Илустративна фотографија / Фото: З. Д.
Полицијата во Тетово годинава евидентирала 12 нарушувања на јавниот ред и мир и други инциденти меѓу малолетници од различни етнички заедници. За пет случаи се поведени прекршочни постапки против родители или старатели, а за два се поднесени кривични пријави до тетовското обвинителство. За уште еден случај се подготвува поднесок, додека четири сè уште се расчистуваат.
Полициските податоци доаѓаат по сведоштвата на родители за напади врз деца во градот. Порталот „Сакам да кажам“ неодамна објави сведоштво на родител, според кое петмина повозрасни малолетници физички и вербално нападнале две 11-годишни деца во центарот на Тетово. Во медиумите беа опишани и случаи на напади од малолетници Албанци врз врсници Македонци, а родители тврдат дека дел од нападите биле снимани и објавувани на Тикток. Во писмениот одговор СВР Тетово наведува дека во евидентираните инциденти учествувале малолетници од различни етнички заедници, без да прецизира во колку случаи е утврден етнички мотив.
Од СВР Тетово велат дека постапиле веднаш по секоја пријава. Во петте целосно расчистени случаи се утврдени сторителите, а против родителите или старателите се поведени прекршочни постапки во согласност со член 34 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
„За овие случаи се комплетирани доказите, при што две кривични пријави се веќе изготвени и доставени до Основното јавно обвинителство Тетово, додека едно кривично дело е во фаза на завршување и во најскоро време ќе биде проследено до надлежното ОЈО“, наведуваат од СВР Тетово за трите кривични предмети.
Од четирите случаи што сè уште се расчистуваат, во два полицијата вели дека ги знае сторителите и чека извештај од Центарот за социјална работа. За преостанатите два има осомничени лица и се работи на документирање на настаните.
„СВР Тетово ги отфрла наводите дека случаите биле игнорирани“, стои во одговорот. Од полицијата велат дека ја евидентираат секоја пријава, преземаат мерки на терен, разговараат со децата и со родителите и прегледуваат видеозаписи, вклучително и материјали од социјалните мрежи кога има индиции дека се поврзани со случајот.
Според СВР Тетово, за секоја пријава веднаш се известуваат Центарот за социјална работа и дежурните обвинители за малолетници. Разговорите со децата се водат во присуство на родители, социјални работници и психолози. Од полицијата велат дека стручната обработка на случаите понекогаш бара дополнително време.
Како превентивни мерки, од СВР Тетово ги наведуваат предавањата, работилниците и средбите со ученици, наставници и родители во основните и средните училишта. Активностите се насочени кон спречување на врсничкото насилство, поттикнување на толеранцијата и спречување на создавањето и на споделувањето навредливи содржини на интернет.
СВР Тетово апелира случаите да не се политизираат и да не се користат за поттикнување меѓуетничка нетрпеливост. Од родителите бараат секој сомнителен или насилен настан веднаш да го пријават во најблиската полициска станица или на бесплатниот број 192.
З. Д.


