Консултативни средби, коишто Форумот за граѓански дијалог ги одржа со граѓани на повеќе општини, откриваат дека барањата за подобрување на водоводните мрежи и пристапот до вода за пиење и наводнување е едно од најважните локални барања за следнава година.
Решавањето на проблемот со водоснабдувањето и со дотраените водоводни мрежи е приоритет за Струга, Штип, Демир Хисар и Крушево. Проблемот го има и во други општини низ Македонија, но изостануваат нови истражувања за да се види неговиот вистински опсег во различни средини.
Во рамките на консултациите на Форумот, граѓани во Струга, на пример, истакнале дека бараат промена на инфраструктурата за што е одговорно локалното јавно претпријатие за водоснабдување. Граѓаните во Штип, кои живеат во повисоките градски зони, покрај со старата водоводна инфраструктура што влијае врз квалитетот на водата, имаат проблем со намалениот притисок на водоводната мрежа.
Претставник на општина Штип, вели дека градот „секојдневно се работи на решавање на проблемот со старата водоводна мрежа, подобрување на хигиената и општинските услуги“. Според него во 2023 година, во програмата на јавното претпријатие за водоснабдување „Исар“ е предвидена обнова на водоводната мрежа.
Според Програмата на ова јавно претпријатие за 2022 водоводната, минатата година беа предвидени реконструктивни зафати од Програмата за уредување на градежно земјиште во вкупна вредност од 23.664.56 денари, потоа градежни зафати од сопствени средства на јавното претпријатие во вредност од 7.500.000 денари и конечно, зафати како изградба на пречистителни станици во вредност од 4.550.000 денари.
На листата барања на граѓаните во повеќе општини вклучувајќи го и Штип, се наоѓа и решавањето на проблемот со градската хигиена и управувањето со отпад, изградбата на булевари, недостатокот паркинг места и решавањето на проблемот со загадувањето.
Форумот за граѓански дијалог кој го сочинуваат НВО Инфоцентар, МКЦ – Битола, Мултикултура, Гласен Текстилец, ЦЗО Струга, ГИЖ Свети Николе, Спектар, Центарот за Развој на Медиумите и Идеа Плус, реализираше серија консултативни сесии и анкети за клучните приоритети на граѓаните во Битола, Штип, Тетово, Струга, Центар, Крива Паланка, Свети Николе, Демир Хисар и Крушево.
