Македонија „штеди“ на превенција од ХИВ – заштедата може да ја плати во пари и во човечки животи

Автори: Викторија Димитрова и Денис Ампев

Во Штип запреа теренските активности за обезбедување стерилна и друга опрема за лицата кои се под зголемен ризик од ХИВ инфекција, хепатит Б и Ц. Канцеларијата на граѓанската организација Младински клуб која е единствената организација во Источниот регион што ја дава оваа услуга на засегнатите граѓани, за прв пат по 17 години беше принудена да ги затвори своите простории.

Ова доаѓа откако цели шест месеци нејзините активисти работеа без и минимална компензација за својот труд и заложување.

Проблемот настана бидејќи Министерството за здравство, на почетокот од оваа година, не ги обнови договорите со 17 граѓански организации ширум државата, кои работат на Програмата за превенција од ХИВ, маларија и туберкулоза. Наместо во јануари, како што тоа вообичаено се случува, овие договори беа потпишани и почнаа да се спроведуваат дури мај годинава.

Така, сите овие организации, а со тоа и стотици граѓани кои се под зголемен ризик за ХИВ инфекција останаа без заштита – меѓу нив зависници од супстанции, кои поради проблемот не можеа да стигнат до стерилни игли и шприцеви, или сексуални работници кои не можеа да стигнат до средства за заштита од сексуално преносливи болести.  

Фотографии од приватна архива

Но, доцнењето на договорите не е единствениот проблем тука – дури и парите кои овие организации со задоцнување ги добија преку буџетот на Министерството за здравство, за да ја остваруваат својата сервисна функција, сега се скратени за половина. Со овие пари, организациите тешко успеваат да се одржат и да набават соодветни комплети шприцеви, игли, кондоми, лубриканти.

Обезбедувањето стерилна опрема е само еден дел од Програмата за превенција. Граѓанските активисти укажуваат дека со преполовените финансии и растечката инфлација, сега можат да набават многу помалку комплети со опрема од порано.

Според граѓанските активисти, Македонија сега влегува во ризик да го следи лошиот пример на Романија – оваа земја не успеа финансиски да ја преземе превентивната програма на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза на Светската здравствена организација. Поради ова, во земјата стапката на ХИВ инфекцијата се зголеми за дури 300 отсто.

Програмата, која често е предмет на исмејување од некои десничарски политички партии, до сега успеа да ја одржи Македонија на листата со ниска стапка на ХИВ/СИДА во светот. Кај нас, Глобалниот Фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза на Светската здравствена организација целосно ја финансираше програмата од 2004 до 2018 година. За овие 14 години, Глобалниот Фонд за Македонија издвои 33 милиони долари.

Во 2018 година обврските ги презеде државата. Преземањето на програмата предвидуваше одвојување на 1,5 милиони долари годишно. Глобалната цел до 2025 година е процентот на лица дијагностицирани со ХИВ да се сведе на помалку од 5 проценти, што треба да доведе до остар пад во преносот на инфекцијата и што треба да овозможи да се стави конечен крај на епидемијата до 2030 година. 

Од скратените фондови настрадаа долгогодишните корисници на супстанции

Проблемите на терен за Локал Актив ги сподели еден од најстарите корисници на Програмата за намалување на штети од употреба на дрога и крвно-сексуално преносливи инфекции преку граѓанската организација Младински клуб од Штип. Пајо, кому поради анонимност редакцијата нема да му го објави целосното име и презиме, вели дека проблемите почнуваат кога корисниците на супстанции бараат да купат стерилна опрема од аптеки, каде што не се добредојдени.

Од јануари до мај 2023 година, има пријавено 16 нови случаи на ХИВ/СИДА во Македонија. Според извештајот на Институтот за јавно здравје, по три пријавени случаи има во Скопје и Струмица, по два во Штип, Велес и Гостивар и по еден случај во Охрид, Берово и Кавадарци. Најголемиот дел од дијагностицираните се хетеросексуалци (7), следат МСМ (маж со маж) (6) и тројца се бисексуалци. Најмладиот дијагностициран има 20 години, најстариот пациент 59 години. Но, последните три години, средствата од државата почнале да се намалуваат. Оваа година парите за спроведување на Програмата биле преполовени. Поради ова, а и поради високата инфлација и севкупната економска криза во земјата, загрозени се теренските активности на сервисните организации, особено теренското тестирање за ХИВ/СИДА и доставата на безбедни средства за популацијата под засилен ризик.

„Затворањето на канцеларијата во којашто се делат комплети со шприцеви, игли, кондоми […] врз нас корисниците влијае многу негативно. Еве, веќе се случува и кај мене на врата да се јавуваат луѓе да ми бараат комплети. Во аптеките не ни даваат, иако имаат, ни велат: „Не држиме“, „не даваме“… Имаме голем проблем и бидејќи се познаваат лицата зависници на дрога, па тие намерно одбиваат да нѐ услужат“, вели Пајо.

Затворањето на канцеларијата, каде до неодамна секојдневно доаѓале овие луѓе, им донесе проблем и со социјализацијата. Пајо забележува дека додека била отворена канцеларијата имале активности, но и место каде што ќе се напијат кафе или чај,  да поразговараат за нивната состојба. Заедно организирале и теренски акции за чистење на локациите, каде што се фрла користена опрема за инјектирање, со цел да не се заразат другите луѓе.

„Можевме таму да си свариме кафе, да разговараме, едноставно да ти мине времето и да не мислиш на други работи. Сега зависниците ќе отидат, ќе ја земат терапијата (во Центарот за зависници на Клиничката болница – Штип н.з.) и право дома. И потоа настануваат проблеми. Таму додека одевме беше поинаку, имавме еден вид на социјализација, па цртавме, делевме промотивни материјали“, вели Пајо.


Тој зборува со загриженост, бидејќи го памети времето кога пред 17 години – односно пред да почне оваа Програма – корисниците на наркотици го пребарувале медицинскиот отпад по кантите во болниците, бидејќи, како што тврди не им продавале шприцеви и друга опрема по аптеките. Тогаш, како што објаснува Пајо, луѓето заболеле од хепатит и други болести токму преку користените шприцеви и игли.

Координаторот на Програмата за намалување на штети од употреба на дрога и крвно-сексуално преносливи инфекции во Штип во ГО Младински клуб, Денис Ампев вели дека со откажување на финансиите, замрени се теренски активности.

Во 2017 година, политичките партии во земјава потпишале Декларација дека ќе ја преземат Програмата од Глобалниот фонд. Граѓанските организации заедно со Министерството за здравство го почнале спроведувањето на новата национална Стратегија за борба против ХИВ-СИДА, поради што Македонија имаше ниска стапка на инфекција и новозаразени со ХИВ.

Но, последните три години, средствата од државата почнале да се намалуваат. Оваа година парите за спроведување на Програмата биле преполовени. Поради ова, а и поради високата инфлација и севкупната економска криза во земјата, загрозени се теренските активности на сервисните организации, особено теренското тестирање за ХИВ/СИДА и доставата на безбедни средства за популацијата под засилен ризик.

Денис Ампев - Младински клуб Штип - фотографија од приватна архива

Во 2017 година, политичките партии во земјава потпишале Декларација дека ќе ја преземат Програмата од Глобалниот фонд. Граѓанските организации заедно со Министерството за здравство го почнале спроведувањето на новата национална Стратегија за борба против ХИВ-СИДА, поради што Македонија имаше ниска стапка на инфекција и новозаразени со ХИВ.

Но, последните три години, средствата од државата почнале да се намалуваат. Оваа година парите за спроведување на Програмата биле преполовени. Поради ова, а и поради високата инфлација и севкупната економска криза во земјата, загрозени се теренските активности на сервисните организации, особено теренското тестирање за ХИВ/СИДА и доставата на безбедни средства за популацијата под засилен ризик.

Преку Програмата, од друга страна, Институтот за јавно здравје врши теренски и стационарни услуги за анонимно ХИВ-тестирање, советување, дистрибуција на средства за превенција на ХИВ и други крвно и сексуално преносливи инфекции, дијагностика и третман на сексуално преносливи инфекции, мобилни гинеколошки услуги, поддршка на луѓето што живеат со ХИВ и луѓето што се лекуваат од зависност од дрога и други комплементарни услуги.

Во Штип, во овој момент, има над 300 корисници на Програмата за превенција од ХИВ. Ова е значајна бројка. Но, канцеларијата веќе шести месец работи без финансиски надомест за дадените услуги.

Покрај овие корисници има регистрирано и 98 пациенти, кои користат метадон во Центарот за зависници при Одделението за психијатрија при Клиничка болница-Штип, кое се наоѓа на само неколку чекори од „Младинскиот клуб“.

Началничката на Одделението за психијатрија, Роза Беркова во чии рамки работи Центарот, вели дека овие 98 пациенти добиваат соодветна терапија. Од оваа бројка, 25 се осуденици од КПД Затвор-Штип. Во Центарот за зависници терапија примаат пациенти од Штип, Свети Николе и Кочани.

Центар за зависници - Штип (фотографија од приватна архива)

Една од функциите на ГО, кои работат со Програма за превенција е да не дозволуваат користениот материјал од страна на оваа ранлива популација да заврши во контејнерите. Идејата е таквите активности да го намалат притисокот врз здравствените институции. Неретко, активисти на  овие организации и сами го собираат материјалот и го носат како медицински отпад.

Но, со скратените фондови – овие 300 луѓе, како и 98те други луѓе во Штип, се изложени на засилен притисок.

Во Југоисточниот регион, популацијата со зголемен ризик е побројна

Југоисточниот регион веќе ги чувствува последиците од несоодветното штедење на државата. Психологот Стефчо Стефанов, кој е координатор на Програмата за намалување на штети од употреба на дрога и крвно-сексуално преносливи инфекции за Струмица и Гевгелија, ова го илустрира со податокот дека пред десет години овие два града немале ХИВ позитивен меѓу своите жители.

За само една година со кратењето на парите, лани се регистрирани неколку случаи на ХИВ позитивни лица во Струмица.

„Се работи за три до четири случаи. Неформално, ние ги имаме првите контакти со тие луѓе. Но, потоа тие луѓе ги преземаат други институции во Скопје и за жал, со тестирање беа потврдени. Зголемувањето на бројот на инфицирани е првото нешто што ќе нѐ погоди. Еве Струмица го доживеа тој удар уште лани, на крајот на 2022 година. За жал, ова ќе биде многу повидливо и со поголеми штети, според нашите проценки, а ќе се согласат и останатите организации, дека штетите ќе бидат повидливи после две-три години“, вели Стефанов.

Во Струмица, поради недостаток на пари и кратењето на средствата, веќе се откажани договорите за ангажман на социјалните работници и медицинските услуги за корисниците. Стефанов стравува дека ќе се наруши одличната стапка на превенција, што до сега ја имаше државата.

„Програмите постапно веќе три години по ред се кратат и тоа можеби речиси за 50 до 70 отсто за некои организации. Ако споредиме со 2018 и 2019 година, сега после три-четири години, Здружението „Избор“ од Струмица (кое работи со зависници) има 300 отсто намалување на буџетот. Тоа е многу. Тоа е многу, со самото тоа што од нашите Програми веќе не можеме да ги ангажираме социјалните работници и медицинските услуги. Тоа се исклучиво важни сегменти за овие Програми“, додава Стефанов.

Во евиденцијата на оваа Програма на ниво на Струмица годишно имаат контактирано над 620 корисници, а Гевгелија над 330 или како што вели, околу 1.000 луѓе кои се активни корисници, Оваа бројка според Стефанов, воопшто не е мала.

Славчо Стефанов - психолог (фотографија од приватна архива)

Што со овие луѓе кои по годините работа остануваат препуштени сами на себе? Дали Министерството за здравство и државата имаат решение или Стратегија за лицата под засилен ризик? Стефанов вели дека институциите немаат понудено решение, ниту покажале волја да ги чујат алтернативните решенија на граѓанските организации.

„Тоа е еднострана, еднонасочна комуникација, има еднострани одлуки и решенија коишто се носат од нив – од Министерство за здравство за здруженијата и тоа е тоа. Ние ниту сме консултирани, ниту пак сме вклучени во процесот на одлучување за носењето на овие буџети“, вели Стефанов, кој стравува од лоши сценарија во областа. Првото и најчесто е порастот на инфицирани со ХИВ/СИДА.

За 25 години со ХИВ се заразиле 580 лица во Македонија

Република Северна Македонија е земја со ниска преваленција на ХИВ. Од 1987 до крајот на 2022 година, регистрирани се вкупно 580 случаи на ХИВ/СИДА, според податоците на Институтот за јавно здравје.

Информациите на Институтот велат дека кумулативно, од регистрираните случаи, 516 (89,0%) се мажи, 63 (10,9%) се жени, а регистрирано е и едно трансродово лице. Високото пропорционално учество на машки лица во бројот на новорегистрирани случаи е тренд во изминатите 15 години.

Дистрибуцијата по возраст укажува дека најзафатени се сексуално активни лица на возраст од 20-39 години, кои чинат речиси три четвртини од дијагностицираните случаи (73,4%, n=426). Кумулативно, најголем број од случаите се со место на живеење во Скопје (n=271), Тетово (n=35), Прилеп (n=29), Штип (n=28) и Куманово (n=28)“, велат од Институтот за јавно здравје.

Во периодот од 1987 до крајот на 2022 година, вкупно 123 од дијагностицираните лица во Македонија починале од причини поврзани со СИДА, што претставува стапка на смртност од 21,2%.

Податоците за 2022 година говорат дека заклучно со 30 ноември, во земјава  се регистрирани 36 нови случаи на ХИВ/СИДА, што претставува инциденца од 1,96 на 100.000 жители. За споредба, во 2021 година, регистрирани беа 44 нови случаи на ХИВ/СИДА.

Земено само во 2022 година – од регистрираните случаи, мажи биле триесет и едно лице, четири биле жени, а регистрирано е и едно трансродово лице.

Во однос на возрасната дистрибуција на случаите регистрирани во 2022 година, возраста на новорегистрираните случаи се движи од 20-64 години, а најголема застапеност е кај возрасната група од 40-44 години (n=11). Најголем број од случаите се со место на живеење во Скопје (n=14). Во текот на 2022 година, регистрирани се три починати лица поради причини поврзани со СИДА.

Колку е значајна превенцијата за популацијата која е под засилен ризик од инфекција говори и ланската кампања на Светската здравствена организација (СЗО) на 1 декември. Во објавата на СЗО се вели:

„СЗО им се придружува на партнерите за да го одбележат Светскиот ден за борба против СИДА-та 2022 година, под темата „Изедначи“. СЗО ги повикува глобалните лидери и граѓаните смело да ги препознаат и да ги решат нееднаквостите што го кочат напредокот во ставањето крај на СИДА-та; и да се изедначи пристапот до основните услуги за ХИВ, особено за децата и клучните популации и нивните партнери – мажи кои имаат секс со мажи, трансродови лица, луѓе кои користат дроги, сексуални работници и луѓе во затвори”, се вели во соопштението на СЗО.

Фотографија од приватна архива

ХОПС: Оваа година се вративме назад за 20 години во она што значи превенција на ХИВ меѓу населението

Граѓанската организација ХОПС е најстарата организација која работи со зависниците и од почеток е на програмата што ја почна СЗО во Македонија пред 17 години.

Извршната директорка Хајди Штерјова – Симоновиќ  за Локал Актив говори дека граѓанските организации лани на „шкрги“ успеале да ги дадат услугите на ЛИД популацијата. Забележува дека освен што се намалија средствата во Програмата, премногу се доцни и со нејзината реализација. Така, минатата година се доцнело четири месеци, а оваа година се доцни дури пет месеци, односно договорите со граѓанските организации кои ги спроведуваат превентивните активности се склучија дури во втората половина на мај.

„Минатата година, граѓанските организации од свои сопствени средства и со други донации успееја да го обезбедат континуитетот и квалитетот на услугите. Но, оваа година најголем дел од организациите во огромна мера ги редуцираа услугите, односно ги сведоа на најнеопходните. Дел од организациите мораа и да паузираат одреден период поради неможност да ги покријат сите трошоци, а со тоа се наруши и континуитетот на услугите после 20 години нивно спроведување. Оваа година буквално се вративме назад за 20 години во она што значи превенција на ХИВ помеѓу населението, особено меѓу клучните популации, како луѓе кои употребуваат дроги, сексуални работници, мажи кои имаат секс со мажи, луѓе кои живеат со ХИВ, млади. И од земја лидер во регионот, која беше кажувана како одличен пример, станавме лош пример како не треба државата да ги третира овие здравствени програми“, вели Штерјова-Симоновиќ.

Извршната директорка на ХОПС забележува дека со намалувањето на средствата во Програмата, сериозно се доведе во прашање и пристапот до терапија за сите постоечки, но и нови пациенти на кои веќе им е дијагностициран ХИВ вирусот.

Според неа, најтрагично е што Владата ваквите „чекори“ ги презема во период кога поради војната во Украина, во земјава има сериозен наплив на бегалци и мигранти од овие региони (Русија и Украина). Токму  Русија има највисока преваленца на ХИВ во Европа. Односно, колку што сите европски земји заедно имаат имаат случаи во годината, толку има само Русија, а дури и повеќе. Штерјова-Симоновиќ смета дека поради ова, во регионот се очекува зголемување на бројот на луѓе заразени со ХИВ вирусот.

„На кус рок можеби последиците нема веднаш да бидат видливи, но за неколку години тоа сериозно ќе се рефлектира и веројатно е да очекуваме зголемување на преваленцата на ХИВ инфекции. И наместо да се стремиме кон остварување на глобалните цели за справување со ХИВ/СИДА воспоставени од ОН на кои се има обврзано и нашата земја, односно до 2030 година на минимум да се сведе бројот на нови ХИВ инфекции, ние стрмоглаво се движиме назад накај почетокот на 80-тите и 90-тите години на минатиот век, кога станува збор за ХИВ инфекцијата“, потенцира  Штерјова-Симоновиќ.

Хајди Штерјова - Симоновиќ - извршна директорка на ХОПС

Како за илустрација Штерјова-Симоновиќ истакнува дека пред шест години, пред државата да го преземе финансирањето од Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, маларија и туберкулоза, ХОПС имала три дневни центри за намалување на штети на стратегиски локации во Скопје – во Битпазар, Центар и Шуто Оризари, кои работеле пет дена во неделата во две теренски смени.

„Сега има само еден дневен центар во Кисела Вода и пет теренски смени. Со ова намалување на услугите значително се намали и опфатот на корисници (за околу 40% сигурно е намален опфатот), а се намалува и собирањето на искористена опрема која завршува низ градот на диви депонии и што претставува ризик и за општата популација“, рече  Штерјова-Симоновиќ.

Организациите вклучени во помош на популацијата под засилен ризик, најавуваат борба со цел да се вратат средствата преку дописи, анализи, истражувања и со аргументи ја убедуваат Владата да се врати на овие Програми, а ја информирале и меѓународната заедница за штетата која се прави со кратењето на средствата за превентивните програми.

„Во Годишниот извештај за 2022 за напредокот на Македонија кој го пишува Европската Комисија, беше јасно искажана загриженоста на ЕУ во однос на кратењето на овие средства. Сепак, и покрај ваквата загриженост на ЕУ, нашата Влада во 5 милијарди евра високиот буџет за 2023 година, не само што не најде средства за да ги врати оние кои лани беа скратени, туку ја скрати програмата за уште 10-11 милиони денари“, вели Штерјова-Симоновиќ.

Министерството за здравство лани спровело евалуација на оваа Програма. За таа цел била  формирана Комисија од доктори професори на медицина, но организациите како спроведувачи,  никогаш не го добиле, ниту пак бил објавен.

Натамошното намалување на буџетот ќе ја направи програмата беспредметна

Од ХОПС проценуваат дека доколку и следната година остане буџетот за оваа Програма како годинава (90 милиони денари) или пак се намали, тоа со сигурност ќе значи затворање на програмите за превенција на ХИВ за клучните популации.

„Тоа ќе значи изедначување со Русија каде ХИВ преваленцата е највисока во Европа токму поради рестриктивните политики и забраната за превентивни програми и за програми за намалување на штети.  И ќе значи дека од земја која беше пример во Европа, ќе влеземе во друштво со Русија, Украина, Молдавија, Казахстан и Белорусија каде луѓе секојдневно умираат од СИДА и каде има илјадници нови заразени со ХИВ секој ден. Не сакаме ни да помислиме што ќе се случува во земјава доколку се укинат превентивните програми во форма и обем во кој функционираа до минатата година. На ова се надоврзува и зголемениот ризик од туберкулоза и сексуално и крвно преносливи болести помеѓу овие клучни популации“, што значи уште поголемо оптоварување на здравствениот систем, додава Штерјова-Симоновиќ.

Изреката  е „Подобро да се спречи отколку да се лечи“. Секој денар кој се крати во превентива, значи десет пати поголем трошок за лекување.

Се обративме и до Министерството за здравство за одговори, но до објавувањето на текстот одговорите на нашите прашања не пристигнаа.

Во објаснувањата и одговорите дадени изминатите месеци, Министерството за здравство одговорило дека програмата за заштита на населението од ХИВ, која ја изготвува на годишно ниво, се реализира во рамки на обезбедениот буџет, утврден преку Министерството за финансии и Владата на РСМ.

Фотографија од приватна архива

„Притоа, дел од средствата за реализација на активностите се од Буџетот на МЗ, а дополнителен дел се реализираат во рамки на постојните буџети на јавните здравствени установи. Токму една од целите на оваа Програма е одржување ниска преваленца на ХИВ кај клучните популации“, велат од МЗ во изјава дадена за Вистиномер, во март оваа година.

Авторите се активисти на здружението на граѓани „Младински клуб“ од Штип.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE