Фото: Локал Актив
Климатските промени, дивосечата и дивопашата се најголем притисок на шумите во земјите од Дримското сливно подрачје. Тоа беше еден од заклучоците на тркалезната маса „Интегрирано управување со шумите на Западен Балкан: Научени лекции, предизвици и насоки за иднината“ што се одржа во Струга, во рамките на проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“.
Од подружницата за шумско стопанство „Јабланица“ – Струга посочуваат дека шумите во Струшко најмногу страдаат од пожари и нелегална сеча, и оти немаат доволно ресурси за целосна заштита од девијантното влијание врз шумскиот фонд, што го нарушува биодиверзитетот.
„Немаме ниту возила ниту други помошни средства за брзо и навремено да пристапиме кон гаснење пожар. За да се спречи и да се намали интензитетот на пожарот, битно е во почетокот кога тој почнува да гори, да пристапиме за да може брзо да се спречи, за што немаме доволно техничка опрема и возила“, велат од подружницата „Јабланица“.
Преку проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“, по течението на реката Дрим од македонска страна се засадени 17.000 садници на површина од шест хектари на две локации во Дебар, додека на територијата на Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, во изминатите четири години се засадени повеќе од 119.000 автохтони дрвја на површина од 119 хектари.
Проектот го реализира ЦНВП Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, во партнерство со ICEP – Здружение за глобален развој, со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој (ADA).
Н.К.

