Регионалниот систем за управување со отпад за Пелагонискиот и за Југозападниот регион се очекува да биде целосно воспоставен во 2030 година

Депонија Буково / Фото: М. Т. 

Регионалниот план за управување со отпад за Пелагонискиот и за Југозападниот дел на Македонија, покрај изградба на современа регионална депонија што треба да се гради кај битолско Новаци, опфаќа и изградба на четири претоварни станици, како и собирни центри за различни фракции отпад, но и затворање на постојните нестандардни депонии и диви ѓубришта, вкупно 16 во целиот регион, но и обезбедување финансиска конструкција, подобрување на селекцијата и засилена комуникација со граѓаните. Се очекува претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад во Новаци да се функционални во 2030 година. Предвидените финансиски средства за ваквите активности се проценети на 45,5 милиони евра. Досега се обезбедени 30 милиони.

„Очекуваме и претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад да се функционални некое време во 2030 година. Она што останува е да се зајакнат капацитетите, но и самиот начин на работење на комуналните претпријатија да се смени во согласност со барањата на новиот систем. Работата со граѓаните е исто така многу битна. Нивно активно учество е интегрален дел од самиот план за управување со отпад“,  вели Емил Ангелов, раководител на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“.

Во меѓувреме треба да се затвори и охридската депонија Буково, каде што Охрид го носи сопствениот смет. Веќе е избран проектант за затворање на депонијата. Проектната документација за Буково треба да ги даде насоките како во поглед на финансиската конструкција потребна за затворање на депонијата, така и за фазите и временскиот период во кој ќе биде затворена.

„Очекуваме дека во текот на следната година, проектната документација за депонијата Буково ќе биде завршена. Општина Охрид до Министерство за животна средина и Агенцијата за планирање на просторот предложи локација за претоварна станица во областа „Мауцкер“. Откако ќе биде завршен тој проект и биде доставена односно отпочната постапка за издавање одобрение за изградба на таквата претоварна станица, и ние како сектор за урбанизам во Општина Охрид ќе постапиме по поднесениот предлог-проект“, вели секретарот на Општина Охрид, Александар Китески.

Во претоварната станица во Мауцкер кај Охрид, отпадот ќе се носи и од општините Струга, Вевчани и Дебрца и Ресен. Сето ова беше посочено на информативната сесија што се одржа во Охрид.

Мики Трајковски

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE