Search
Close this search box.

Живеат во град, во услови како во најзафрленото село во државата – случај „Света Недела“

Авторки: Енисе Демирова* и Весна Коловска**

Жителите на легализираните домови во штипската населба „Света Недела“ подолго време се жалат дека поради кражбите на струја од дивоградбите, често остануваат без струја. Кога ја имаат е со слаб напон, поради што им прегоруваат уредите. Проблем е и водоснабдувањето. Вода имаат со прекини и со слаб притисок и бањите на вторите катови од куќите не можат да ги употребуваат. Нивните соседи од над 200-те дивоградби, главно ромско население, признаваат дека се дивоприклучени на електропреносниот систем и на водоводот. Тврдат дека барале легално да се приклучат, што според дистрибутивната компанија ЕВН законски не е можно, бидејќи струјомер може да се постави само на легални градби. Додека општината Штип подготвува список за уривање, од ромскиот граѓански сектор бараат преодно решение, додека не се постави инфраструктурата за типските куќи. Како дел од овој европски проект се очекува поставување и на нова трафостраница.

Жителите од легалниот дел на населбата го повикаа градоначалникот на Штип Иван Јорданов да ги посети и на лице место да ги види условите во кои живеат.

– Кога работи телевизорот или шпоретот, не работи пералната. Еден апарат ако вклучиме, друг не работи. Ако ни треба 220 волти, ние имеме 140. Тоа е проблем што е постојано ни се случува и апаратите ни прегоруваат. Оваа година е особено алармантно. Бараме да се стават нови трансформатори и подземни кабли за да нема приклучување на диво на бандерите. Друг проблем е водата – некогаш и по три дена немаме вода, рече еден од жителите.

– Мене ми изгореа два телевизора, една машина за перење алишта и еден фрижидер. Да ни дадат нова, засебна мрежа со посебен трансформатор, побара друг граѓанин.

Решение нема, особено не сега, пред избори. Животот во оваа населба е најдобра илустрација на последиците од институционалниот молк и политичкото додворување, а како поминуваа годините, така се трупаа проблемите и на легалните градби и на дивоградбите. Станарите посочуваат на опасноста од бандерите со испреплетени кабли, коишто влечат струја до дивоградбите.

Фотографија од приватна архива

– Улицата е блокирана од кабли. Едно противожарно возило не може да помине. Изминатото лето изгоре борова шума затоа што возилото не можеше да помине. Дрва за огрев не можеме да донесеме до дома, затоа што камионите што ги транспортираат не можат да поминат од ниските кабли, објасни друг граѓанин.

Жител на населбата, кој е пензиониран работник на ЕВН, вели дека каблите се сведоштво за „мртвата трка“ меѓу екипите кои доаѓаат и исклучуваат и дивоприклучените. Екипите ќе исклучат, но има, како што вели, тројца од населбата што потоа повторно ги приклучуваат.

– Сме исклучувале, но пак приклучуваат. Тоа се тројца луѓе кои вклучуваат, сите ги знаеме. Пет години сум во пензија, а тие тоа го работат 15 години. И тие од ЕВН ги знаат. Опремени се, имаат и пењавци (качувачи), го преземаат ризикот, секој не може тоа да го прави. Подобро е да се интервенира преку Обвинителството, тие тројца да се тргнат. Тоа е зафаќање на јавна инсталација, што според законот, мислам е кривично дело, кажа овој некогашен вработен во ЕВН.

Раководителот на ЕВН во Штип, Димитар Наумов знае за проблемот, бидејќи, како што објасни, екипите постојано се на терен. 

Наумов кажа дека од страна на ЕВН уште во 2020 година е направено маркирање, биле снимени дивите објекти, а има и концепт како да се реши.

– Но, ЕВН тоа не може да го направи додека не се знае каков е планот – ќе се легализира, дали ќе се уриваат објектите? Ќе влезат ли тие објекти во урбанистички план, ќе се легализираат, па да влезе во системот …? Не може да се направи мрежа, трафостаница без подлога на терен, … не може без да се знае статусот на тие градби, изјави Наумов.

План за уривање

Дивоизградените објекти се во планот на општината за уривање. Раководителот на инспекциските служби во Општина Штип, Тоше Ѓеоргиев, изјави дека за овој дел од населбата не е предвидена легализација и урбанизација. Во зимскиот период има забрана да се уриваат објекти каде живеат луѓе, а и во предизборие е непопуларна мерка. Во овој период, сепак како што смета, треба да се почне со уривање на ненаселените објекти.

– Решение има –  заедничка акција со МВР-СВР Штип. Првично ќе пратиме инспектори да направат мапирање на сите тие диви објекти. Бидејќи колку што знам, не е предвидено урбанизирање, освен еден дел кој се трудиме да го одржиме чист поради тоа што се планира поставување на типски куќи. 90 отсто од лицата кои живеат таму се од Кочани, Радовиш, дури имам сретнато и човек со лична карта од Охрид. Според законот, дали тие имаат право на престој? Прво, да ги пратиме во местото на живеење. Дошол од Кочани и го прашувам зошто е тука, вели затоа што струјата и водата ми се бесплатни. Тука живее, се приклучува диво на струја и вода, а нам ни создава главоболки, изјави Ѓеоргиев.

Главоболките, се чини, се заеднички на сите граѓани, бидејќи загубите на струја ги плаќаме сите.

– Проблемот е присутен со години, се краде струјата, а кога се краде и не се плаќа се троши во изобилство и тоа се евидентира како загуба. Излегуваме на терен и поднесуваме пријави до Обвинителството, но потоа се утврдува дека лицето кое го има приклучокот е или во странство или е покојно, објасни Наумов.

Од ЕВН, по мапирањето на дивоградбите пред три години, наскоро планираат да спроведат ново, бидејќи населбата со дивоградби постојано расте. Растат и кражбите на струја.

– Дивоприклучените крадат монофазно и поради тоа има пад на напонот, се приклучуваат на еден кабел. Луѓето од населбата ги знаат тие што приклучуват на диво, но никој не ги открива кои се, не сакаат да кажат. А овие тројца што приклучуваат на диво работат не само во Штип, туку и во соседниот град Кочани, за што имаат и тарифа. Со тоа се губи електрична енергија која се набавува на слободниот пазар, вели раководителот Наумов.

Фотографија од приватна архива

Проблемот со населбата „Света Недела“ е стар над три децении

Од општината Штип најавуваат поцелосно решение со поставувањето на 43 типски куќи од проектот чиј донатор е Европската унија. Овие типски куќи се планираат непосредно до дивата населба. За потребите на овие куќи се поставува трафостаница, комплетна комунална и урбанистичка инфраструктура. Најавата е дека куќите ќе бидат поставени до крајот на август, што е нов рок со новото продолжување на проектот, кој требаше да биде завршен во јануари годинава.

Но, до август, треба да се поминат деновите со ниски температури. Со оваа инфраструктура, до август, ќе треба да издржат станарите  и на легалните и на дивите градби.

„Света Недела“, некогаш најзелениот дел од Штип со истоимениот живописен манастир, сега е бетонска населба со залепени куќи една до друга, кои пред триесетина години како печурки никнаа во некогашните лозја. Во овој дел можат да се видат убави трикатници, средени и уредени, но луѓето во нив живеат со присутните проблеми со слабиот напон на струја и притисокот на вода. Всушност, тие што сега поседуваат легални градби, некогаш беа сопственици на дивоградби што со Законот за легализација на дивоградбите беа легализирани по цена за едно евра за квадратен метар. Меѓутоа, додека еден дел се уредуваше, на другиот крај никна сосема нова населба од дивоградби, значајно проширена, каде денеска живее ромско население. Во 2020 година од ЕВН биле изброени 150 куќи, но се проценува дека сега се меѓу 200 до 300. Сите се дивоприклучени на струја и вода.

Кал, преживување и лавиринт од кабли

Станарите на дивоградбите за Локал Актив ја покажаа другата страна на приказната. Признаваат дека се дивоприклучени, но сметаат дека нема друг начин. Куќите им се нелегелизирани, дивоградби и како такви немаат можност да добијат струјомер, а немаат ни легална стандардна електрична мрежа до нивните куќи. Наш соговорник е Ј.И., 51-годишен жител на населбата, кој за овие 15 години колку што живее во „Света Недела“ неколку пати бил фатен од полицијата како краде струја.

– Имам една соба, но слаба е струјата и имаме проблем со водата. Бевме приклучени на една бандера, но имаме проблеми, постојано ни ја сечат струјата. Одевме и во Дистрибуција (ЕВН), имаме во маалото многу што сакаат да плаќаат, што платиле за струјомер… поднесовме жалба. Тие ни кажаа дека треба посебно трансформатор, посебна бандера. Ние кажавме дека сме социјалци, не можеме толку да платиме. Во тоа време ни бараа 1000 евра. Ние кажавме – скенирајте и на рати да си платиме, објаснува нашиот соговорник.

Видео од населбата „Света Недела“

Тој побара од општината да изнајде решение за семејствата што живеат од социјална помош. Вели, ќе се согласат со било какво решение, но легално да добијат струја и водомери. Овој жител на дивата населба вели дека по тој состанок од ЕВН не направиле ништо, а има многу дивоградби.

– Тие каблите ни ги сечеа. Ние лично се снаоѓаме. Наоѓаме луѓе што има од ромската популација повторно да нè приклучат. Кое време сме без струја да бидеме?! Имам мали деца, болни, не може без струја да бидеме. Знаеме дека можеби ја крадеме таа струја, но ние информиравме, се собравме таму, 3-4 пати нè фатија на бандерата.  Полиција имаше, запишаа име, презиме, сé имаат земено таму. Од Дистрибуција нека дојдат да видат дали крадеме кабли, самите жители си ги купуваат. Жителите се жалат дека имаат слаба струја. Немаме друго чаре, од  каде да влечеме?!, изјави Ј.И. жител на дивата населба.

Од ЕВН негираат дека износот на приклучоците бил предмет на разговор со жителите. На прашањата од Локал Актив за тоа како планираат да го решат проблемот со струјата и слабиот напон во „Света Недела“, одговараат дека се работи на изнаоѓање техничко решение за регуларните приклучоци во ова населено место. За дивоградбите од ЕВН се повикуваат на законот.

– Генерално, за секој објект што треба да се приклучи на дистрибутивната мрежа потребно е да се достави соодветна документација за истиот. Поконкретно, објектот да е легализиран или да има одобрение за градба, сопственикот да располага со имотен лист и лична карта на увид. Барање за согласност за приклучување на дистрибутивна мрежа (БСП 1) за објект, согласно важечките мрежни правила кои ги одобрува Регулаторната комисија за енергетика, се поднесува за легално изградени објекти, со одобрение за градба или решение за легализација, објаснуваат од ЕВН.

Сé друго, според ЕВН, е надлежност на инспекциите, општината и Градежниот инспекторат.

Социјалците потсетуваат - доаѓаат избори

Веста за намерата да се урива брзо се рашири низ населбата. Мери Неџипова (50) директно му се обрати на градоначалникот Иван Јорданов.

– Дали мислите за нас што примаме социјално?! Одвај за јадење имаме за една недела, а не пак за струја. Срамота е, струјата е многу слаба. Колку работи имаме расипани – телевизори, машини… Па мислете ли вие за нас?! Ние сме Роми и како сакате, така правите. Ви се молам, бидете човек, да си имаме струја, да имаме улично осветлување како сите што живеат во градот и ова да биде населба. Каде да одат луѓето?!, реагира Неџипова.

Нејзиниот сосед Ј.И. потсетува дека доаѓаат избори и на партиите ќе им требаат гласовите на Ромите.

– Го молам градоначалникот да се најде решение. Не е работата да се урива, како што вика, тоа не оди на добро. Пак ќе има избори, тој знае многу убаво, ромските гласови него го седнаа во таа фотеља. Даде збор дека ќе им помогне на Ромите, на социјалците, без разлика од кој град да се, ние не сме имигранти, не сме од Сирија или од Бугарија, ние сме Македонци. Ние сакаме како сите граѓани што живеат и ние да живееме, рече Ј.И..

Фотографија од приватна архива

Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико потсетува дека треба да се почека да се заврши проектот со поставувањето на типските куќи, преку кој ќе биде поставена целокупната инфраструктура. Од организацијата сметаат дека каj никој не треба да се исклучува струја, особено сега во период на ниски температури. Потсетуваат дека пристапот до електрична енергија исто така е основно човеково право, и во ризик се ставаат голем број семејства од ромската заедница кои може да останат без електрична енергија, а со тоа да се загрози нивната состојба.

– Потребно е да се обезбеди преодно решение за оваа сезона, бидејќи во тек е изградба на типски куќи на 43 семејства од ромската заедница од населбата „Света Недела“, но и поставување на нова трафостаница на која треба да се приклучат овие семејства, со што ќе се намали преоптовареноста на електропреносниот систем. Ромалитико преку проектот „Заедно за просперитетна заедница“, поддржан од УСАИД заедно со општината, која има тековен грант од ЕУ за подобрување на условите за домување и изградбата на типски куќи, учествува со поставување на бетонската подлога за поставување на куќите, додека општината и ЕВН треба обезбедат нова трафостаница и приклучоци за овие семејства, вели Алберт Мемети, програмски менаџер од Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико.

Градоначалникот Иван Јорданов по серијата средби со жителите од населбата рече дека во решавањето на проблемот треба да се вклучи и Секторот за внатрешни работи, бидејќи од граѓаните стигнуваат и други поплаки.

– Жителите таму бараат институционална поддршка бидејќи има чести кражби, диво приклучени на системот, поради што има слаб напон и им создава проблем на легалните и легализирани објекти. Но, има проблем и поради непостапување на институциите, конкретно на СВР Штип, за уривање на дивите градби кои им создаваат проблем на легалните објекти. Немаме против никој ништо, но не може нелегалелни објекти да создаваат проблем на легалните објекти и легалното домување, вели градоначалникот Јорданов.

Градоначалникот веќе неколку пати јавно го повикува Секторот за внатрешни работи (СВР). Јорданов вели дека уште во мај 2022 година упатиле барање до СВР да направи безбедносна проценка и полициска асистенција во акцијата за уривање на дивоградбите. Меѓутоа, од таму не добиле одговор. Од СВР пак укажуваат на неуредна административна постапка при барањето од Општината Штип.

– Имено, согласно чл.7 од Законот за полиција, барање за асистенција при уривање на дивоградби се поднесува во законски предвиден рок, во кој од страна на локалната самоуправа треба да има покренато управна или кривична постапка со донесено правосилно решение и заклучок за присилно извршување, со сите генералии и податоци за објектот кој е предмет на извршување, по што од страна на Одделението за полиција при СВР Штип, се врши безбедносна проценка, одговорија од СВР Штип.

Ова административно разногласие меѓу институциите ги спаси домовите во дивата населба. Меѓутоа, секојдневно им ги зголемува проблемите на нивните соседи, кои и натаму не го наоѓаат мирот во „Света Недела“. Еден од жителите вели дека дошол со намера да изгради дом за него, сопругата и семејството на синот. Но, по некоја година младото семејство си заминало во поурбанизирана и побезбедна населба.

Ширењето и бетонизирањето на некогаш зелената „Света Недела“ се случува со години пред очите на сите надлежни институции, кои за решенија зборуваат меѓу различните циклуси избори. Пред избори се молчи, додека трае офанзивата по гласови.

* Енисе Демирова е активистка на Здружението на Роми Черења од Штип

** Весна Коловска е главна и одговорна уредничка на Локал Актив

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE