Сашка Ивановска Мирчевска од Куманово ја продолжува семејната традиција во изработката на кожа и крзно

Фото: А.М.

Кумановката Сашка Ивановска Мирчевска (39) е една од ретките жени во државата што се занимава со изработка на производи од крзно и кожа, занает што со децении се пренесува во нејзиното семејство. Таа е трета генерација што ја продолжува семејната традиција, а љубовта кон рачната изработка ја развила уште од најрана возраст, гледајќи го татка си како со трпение и прецизност создава уникатни производи.

Дел од рачно изработените производи Ивановска Мирчевска ги изложи во Занаетчискиот дом во Куманово, заедно со други занаетчии што учествуваа на регионалниот саем. Таа беше и меѓу занаетчиите што добија субвенции за поддршка на традиционалните занаети, со цел да се зачуваат старите занаетчиски вештини и да се поттикне нивниот понатамошен развој. Трпеливо, со прецизни движења и вештина стекната низ годините, Сашка ја покажа изработката на производите од кожа и крзно. Зад секој од нив стои процес што бара време, знаење и физичка работа, од обработката на суровината до готовиот производ.

„Во нашата занаетчиска работилница изработуваме производи од крзно и кожа. Процесот почнува со штавење на суровата кожа, што е прилично тешка работа и во која се вклучени и другите членови на семејството. Потоа, како тим, ги изработуваме производите. Денеска можеме да се пофалиме со широк асортиман, од топлинки, дајриња, тапани и традиционални опинци, до капи, шубари, елеци и други производи“, вели Ивановска Мирчевска.

Таа вели дека занаетот бара многу труд и трпение, но и дека токму можноста да создава нешто уникатно ја задржала во оваа професија. Освен традиционалните производи, креативноста ѝ овозможува да осмислува и нови модели, така што семејната работилница се приспособува на современите потреби на купувачите.

Сашка Ивановска Мирчевска / Фото: А.М.

„Занаетот е доста иновативен и ми овозможува да креирам нови производи. Татко ми ја прифати и мојата помош во примената на современата технологија, особено во интернет-продажбата. Се пронајдов во целиот процес и решив да останам и да помогнам во развојот на семејната работилница“, вели таа.

Во време кога многу традиционални занаети се соочуваат со недостиг од млади луѓе што би ги продолжиле, нејзиниот пример покажува дека семејното искуство може да се поврзе со креативноста и со современите начини на продажба.

Поддршката преку субвенции и организирањето саеми се дел од напорите за поголема видливост на занаетчиите и на нивните производи. На регионалниот саем во Куманово, занаетчиите имаа можност да ја претстават својата работа пред посетителите, да ги промовираат традиционалните вештини и да воспостават контакти со потенцијални купувачи. Претседателот на Регионалната занаетчиска комора Агрон Фазлији ја истакна потребата од поголема институционална поддршка и создавање услови за полагање мајсторски испити во Куманово.

„Важна е поддршката од институциите, особено за организирање мајсторски испити. За Куманово е проблем и географската положба, односно близината со соседните Србија и Косово, каде што дел од граѓаните одат да набавуваат стока. Секој има право да избира каде ќе купува, но сметам дека е потребно да се создадат услови локалните бизниси да бидат поконкурентни и да се задржи поголем дел од потрошувачката во Куманово“, изјави Фазлији.

Зачувувањето на занаетчиството е значајно и за културното наследство на градот. Занаетчиите имаат важна улога во развојот на Куманово, а препознатливата зграда на Занаетчискиот дом, во која се одржа манифестацијата, ја изградија самите занаетчии како подарок за градот. Од старите занаети се развил еснафот, кој имал значајна улога во создавањето и развојот на градската чаршија.

Развојот на занаетчиството, поддршката на малите претпријатија, зачувувањето на традиционалните вештини и образованието на младите кадри беа меѓу главните теми на манифестацијата. Најавените активности, меѓу кои и организирање саем со учество на занаетчии од Балканот, треба да придонесат за поголема промоција на локалните занаетчии и за поврзување на традицијата со новите можности за развој на економијата.

А. М.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE