Неколку граѓански организации од Струмица, Свети Николе, Куманово и Дебар, објавија истражување во кое заклучуваат дека Комисиите за еднакви можности на мажите и жените во Општините во текот на 2022 година се состанувале многу ретко или воопшто не одржувале состаноци.
Граѓанските организации бараат Комисијата за еднакви можности за мажите и жените да отвори канали на комуникација со другите комисии во рамки на Советите на општините.
Според анализата, во Комисиите во овие општини има 60% жени, а голем дел и се раководени од жени. Сепак, Комисиите на Куманово и Свети Николе, не одржале ниту една седница, а сите анализирани комисии не ги објавувале извештаите и записниците од одржаните седници.
„Општина Куманово не предвидела ниту еден денар од буџетот за намалување на родовиот јаз, а ниту една од комисиите нема податоци за степенот на реализација на програмата за еднакви можности во рамките на нивната општина. Членовите на комисиите сметаат дека им е потребна дополнителна едукација за родово одговорно буџетирање“ – се вели во дел од анализата.
Слична е состојбата и во други општини кои не се опфатени во оваа анализа. На пример комисијата во Кочани од своето создавање имала само три средби, од кои последната е направена пред една година. Во Штип во 2022, пак, беше организиран само марш за борба против родово базирано насилство, а тој настан беше иницијатива на локални невладини организации.
Во студијата за работата на Комисиите за еднакви можности за жените и мажите во општините се бара да се воспостави механизам за соработка и консултации на Комисиите со граѓански организации и експерти кои работат во областа на родовата рамноправност и да користат нивни истражувања во процесите на планирање и спроведување на политиките.
Во студијата предводена од НВО Инфоцентарот, во која учествуваат Организација на жени – Струмица, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе, здружението „Мајка“ од Куманово и здружението „Радика Де“ од Дебар, се бара Комисиите за еднакви можности при Советите на општините да одржуваат редовни месечни состаноци за набљудување и оценка на мерките во областа на родовата еднаквост и транспарентност во работењето на Комисиите преку јавно објавување на записниците од одржаните седници.
Истражувањето е спроведено во септември и октомври 2022 година, а го анализира работењето на комисиите во периодот од декември 2021 до август 2022 година.
Целосната анализа може да се најде на следниот линк.