Фото: Локал Актив
Со театарски, хорски и други музички настапи, како и видео-проекции синоќа во Тетово се одржа мултимедијална манифестација „Сите сме борци“ по повод 19 Ноември – Денот на ослободувањето на Тетово во Втората светска војна.
Свеченоста е во организација на Сојузот на борци од НОАВМ и граѓаните продолжувачи од Тетово. Претседателката на нивната општинска организација, Лилјана Симовска рече дека Тетово во Војната дало плејада славни борци, три партизански одреди и два народни херои – Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Циповски-Мерџан кои за неа се најсветлата точка во историја на градот.
„Ова минато не е само за историските книги. Ова минато нè задолжува, нè опоменува и нè предупредува. Ова минато треба да нè инспирира. Ова е црвената национална линија на нашето достоинство и опстој. Не постои друга историска вистина, ниту добар и чесен е било чиј обид оваа историска епопеја да се релативизира, да се рекомпонира или да се прикаже во поинакво светло или, пак, на начин на кој славата и големината ќе припаднат на оние против кои нашите дедовци се бореа и изборија“, рече Симовска.
Претседавач со градскиот одбор за доделување на признанијата „19 Ноември“, Даријан Сотировски за „Локал Актив“ вели дека оваа манифестација е централен настан во текот на годината во Тетово, настан за градско собирање, за чествување на хероите и вистинските вредности.
„Пред осум години група културни работници и граѓани во соработка со Сојузот на борците од НОАВМ – Тетово ја обновивме традицијата да се одбележува овој значаен ден откако Општина Тетово го заборави 19 Ноември и сите негови антифашистички, слободарски и државотворно вредности. Пред неколку години го обновивме и доделувањето на Градското признание ‘19 Ноември’ кое Градскиот одбор го доделува на истакнати граѓани, организации и институции за животно дело или особен придонес во дадена област“, вели Сотировски.
На манифестацијата им беа доделени признанија за особен придонес и создавање трајни вредности на новинарот Александар Видиновски, ОУ „Андреја Савески-Ќиќиш“, планинарскиот клуб „Тетекс“, меморијалниот турнир во одбојка „Бранко Хацииљоски-Чајка“, музичката група „Серенада“, стопанственикот Роберт Дојчиновски, како и на тенисерката Лина Ѓорческа.
Признание за животно дело во областа на книжевноста и образованието ѝ беше доделено на поетесата Славица Дабевска-Кировска.
На 19 ноември 1944 година Тетово е последниот македонски град што бил ослободен од фашистичкиот окупатор во Втората светска војна. Со неговото ослободување, всушност, се заокружува ослободувањето на цела Македонија.
З. Ј.

