Активисти од група граѓански организации од Источниот и Југоисточниот регион, на работилница во Штип, на 4ти февруари, ја почнаа својата обука за производство на медиумски содржини за Медиумот на локалната заедница.
Граѓанските активисти, во организација на Институтот РЕСИС од Скопје, учеа како да генерираат локални теми вредни за објавување, на кој начин да размислуваат во истражувањето на темите, како да ги поткрепат своите стории и анализи, кои се можните извори што треба да ги консултираат за да известат сеопфатно за темата и кои се основните етички прашања за кои треба да водат сметка при создавањето и објавувањето на приказната.
Работилницата, е дел од пошироки напори на Институтот РЕСИС, за развој на плурализмот во медиумската сфера и воопшто на развој на плуралната демократија – напори кои вклучуваат конструирање и јакнење на занемарените сектори во рамки на медиумскиот домен.

На работилницата, која беше конципирана и водена од искусните новинари Весна Коловска и Ване Трајков, учествуваа 13 претставници од 10 граѓански организации од двата региона: КХАМ Делчево, Бравура Кооператива – Делчево, Здружение на слепи – Штип, Мобилност – Кочани, Едукативно хуманитарна организација – ЕХО – Штип, Организација на жени – Струмица, Полимат 13 – Богданци, Мобилност – Струмица, Регионален центар за одржлив развој – РЦОР – Гевгелија и Женска Акција – Радовиш.
Активистите на овие граѓански организации, под менторство на обучувачите, во следниве неколку месеци ќе креираат стории од значење за нивната локална заедница, со особен акцент на проблемите со кои се соочуваат ранливите групи кои живеат во овие два региона.
Со ова започнува втората фаза од имплементацијата на проектот Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење – LocalActiveMedia, чија цел е да го подобри пристапот до јавната сфера на ранливите групи граѓани, преку продор до јавноста на прашањата поврзани со нивните комуникациски права.
Претходно, во рамки на овој проект беше спроведено Мапирање на комуникациските навики, знаења, потреби и интереси на ранливите групи граѓани во Источниот и Југоисточниот регион чии наоди ќе бидат наскоро објавени на платформата #ЛокалАктив.

РЕСИС активностите ги спроведува со локална поддршка на Фондацијата за развој на локалната заедница – Штип, а проектот е поддржан од непрофитната фондација од САД National Endowment for Democracy (NED). Настанот се одржа во Граѓанскиот ресурсен центар во Штип.