Search
Close this search box.

Училиштата и Општина Штип бараат Програми за полесно вклучување во воспитно-образовниот процес на ромските деца повратници од странство

Треба посебно да се работи со децата, но и со нивните родители кои се повратници од странство, за децата полесно да се вклучат во образовно-воспитниот процес, е заклучокот од средбата на сите релеватнти институции во Штип, а која се одржа во рамки на процесот на застапување на Здружението за правата на Ромите – Черења, од Штип за проблемот со отсуството на децата од образовниот процес. Ерол Адемов од Општина Штип вели дека родителите на учениците се со понизок степен на образование и не можат да им помогнат на своите деца да ја совладаат наставната материја и пишувањето на домашните задачи. Според него, голем проблем за македонскиот образовен систем е вклучувањето на  децата кои немаат свидетелства за завршено одделение во земјите од ЕУ.

– Еден од заклучоците беше дека треба, преку Бирото за развој на образованието, да се изготви посебна Програма за овие деца, кои ќе можат по некоја скратена Програма да ги совладаат наставните материјали коишто се соодветни за нивната возраст, со одредено тестирање на нивното знаење, и потоа да можат да се вратат во одделението, во коешто биле. Но, имаме и деца коишто повеќе години не биле запишани во училиштата, ниту во Македонија ниту во странство, не учествувале во образовниот процес, и за овие деца сметам дека треба да се направи некоја Програма за описменување, за да можат да се снајдат понатаму во животот, вели Адемов.

Раководителот на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева истакна дека одливот на ромските дечиња од училиштата и нивното заминување во странство, а потоа и враќањето назад, е сериозен проблем.

– Навистина е загрижувачки фактот што сé поголем број деца од основното образование го напуштаат образовниот процес без образложение од страна на родителите и, едноставно, ги снемува од наставата. Тешко доаѓаме до податок каде се тие деца и нивните родители, односно каде се тие семејства, кои заминуваат во некоја од државите во ЕУ, најчесто во Германија, барајќи азил со цел да останат таму, вели Санева.

Санева вели дека имаат и примери на семејства кои во земјава се враќаат и со комплетна документација и вклучувањето на овие деца во воспитно-образовниот процес е лесно, но ваквите позитивни примери се ретки.

За сето ова Локал Актив објави сторија во која како еден од најголемите проблеми, беше истакната реинтеграцијата на децата во образовниот процес. По објавувањето на сторијата, започна процес на застапување за решавање на овој проблем, за што до сега се одржани повеќе средби и разговори. Локал Актив и натаму ќе следи и ќе пишува што преземаат институциите за решавање на овој проблем. 

В.Д

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE