Фото: Х.С.
Деведесет и четиригодишниот Димчо Занев од Ќустендил за првпат е во Кратово. Повод е неговото учество на фестивалот „Балканското наследство од 19 век“, чиј домаќин во изминатиот викенд беше Кратово.
Тој вели дека убаво се чувствува што е срдечно пречекан од организаторите, но и поради интересот за неговата работилница за изработка на кошници од природни материјали. Димчо на сите заинтересирани им појасни за својот занает што го работи со децении.
Веска Спасова, етнолог од Регионалниот историски музеј во Ќустендил, пак, со посебна жар пред присутните раскажа за нешто што многу е елементарно, но често го подзабораваме во ова брзо животно темпо – лебот може да нѐ обедини!
Спасова ја водеше работилницата насловена како „Еден леб – многу народи“, на која, меѓу другото, на крајот го покажа процесот на месење леб, од кој подоцна можеа да вкусат и македонските домаќини и гостите од соседна Бугарија.
Три дена Кратово – градот што е познат како музеј на отворено – беше место каде што се споија и македонскиот и бугарскиот фолклор, занаетите и културното наследство што нѐ врзува.
Низ повеќе градски локации – Градскиот музеј, градскиот плоштад и познатата Саат кула – посетителите имаа единствена можност да уживаат во спој на гастрономија, фолклорни изведби, креативни работилници и историски реконструкции. Пред публиката настапија и македонски и бугарски културно-уметнички друштва. Настанот беше заокружен со настап на познатата етно-група „Љубојна“.
„Идејата ни беше да создадеме културна зона преку која ќе ја покажеме поврзаноста на регионите. Партнерите, всушност, сме и пријатели. Ги обединивме секторите туризам, култура и образование во една заедничка иницијатива. Фестивалот е обединувачки настан во кој покажуваме дека општините од пограничниот регион, Крива Паланка, Ќустендил Дупница и Кратово, имаат многу заедничко во традициите при подготовката на храна, облека, музика“, вели менаџерката на проектот Ани Истаткова.
Таа нагласува дека Македонија и Бугарија се пријателски земји.
„Со овој настан сакаме да потврдиме дека културното наследство ни е заедничко. Ги покажуваме и ги споделуваме и сличностите и разликите, и ги доживуваме заедно – тоа покажува дека сме многу далеку од политиката што очигледно повеќе нè разделува“, вели Истаткова.
„Прекрасен е амбиентот во градот, со овие стари градби насекаде. Убаво се чувствуваме тука, веќе успеавме да се спријателиме со некои жители, а бевме и на пастрмајлија“, вели посетителка од соседна Бугарија.
„Градот Кратово како град на кули и мостови и староградска архитектура е идеално место за ваков настан. Ја поздравувам соработката со Република Бугарија, при што преку прекуграничната соработка успеавме да обезбедиме финансиска поддршка за реконструкција на старата училишна зграда ‘Кристалограверница’ во Кратово, стар објект што ќе биде со нов изглед, во функција на туризмот. Преку вакви настани имаме можност да се зближуваме со народите“, порача градоначалникот на Кратово Тодорче Николовски.
Фестивалот беше организиран со техничка опрема од Градскиот музеј Крива Паланка, која неодамна беше набавена во рамките на проектот „Културна област – Заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“, кој музејот го спроведува во партнерство со Регионалниот историски музеј Ќустендил, Музејот во Дупница и Здружението „Пеонија“.
Во рамките на истиот проект кривопаланечкиот музеј доби и пикап возило за своите потреби.
Х. С.


