Фото: М. Т.
И покрај тоа што лежи на две води – реката Црн Дрим и Охридското Езеро – Струга честопати има проблем со редовното водоснабдување, од дефекти на водоводната мрежа до намален притисок и рестрикции. Стружани деновиве повторно останаа без чиста вода за пиење откако дојде до заматување на водата, па од нивните чешми течеше вода со темнокафеава боја. Охридскиот Центар за јавно здравје констатираше матност над дозволените граници од 1.5 НТУ откако беа земени примероци на вода од неколку мерни пунктови.
„Од последните анализи на примероците на вода е констатирано подобрување на нивото на заматеност, но сè уште останува на сила забраната за користење на водата за пиење. Ги молиме граѓаните да не ја користат водата за пиење, туку исклучиво за технички потреби, сè до следното известување“, се вели во известувањето на Водовод Струга.
Директорот на јавното претпријатие Јованчо Мечкароски вели дека е свесен за проблемот.
„Во сите мои настапи нагласувам дека при вакви обилни врнежи од дожд, може да дојде до одредена ваква појава односно до мало заматување на водата. За разлика од порано, ние во овој момент реагираме и сме постојано на терен со сите можни опции што ги имаме и ги преземаме за да се санира состојбата што побрзо. Ваквите ситуации ќе ни бидат и во наредниот период на товар нам како јавно претпријатие. Меѓутоа, дали ќе дојде до забрана на водата за пиење или нема да дојде, ние чекаме одговор од надлежните институции што ги вршат соодветните испитувања“, вели Мечкароски.
Струга со години наназад се соочува со овој проблем. При секои пообилни врнежи од дожд, доаѓа до заматување на изворите во Шум и во Горна Белица од каде што градот и околните населени места се снабдуваат со вода за пиење. Пред една година Струга два месеци остана без вода за пиење откако дојде до заматување на изворите во Шум, а забраната беше на сила подолго време. Стружани набавуваа флаширана вода, полнеа вода од чешми, или пак од цистерните што неколку дена за потребите на граѓаните ги обезбеди јавното претпријатие Водовод. Се утврди дека до заматување на изворите дошло поради одредени ископувања над самите извори. Проблемот целосно сè уште не е решен.
Но, стружани добро се сеќаваат што ги снајде пред една година кога поради заматување на изворите во Шум, два месеци останаа без вода за пиење, а проблемот и таму сè уште не е целосно решен.
Мики Трајковски

