Фото: Црвен крст – Охрид
Интересот за спасители на вода во последните неколку години е сѐ помал помеѓу помладите, иако потребата од нив е голема, особено покрај Охридско Езеро, како и на отворените и затворените базени. Пред почетокот на летната сезона 2026 година, 22 кандидати се пријавија за спасители, а само 15 од нив успешно го поминаа двонеделниот курс. Критериумите се многу строги, ако се знае дека идните спасители ќе треба да се соочат со разни ситуации на терен, од пружање прва помош и заштита, до вадење активни давеници од вода.
„Интересот може да се каже дека речиси и да го нема какo желба да се биде спасител на вода. Сите млади се трудат да излезат надвор од државата и да не останат да работат тука, па може тоа да биде и причината. За мене во Македонија ова е многу убава работа, бидејќи ја сакам професијата и затоа се одредив на овој пат. Не ја чувствувам како работа, ова за мене е мисија“, вели Арсениј Ѓоршески, спасител на вода.
Професијата покрај што е хумана, со себе носи и голема одговорност. Спасителите откако ќе ја поминат обуката се стекнуваат со лиценца што е меѓународна призната насекаде низ светот. Поради тоа не е мал бројот на оние што сега работат како спасители низ САД и Европа на тамошните плажи, базени или аквапаркови наместо да останат во земјата.
„Има спасители што ги познавам и кои веќе се во Америка и работат како спасители на базени“, вели Ѓоршески.
„Секој гледа да се снајде, иако тие имаат договори овде со Црвениот крст, затоа што се обучуваат да одработат одреден број часови. Има и спасители што отишле за повисоки примања, иако месечните надоместоци што спасителите ги добиваат овде се повеќе од солидни“, вели Сашо Точков од Црвениот крст Охрид.
Дополнителен проблем е што оние што стопанисуваат со плажите во Струга и во Охрид, сѐ почесто ја избегнуваат својата законска обврска и не ангажираат спасители на вода, кои се значаен сегмент за безбедност на самите капалишта. Во Охрид летово беа ангажирани само 15 спасители на 12 плажи, додека во Струга имаше спасители само на две локации.
М. Т.

