Оџачарите апелираат на редовно чистење на оџаците за безбедна зима и почист воздух во Куманово

Фото: А.М.

Редовно чистење на оџаците, користење суво и необработено дрво за огрев и избегнување согорување пластика, отпад и бојадисано дрво се дел од препораките што Здружението на оџачари, Општина Куманово и Територијалната противпожарна единица Куманово ги упатија до граѓаните во рамките на кампањата за безбедна грејна сезона и почиста животна средина. Еден од најискусните оџачари во Куманово, Амзир Рушити – Дино, кој својот занает го претвора и во хумана мисија, апелираше граѓаните да ги исчистат оџаците. Тој во Македонија е познат како човек што по трагедијата во Кочани бесплатно исчистил 62 оџаци. Тој и понатаму им помага на социјално загрозени семејства, сметајќи дека човечноста и солидарноста се поважни од заработката.

Од Здружението на оџачари посочуваат дека кампањата е потребна и поради ширењето на градот и фактот дека околу 35 проценти од домаќинствата се греат на цврсти и течни горива.

Амзир Рушити – Дино / Фото: А.М.

„Дојдовме до идеја да организираме кампања за да ги информираме граѓаните дека навреме треба да ги исчистат оџаците за да имаат безбедна и топла зима. Друг проблем е загадувањето на воздухот во Куманово, па сметам дека оваа кампања може да придонесе за негово намалување. Ќе продолжиме да апелираме не само оваа година, туку и во наредните години нашиот град да има почиста и поздрава животна средина“, вели Дино.

Здружението е формирано пред околу два месеца, а неговите членови веќе учествувале на меѓународен фестивал на оџачари во Италија, на кој се собрале околу 1.600 учесници. Како една од идните активности ја посочуваат можноста за организирање настан во Куманово и во Охрид по повод Светскиот ден на оџачарите, со учество на оџачари од земјата и од странство.

Од почетокот на годинава, тој заедно со пожарникарите учествувал во гаснење на 17 пожари на оџаци. Како ризици ги посочува птичјите гнезда, недоволно заштитените оџаци и поврзувањето со вентилациски канали, преку кои може да настанат проблеми и во становите.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Куманово Борис Станковски упати апел до граѓаните што живеат во индивидуални куќи и станбени згради редовно да ги чистат оџаците.

„Редовното чистење на оџаците многу ќе ни помогне, бидејќи ќе имаме помалку интервенции поради запалени оџаци. Граѓаните што имаат потреба од помош или контрола, можат да се обратат до Здружението на оџачари, а за превентивни активности и совети можат да ја контактираат и Територијалната противпожарна единица“, рече Станковски.

Тој извести дека во периодот од октомври до декември минатата година, како и во почетокот на годинава, кога температурите беа под нулата, пожарникарите интервенирале околу 40 пати поради запалени оџаци.

Борис Станковски, Командир на Територијалната противпожарна единица Куманово / Фото: А.М.

Покрај опасноста од пожари, греењето на дрва е поврзано и со загадувањето на воздухот. Професорката Афродита Зенделска од Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип посочува дека согорувањето на биомасата е еден од најзначајните сезонски извори на загадување во Куманово.

„Во грејната сезона се користи огревно дрво за затоплување во домовите, услужните и производните објекти, како и за производство на топлинска енергија за технолошките процеси. Овој извор може да учествува и со 60 отсто од вкупната маса на честички и најверојатно е основна причина за епизодите на екстремно високо аерозагадување“, вели Зенделска.

Според нејзините податоци, просечната концентрација на честичките од овој извор во декември изнесува 37,7 микрограми на кубен метар, а во јануари 38 микрограми на кубен метар, што е околу 50 проценти над годишната гранична вредност од 25 микрограми на кубен метар.

Зенделска предупредува дека природното потекло на дрвото не значи дека неговото согорување е безопасно за здравјето.

Според податоците на Зенделска, во чадот од согорувањето на дрвата се присутни најмалку 28 загадувачки материи, меѓу кои полициклични ароматични јаглеводороди и цијанидни соединенија. Од нив, 14 се дефинирани како канцерогени, а четири како висококанцерогени соединенија.

Редовното чистење на оџаците, правилниот избор на огревен материјал и избегнувањето согорување отпад, се мерки што можат да придонесат за побезбедни домови и почист воздух. Апелот на оџачарите и на пожарникарите е граѓаните да не чекаат да се појави проблем, туку навреме да ги преземат неопходните мерки за заштита.

А. М.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE