Се чистат, па се полнат: зошто дивите депонии во Охрид и во Струга се вртат во маѓепсан круг

Фото: Ѓоко Зороски

Илјадници странски туристи секоја година го посетуваат Охридско Езеро и се враќаат назад делумно и со грдата слика од многубројните диви депонии во околината на Охрид и Струга. Додека комуналните служби во општините бројат стотици интервенции и тони подигнат смет, инспекциските контроли на терен речиси и да не постојат, оставајќи ги бисерите на македонскиот туризам заробени во бесконечен круг на загадување.

Автори: Ѓоко Зороски* и Сара Танаскоска**

 

Струга и Охрид во лето имаат една своја посебна слика. Езерото, полните улици со туристи, кафулињата, автомобилите и метежот. Двата града живеат од туризам, но со секој нов гостин расте и нешто друго – количината отпад.

Купишта градежен шут, стар мебел, пластика, зелен отпад и најразличен тип комунален отпад се појавуваат покрај патишта, во населби каде што во туристичката сезона престојуваат илјадници граѓани, но и на периферијата на градовите.

Но, проблемот не завршува со заминувањето на туристите. Напротив, дел од отпадот останува, се таложи, а на одредени места повторно се создаваат диви депонии.

За 59-годишната Љубица, која живее во Охрид, дивите депонии се проблем што не се појавува само во еден дел од годината. Напротив, во одредени периоди станува уште повидлив. Најкритични се летните месеци, кога градот е преполн со туристи, но и периодите кога граѓаните масовно ги чистат домовите и дворовите.

„Најмногу ѓубре има во периодот на шпицот на туристичката сезона, во јули и август, како и за време на поголемите празници кога градот е преплавен со гости“, вели Љубица.

Според неа, дополнителен проблем се и пролетното чистење и есенското согорување и фрлање на градинарскиот отпад. Тогаш, покрај контејнерите или во природата, завршуваат шут, стар мебел и друг отпад што граѓаните немаат каде или не сакаат да го одложат на соодветен начин.

„Комуналните служби периодично интервенираат, но најчесто станува збор за реактивни мерки наместо за системско решавање на проблемот. Чистењето се случува дури откако состојбата ќе стане критична и откако јавноста ќе укаже на тоа“, вели таа.

Според нејзината сосетка Весна (47), отсуството на постојан теренски надзор и контрола остава простор истите места повторно да се претворат во диви депонии.

„Тоа резултира со маѓепсан круг – депониите се расчистуваат, но поради недостиг од постојана контрола и строги санкции, на истите локации за кратко време повторно се создаваат диви депонии.“

Сепак, Весна смета дека одговорноста не може целосно да се префрли врз институциите.

„Многу е до самите нас и до нашата свест. За жал, сè уште имаме поединци што со целосна рамнодушност го фрлаат својот отпад, шут или стар мебел каде било во природата, уништувајќи го она што ни е највредно “, нагласува таа.

Во 2025 година имало 530 диви депонии на територијата на Општина Охрид

Она што охридските соговорнички го опишуваат како маѓепсан круг, бројките на ЈП „Охридски комуналец“ го покажуваат во конкретни количини.

Во текот на 2025 година, службите на претпријатието расчистиле 530 диви депонии на територијата на Општина Охрид. Но, количината отпад што се отстранува од овие локации покажува дека проблемот не е мал ниту изолиран.

Во 2024 година биле подигнати 2.798 кубни метри нелегално депониран отпад, во 2025 година количината се зголемила на 7.894 кубни метри, додека само во првото полугодие од 2026 година биле отстранети уште 1.547 кубни метри отпад. Тоа значи дека за само две и пол години од дивите депонии биле отстранети повеќе од 12 илјади кубни метри отпад.

Најчести интервенции, според „Комуналец“, има на повеќе локации во Охрид и околината – во станбениот комплекс и кај хотел „Младост“ во Даљан, во Лабино, Горна Порта, улиците „7 Ноември“, „Дејан Војвода“ и „Сирма Војвода“, на влезот во Охрид од страната на Скопје, како и во Трпејца и на патниот правец кон Велестово.

Фото: Ѓоко Зороски

Но, расчистувањето има и своја цена.

Од ЈП „Охридски комуналец“ велат дека во периодот од 2024 до 2025 година за расчистување на дивите депонии на територијата на Општина Охрид и на крајбрежниот појас од Даљан до кампот Љубаништа биле издвоени речиси 10 милиони денари. За расчистувањето и ракувањето со специјалната механизација биле ангажирани осум работници.

Сепак, ниту вложениот труд, ниту потрошените средства не значат дека проблемот е трајно решен.

И од „Комуналец“ признаваат дека „многу често и за краток период“ на истите локации повторно никнуваат нови диви депонии. Токму затоа, како едно од решенијата го посочуваат видеонадзорот и казнувањето на загадувачите.

Општина Охрид веќе започнала активности за поставување видеонадзор, а до крајот на 2026 година се очекува да бидат поставени камери на 30 локации мапирани како црни точки за диви депонии.

Недостасуваат превентивни мерки

Од граѓанскиот сектор проблемот го гледаат како прашање на превенција и институционална одговорност, а не само како потреба од почесто чистење. Константин Здравески, претседател на ЕКОМЕНЛОГ Охрид, смета дека најголемата слабост е во тоа што локациите често се расчистуваат без да се обезбеди постојан надзор по интервенцијата.

„Најголемиот проблем е што депониите се чистат, но причините за нивното создавање остануваат. Недостигаат постојан надзор, јасна институционална одговорност и превентивни мерки. Кога една локација ќе се исчисти, а потоа ќе се остави без контрола, прашање на време е кога повторно ќе стане депонија“, додаде Константин Здравески.

Во однос на превентивните мерки побаравме информации од општините Охрид и Струга. Од Општина Охрид одговорија дека според систематизацијата на Општината, предвидени се пет работни места за комунални инспектори, а пополнети се четири работни места, додека за инспектори за животна средина систематизирани се две работни места, а пополнето е едно работно место. Во одговорот од Општината посочија и дека ниеден од овие инспектори нема постапувано за незаконско одлагање отпад и создавање диви депонии на територијата на градот Охрид.

Од ЈП „Охридски комуналец“ велат дека во периодот од 2024 до 2025 година за расчистување на дивите депонии на територијата на Општина Охрид и на крајбрежниот појас од Даљан до кампот Љубаништа биле издвоени речиси 10 милиони денари. За расчистувањето и ракувањето со специјалната механизација биле ангажирани осум работници.

„Градот Охрид нема регистрирано посебни депонии и сите видови отпад се носат на депонијата во Буково“, стои во одговорот од овластениот инспектор за животна средина во Општина Охрид.

Од друга страна, од Општина Струга нѐ информираа дека во рамките на Општината работат пет комунални инспектори, од кои четири советници и еден помлад инспектор. Во Општина Струга работат и два инспектори за животна средина, од кои едниот е раководител на Одделението за инспекциски работи за комунални дејности, градби, животната средина и сообраќај.  

Во однос на бројот на инспекциски надзори поврзани со незаконско одлагање отпад и создавање диви депонии на територијата на Општина Струга, од локалната самоуправа добивме официјално известување дека во 2024 година се извршени 10 надзори, во 2025 година 15 надзори, а во досегашниот тек на 2026 година бројот на инспекциски надзори е 10, за што постојат соодветни записници.

„Со оглед на фактот дека сѐ уште не се исполнети условите за поставување видеонадзор на детектираните депонии, тешко е да се откријат сторителите што одлагаат отпад на незаконски начин на диви депонии, кои обично таквите дејства ги извршуваат во доцните ноќни часови“, додаваат во одговорот од Општина Струга.

Депониите се враќаат, системот допрва ќе се гради

Од Министерството за животна средина и просторно планирање оваа состојба ја гледаат како дел од поширок проблем во управувањето со отпадот на локално ниво.

Фото: Ѓоко Зороски

Според нив, дивото одлагање отпад во Охрид и во Струга е значаен предизвик, а причините не се сведуваат само на неодговорното однесување на граѓаните.

„Појавата на диви депонии е последица, меѓу другото, на недоволна покриеност со услуги за собирање отпад, несоодветно постапување со одредени видови отпад, недоволна контрола и повторно создавање на исчистени локации“, велат од Министерството.

Оттаму посочуваат дека бројот на дивите депонии не може да се третира како фиксна бројка. Локациите постојано се создаваат, се расчистуваат, а дел од нив повторно се полнат со отпад. Затоа, за да се утврди точната моментална состојба, потребна е теренска проверка. 

Ова е важно и за локалните власти, бидејќи без целосна евиденција тешко може да се следи дали една локација навистина е трајно решена или само привремено расчистена. Токму поради тоа, Министерството во септември 2025 година упатило препорака до општините за детално мапирање на состојбата со нерегистрирани локации со отпад и подготовка на планови за отстранување на дивите депонии.

Но, самото чистење не е доволно. Прашањето е што се случува потоа – дали на граѓаните им е обезбедена достапна услуга за правилно одложување на различните видови отпад, дали има доволно садови и возила, дали критичните локации се контролираат и дали сторителите се откриваат и се санкционираат.

Отпадот не останува само на копно

Додека институциите зборуваат за чистење, контрола и воспоставување регионален систем, проблемот со дивите депонии во сливот на Охридско Езеро има уште една димензија – потенцијалниот ризик за водниот екосистем.

Од Хидробиолошкиот завод – Охрид посочуваат дека активностите во сливното подрачје не можат да се разгледуваат одвоено од состојбата на езерото.

„Од аспект на научното следење на состојбата на Охридско Езеро, проблемот со дивите депонии во сливното подрачје треба да се сфати многу пошироко од проблемот со отпадот како таков. Сливот и езерото се поврзан систем и секоја активност во сливот што може да влијае врз површинските или подземните води потенцијално може да има последици и врз езерскиот екосистем“, тврди Орхидеја Тасевска, директорка на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид.

Според неа, дивите депонии можат да бидат потенцијален извор на дифузно загадување. Кај нив отпадот најчесто е директно изложен на атмосферски влијанија, па при врнежи водата може да навлезе во отпадот и да понесе различни материи кон почвата, подземните води или блиските водотеци.

Кај Охридско Езеро ова прашање е особено чувствително поради неговата хидролошка и хидрогеолошка поврзаност со сливот.

„Појавата на диви депонии е последица, меѓу другото, на недоволна покриеност со услуги за собирање отпад, несоодветно постапување со одредени видови отпад, недоволна контрола и повторно создавање на исчистени локации“

„Подземните води имаат значајна улога во водниот баланс на езерото, па затоа не треба да се занемари можноста загадувачките материи од одредени делови на сливот да се транспортираат и по подземен пат. Истото важи и за површинските води – реките и потоците можат да бидат патишта преку кои различни материи од сливот се внесуваат во езерото“, додаде Тасевска.

Сепак, научната процена бара внимателно да се разликува потенцијалниот ризик од докажаното влијание. Тоа што одредена дива депонија се наоѓа во сливот не значи автоматски дека загадувањето од неа стигнало до езерото.

Како што објаснува Тасевска, ризикот зависи од повеќе фактори – местоположбата на депонијата, близината до водотеци или извори, геолошката подлога, пропустливоста на почвата, количината и составот на отпадот, врнежите и карактеристиките на површинскиот и на подземниот воден тек.

„Градот Охрид нема регистрирано посебни депонии и сите видови отпад се носат на депонијата во Буково“

Особено внимание, според неа, треба да се посвети на отпадот што може да содржи масла и нафтени деривати, батерии и акумулатори, електронски отпад, бои, растворувачи, пестициди и други хемиски материи.

„Во зависност од составот, ваквиот отпад може да биде извор на тешки метали и различни органски загадувачи. Некои од нив можат да се транспортираат со водата, а други можат да се акумулираат во седиментите и да останат во животната средина подолг временски период“, објаснува таа.

Но, ризикот не е поврзан само со опасниот отпад. Органскиот отпад, според неа, може да доведе до зголемено органско оптоварување, додека отпадот богат со азот и фосфор може да биде дополнителен извор на нутриенти.

Ова е особено значајно за Охридско Езеро, кое е стар и чувствителен олиготрофен екосистем, односно водна средина што има недостиг на хранливи материи, но е богата со кислород.

Мапирање, мерења, докази – како да се утврди штетата врз езерото

Хидробиолошкиот завод со години ја следи состојбата на езерото и неговите притоки преку мониторинг и истражувања на физичко-хемиските и на биолошките карактеристики. Но, Тасевска предупредува дека секоја промена во квалитетот на водата не може автоматски да се припише на дивите депонии.

„Охридско Езеро е под влијание на повеќе фактори – отпадни води, земјоделски активности, урбанизација, туризам, промени во користењето на земјиштето и други притисоци. За да се докаже дека конкретна дива депонија има директно влијание врз одреден водотек или врз езерото, потребни се насочени истражувања што ќе ја поврзат самата локација на депонијата со патот на водата и со соодветни хемиски, микробиолошки и биолошки показатели“, вели Тасевска.

Затоа, како прв чекор се предлага систематско мапирање на дивите депонии во сливот на Охридско Езеро, при што освен локацијата треба да се утврдат видот и количината на отпадот, близината до водотеци и извори и локалните хидрогеолошки услови.

Особено внимание треба да им се посвети на депониите во близина на водотеци и извори, каде што е потребен насочен мониторинг на површинските и на подземните води.

„Со оглед на фактот дека сѐ уште не се исполнети условите за поставување видеонадзор на детектираните депонии, тешко е да се откријат сторителите што одлагаат отпад на незаконски начин на диви депонии, кои обично таквите дејства ги извршуваат во доцните ноќни часови“

„Многу е важно ваквите истражувања да не се ограничат само на водата. За одредени загадувачки материи седиментот може да биде значаен показател на долгорочно оптоварување, а промените во биолошките заедници можат да дадат дополнителна слика за состојбата на екосистемот“, вели Тасевска.

Научниот мониторинг, сепак, не може сам да го реши проблемот. Дивите депонии треба да се отстранат и да се санираат, но истовремено мора да се спречи нивното повторно создавање.

„Охридското Езеро не може да се заштитува само на неговата крајбрежна линија. За да го заштитиме езерото, мора да го заштитиме и неговиот слив. Тоа е суштината на интегрираниот пристап кон заштитата на езерото“ вели Тасевска.

Регионално решение што сè уште се гради

Проблемот со отпадот не завршува на границите на една општина. Од Центарот за развој на Југозападниот Плански Регион велат дека состојбата со управувањето со отпадот во регионот, вклучително и во Охрид и Струга, сè уште не е на потребното ниво.

Иако, според нив, има подобрување во чистотата на јавните површини и начинот на собирање на отпадот, состојбата со депониите останува проблематична. Оттаму посочуваат и на појавата на нови диви депонии.

Фото: Ѓоко Зороски

Од Центарот велат дека во изминатите три години не спроведувале посебен проект насочен кон дивите депонии, туку учествувале во проекти за зголемување на капацитетите на јавните комунални претпријатија, преку набавка на опрема.

Системското решение е поврзано со регионалниот систем за управување со отпад. Во рамките на проектот за регионална депонија за Југозападниот и Пелагонискиот Регион е подготвен Регионален план за управување со отпадот, додека Извештајот за стратешка оценка врз животната средина е во процес на одобрување.

Сите општини од двата региона донеле одлуки за основање Регионален одбор за управување со отпадот. Одборот е формиран и продолжува со работа на основањето на јавно претпријатие што треба да управува со регионалната депонија.

„Во однос на дивите депонии, проблемот е во самите општини, односно во комуналните инспектори. Нивната улога е многу значајна во спречување на појавите на диви депонии. Во однос на комуналниот отпад, проблемот е што тој отпад претходно не се селектира, туку се депонира заедно во иста депонија“, велат од Центарот за развој на Југозападниот Плански Регион.

Како дополнителен проблем ја издвојуваат и недоволната селекција на отпадот. Според мерењата на кои се повикува Центарот, направени во 2016 и 2017 година, околу 70 отсто од отпадот што се подигнува и депонира може да се рециклира, додека 30 отсто треба да заврши на депонија. Оттаму сметаат дека поинтензивната селекција би можела да придонесе и за намалување на количината отпад што завршува на депониите, но и за дополнителни приходи за јавните комунални претпријатија.

Без функционални решенија не треба да се очекува одговорно однесување

Од граѓанскиот сектор предупредуваат дека повторното појавување на дивите депонии не може да се спречи само со повремени акции за чистење. Еколошкиот активист Константин Здравески смета дека проблемот е во недоволната превенција, континуираната контрола и отсуството на јасна институционална одговорност.

Според него, покрај почести инспекциски контроли и следење на веќе исчистените локации, неопходно е граѓаните да имаат достапни и јасни решенија за правилно одложување на отпадот.

„Сметам дека можностите не се доволно достапни, јасни и практични, особено за кабаст, за градежен и за специфичен отпад. Дополнителен проблем е недоволното информирање на граѓаните каде да го одложат отпадот, кому да се обратат и како да пријават незаконско депонирање. Потребни се јавно достапни информации, организирано преземање на ваквиот отпад и едноставен систем за пријавување. Не можеме да бараме одговорно однесување без истовремено да обезбедиме функционални решенија“, додава тој.

Како дополнителни мерки ги посочува мапирањето и редовното следење на критичните локации, поставувањето видеонадзор таму каде што е оправдано и законски дозволено, како и поефикасното постапување по пријавите од граѓаните. Според него, санкциите можат да имаат превентивен ефект само ако постои реална можност сторителите да бидат откриени и казнети.

„Од аспект на научното следење на состојбата на Охридско Езеро, проблемот со дивите депонии во сливното подрачје треба да се сфати многу пошироко од проблемот со отпадот како таков. Сливот и езерото се поврзан систем и секоја активност во сливот што може да влијае врз површинските или подземните води потенцијално може да има последици и врз езерскиот екосистем“

„Според мене, најголемиот недостаток е во континуитетот на контролата и видливоста на институционалното постапување. Не е доволно граѓаните да пријават депонија ако потоа не добијат информација дали е извршен увид, дали е утврден сторител и какви мерки се преземени. Потребни се поактивен инспекциски надзор, координација меѓу надлежните институции и транспарентно известување за преземените мерки. Казната има превентивна вредност само кога постои реална веројатност прекршокот да биде откриен и санкциониран“, напоменува Здравески.

Проблемот е особено значаен за Охрид и за Струга, каде што управувањето со отпадот е поврзано не само со квалитетот на животната средина, туку и со заштитата на Охридско Езеро, на природното и културното наследство, на здравјето на населението и одржливиот туризам.

Охрид и Струга не се соочуваат само со проблемот на отпадот, туку и со прашањето како да се спречи тој постојано да се враќа на истите места. Додека чистењето останува главно решение, а контролата и превенцијата не даваат видливи резултати, дивите депонии продолжуваат да бидат дел од секојдневието на овие градови.

Затоа, успехот нема да се мери само со исчистените локации, туку со тоа дали тие ќе останат чисти и во месеците што следуваат.

* Ѓоко Зороски е активист во граѓанската иницијатива „Збогум Буково“

** Сара Танаскоска е новинарка

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE