Search
Close this search box.

Дипломати се вклучија во создавањето на првиот инклузивен парк во Гевгелија

Во кругот на Пионерскиот дом во Гевгелија, на површина од 2000 квадратни метри, се гради првиот инклузивен парк наменет за лицата со попреченост. Се работи за прв таков проект во овој регион што треба да се овозможи еднаквост при користење на просторот, преку инклузивни реквизити за седење, игра, сензорни елементи и слично. Проектот го реализираше Фондацијата „Ице Бегов“, основана во чест и спомен на лице со попреченост, за да ја продолжи неговата мисија на хуманост, ведар дух и добрина.

Целиот проект чини околу 4 милиони денари и ќе биде опремен со најразлични реквизити кои треба да овозможат еднаков пристап за сите граѓани, без разлика на попреченоста или специфичните потреби.

,,Проектот предвидува патеки, зелена површина, инклузивни реквизити што ќе може да ги користат сите. Преку ова уште еднаш ќе докажеме дека бариери и предрасуди не постојат“, вели Елена Бегова од Фондацијата „Ице Бегов“.

Во реализација на проектот се вклучи и Општината Гевгелија, која го изготви основниот проект за инклuзивниот парк. Според градоначалникот Андон Сараманов, ова е само еден пример кој треба да покаже како со заеднички иницијативи може да се создаваат вредности за сите во заедницата.

Во уредувањето на овој простор се вклучија и претставници од дипломатскиот кор во државата. Во хортикултурното уредување на просторот учествуваа амбасадорот на Словенија, сопругите на амбасадорите на Полска и Словачка, како и полскиот конзул, заедно со членови на повеќе здруженија на граѓани, лица со попреченост и нивните родители.

,,Со ова сакаме да придонесеме нешто и ние за пошироката заедница во Република Северна Македонија и навистина ни е чест што овде, во Гевгелија, имаме можност да го поддржиме овој инклузивен парк. Со ова сакаме да покажеме дека меѓународната заедница е дел од вашата локална и поширока заедница“, рече Грегор Прескер – амбасадор на Република Словенија.

Фондацијата „Ице Бегов“ постои 18 месеци и до сега има реализирано 11 успешни проекти во кои беа вклучени над 1000 лица со попреченост. Активностите вклучуваа два хуманитарни настани и опремена сензорна соба во дневен центар во Македонска Каменица. Фондацијата има донирано специјално пристапно возило за транспорт на лица со попреченост на општина Гевгелија, овозможила летување на лица со попреченост во Охрид, инклузивно планинарење, ја организирала првата инклузивна трка „November run – Run Together“ и дала поддршка на активностите на повеќе здруженија и дневни центри.

З. Ѓ.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE