Одвеани покриви и паднати дрвја – невреме со силен ветер предизвика материјална штета во Полошко

Фото: ЈКП – Тетово

Невреме со силен ветер синоќа околу 22 часот го зафати Тетово. Ветрот што интензивно дуваше речиси три часа предизвика материјална штета со откорнати покриви и искршени дрвја.

Командирот на ТППЕ – Тетово, Авни Амети за „Локал Актив“ изјави дека синоќа имале вкупно 15 интервенции во Тетово и во Тетовско како последица на ветрот и вели дека за среќа нема повредени.

Расчистување на паднат покрив по невремето / Фото: ЈКП - Тетово

„Имаше откорнати два покриви од куќа и од зграда. Поради тоа улицата ‘Индустриска’ беше затворена за сообраќај околу два-три часа. Имавме соборени дрвја и бандери. На некои места имаше прекини во снабдувањето со електрична енергија. Причинета е голема материјална штета“, вели тој.

Амети вели дека имало паднати дрвја во дворот на ОУ „Гоце Делчев“ во Тетово и во кругот на Клиничката болница.

„Ветрот беше многу силен. Траеше околу три часа. Очекуваме налети на силен ветер и денеска и утре. Апелираме граѓаните да бидат претпазливи и кога дува силен ветер да останат во своите домови“, изјави Амети.

Силниот ветер ги расчешла веќе пожолтените листопадни дрвја па тетовските улици беа прекриени со есенско руво што им отвори работа на комуналните служби. Тие денеска ги расчистуваа и остатоците од паднатите дрвја.

Невреме и во Гостивар

Синоќа силен ветер дуваше и во Гостивар. Според директорот на ЈП „Јавни паркинзи и зеленило“ – Гостивар, Бејтула Нухиу, невремето не причинило поголема штета освен едно откорнато дрво во дворот на ОУ „Гоце Делчев“ – Гостивар.

„Од тоа што досега го имаме констатирано, нема друга штета бидејќи навреме ги поткастривме дрвјата. За тие што претставуваа опасност, добивме дозвола од Општината и ги елиминиравме. Силен ветер дуваше цела ноќ“, изјави тој за „Локал Актив“.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска и за утре најавуваат повремено засилен ветер особено во западните делови од Македонија.

З. Ј. 

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE