Музејската збирка на музејот во Струга надополнета со нови ендемични видови фауна од Охридско Езеро

Фото: Музеј „Никола Незлобински – Струга“

Музејот „Никола Незлобински – Струга“ во изминатиот период го реализираше проектот „Колекционирање видови од фауна на дно од Охридското Езеро“. Во овие активности беа вклучени два кустоси биолози од музејот, Данче Аџиоски и Сејмира Дибра – Ќура.

„Теренските истражувања за колекционирање фауна на дно беа извршени на пет локалитети во Охридско Езеро од три длабински точки, при што беа собрани примероци од различни таксономски групи“, велат од музејот.

Проектот се реализира во соработка со стручниот тим од Одделението за фауна на дно, при ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, составен од д-р Билјана Буџакоска Ѓореска и д-р Сашо Трајановски. Земените примероци беа обработени во тамошната лабораторија, а сега се изложени во музејската поставка на музејот во Струга.

Фото: Музеј „Никола Незлобински – Струга“

„Со ова се надополни музејската збирка со нови ендемични видови фауна на дно што имаат непроценливо значење за Охридско Езеро. Со нивното стручно чување, обработка, документација и презентација, нашиот музеј дава значаен придонес во зачувувањето, проучувањето и афирмацијата на природното наследство на Охридскиот Регион“, додаваат од струшкиот музеј.

Оваа значајна музејска збирка од фауната на дното од Охридско Езеро е достапна за посета во музејот во Струга. Од Хидробиолошкиот институт во Охрид велат дека е од големо значење кога силни тимови делат ист ентузијазам и соработуваат во корист на уникатното Охридско Езеро.

М. Т.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE