Бидејќи земјоделките не можат соодветно да го остварат правото на платено породилно отсуство, над 70 граѓански организации покренаа иницијатива за промена на Законот за задолжително здравствено осигурување.
Вкупниот проценет број на жени кои ја имаат оваа потреба во моментов е педесетина. За породилното отсуство на овие жени, државата би требало да плати 10 милиони денари годишно.
Целта на иницијативата е жените во Македонија кои се регистрирани дека примарниот извор на финансирање им е земјоделска дејност да можат да користат платено породилно отсуство. Организациите кои ги застапуваат земјоделците како и организациите кои се занимаваат со работнички права тврдат дека иницијативата е во согласност со Конвенцијата за заштита на породилното од Меѓународната организација на труд, каде потписничка е и Македонија.
„Не се покажува дека навистина има желба да се најде системско решение за проблемот, време е сите граѓански организации заедно да понудат решение за законска измена. Ние бараме висина на минимална плата, односно 18.000 денари“, истакна Марина Тошеска, од здружението за рурален развој ЛАГ Агро Лидер.
Според Јована Јованоска Кануркова од Хелсиншкиот Комитет за човекови права, организациите поднеле претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за случајот поради сомнеж во случајов постои дискриминација на популацијата земјоделки на кои им треба платено породилно отсуство:
„Го чекаме мислењето и се надеваме дека скоро ќе го добиеме и тоа мислење – доколку Комисијата утврди дека се работи за дискриминација, тоа е уште еден показател дека навистина релевантните министерства треба да се зафатат за промена на Законот за здравствено осигурување“.
Oд Федерацијата на Фармери на Македонија најавија дека овој проблем во 2023 година ќе биде надминат и жените кои ќе имаат потреба од породилно отсуство во 2023 година тоа ќе го добијат преку мерка која ќе ја донесе Министерството за труд и социјална политика. Сепак, ова би било привремено решение додека да се донесе нов закон.
[IM1]Фото: Frank Holleman on Unsplash