освен ова, ние предвидуваме да се поврземе со библиотеките на Универзитетот на Југоисточна Европа и на Државниот универзитет во Тетово за ги добиваме по електронски пат нивните материјали, кои преку нашата библиотека ќе бидат достапни и за научници, истражувачи и читатели“, вели Бинас Пајазити, директор на библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово.
Тетовската библиотека сега располага со фонд од повеќе од 84.000 книги и околу 5.000 редовни читатели.
З.А.


