Search
Close this search box.

Институциите и родителите треба заедно да работат на темата злоупотреба на малолетничкиот труд

По објавувањето на сторија на Локал Актив, на средба меѓу локалните институции и родители од Делчево, беше договорено да се формира работна група за справување со проблемот на незаконското ангажирање на малолетнички труд и спречување на малолетничката експлоатација.

На средбата, иницирана од Регионалениот центар за застапување – Делчево, која е членка на иницијативата Локал Актив, е договорено да се изработи едногодишен Акциски план со активности кои треба да придонесат кон подобрување на моменталната ситуација.

Средбата е организирана откако во јануари оваа година на Локал Актив беше објавена сторијата „Малолетничкиот труд во источна Македонија – многу работнички обврски, малку работнички права“, во која учствуваше активист на Регионалниот центар

Ванчо Новоселски, советник за образование во Општина Делчево, на средбата истакна дека  низ годините општината негативни искуства во врска со оваа тема, бидејќи како што вели, растечки број ученици кои отсуствуваат од настава, одат на работа во странство и тоа додека трае учебната година. Тој посочува дека има  и родители кои не водат никаква грижа за заштитата и благосостојбата на своите деца.

„Водејќи се од тие примери во областа, треба да се работи меѓу-институционално  и да се вложи многу напор за да се ублажи она што се случува во нашата околина, потенцира Новоселски.

Професорката по социологија од  делчевската Гимназија, Весна Димитровска, која е секојдневно во комуникација со учениците вели дека се свесни за се што се случува.

„Не сакам да звучи премногу негативно, ама јас за иднина предвидувам и многу полоша поставеност на работите. И тука вина имаме сите.  Од една страна младите – имам примери на ученици, кои се распрашуваат како вонредно да го завршат средното образование, ученици кои ја користат секоја можност да отсуствуваат од настава, ученици со лош успех, слаба концентрација и отсуство на посветеност и се тоа поради желбата или потребата да работат. Со мене учениците споделуваат и фотографии од тешка и физичка работа во текот на викендот, која според нив е добро платена“, вели Димитровска.

Средба меѓу локалните институции и родители од Делчево

Таа истакна дека  секогаш прво ги контактира родителите, но, како што рече на средбата дел од нив немаат начин да се справат со таквото однесување на своите деца, а дел од нив велат дека тоа „не е нејзина работа“.

„Ние како колектив  сме ги пробале сите механизми и многу тешко ни оди. Потребна е поголема поддршка“, додава Димитровска.

Ситуацијата на терен со злоупотреба на малолетничкиот труд, во објавената сторија го потврдуваат и Никола и Антонио, кои како млади луѓе на сопствена кожа ја имаат почувствувано злоупотребата на нивниот малолетнички труд.  Никола сподели искуство од угостителски и земјоделски сектор каде работел по неколку месеци, но во нерегулиран работен однос. Но, истакнува дека сепак младите се тие кои одлучуваат дали и под какви услови би работеле – значи, според него, доброволно и свесно ги прифаќаат сите ризици кои ги носи ваквиот ангажман затоа што на прво место им е заработката. Антонио пак сподели позитивна приказна од неговото  прво вработување во приватна компанија, која има претставништва во сите градови и која уште веднаш комплетно му го регулирала работниот однос.

Розета Такева, претставничка од граѓанската организација ЖЕНА во Делчево, на средбата забележа дека тие преку нивната работа помагаат во меѓу-секторската работа и во активности, кои имаат превентивна улога во делот на намалување на последиците од малолетничкиот труд.

„Нашите искуства говорат за млади кои честопати се искористени и од самите родители ,а не од некој друг работодавец“, рече Такева.

Влатко Митев од подрачна единица на министерството за труд и социјална политика во Делчево рече дека е јасно дека неговата институција не располага со доволно податоци во овој дел. Согласен е  дека во овој дел треба да се работи на прибирање на информации, како и на креирање база на податоци, која многу ќе им помогне на сите институции.

На првата средба присуствуваше и Даниела Стефановска претставник на делчевската подрачната единица на Државниот трудов инспекторат, која истакна дека вршат и редовни и вонредни контроли, соработуваат со институциите, а особено со полицијата, која ги придружува, таму каде што има проценка дека е потребно. Но, според неа проблем за  инспекцијата е сепак тоа што не може да пристапи до сите места и да затекне злоупотребувани малолетници – на пример во гранки како шумарството или земјоделството.

„Препорака ни е дека треба преку кампања и состаноци да се подигнува свеста кај младите, но и кај нивните родители, бидејќи досегашното искуство зборува за тоа дека родителите многу често се запознаени дека нивните деца се работно ангажирани, пред сѐ во угостителски објекти, но на тоа не се противат. Исто така, важна работа која сакам да ја потенцирам е дека најавуваниот Закон за времено вработување е од клучно значење за решавање на токму овој проблем со малолетниците. Поголемо внимание треба да се посвети и на промоцијата на законите за волонтерство и практикантство, како и на мерките кои институциите ги објавуваат“, рече Стефановска.

Таа посочи дека како инспектори  не им е проблем да одат во надзори.

„Не е проблем ни да бидат казнети работодавачите, ама верувајте казните се многу мали и не се никаква закана за нив, а од друга страна не е виновен само работодавачот, туку и малолетникот, кој се нафатил да работи и родителот, кој тоа го дозволил“, додаде Стефановска.

Виолета Илиевска  Инспектор за превенција од гранична полиција додаде дека надлежноста на граничната полиција, во делот на малолетничкиот труд е во тесна соработка со полициската станица од општа надлежност во Делчево. 

„Ние сме активни во делот на превенција генерално преку посета на млади во училиштата и проекција на филмови не само во делот на искористување на малолетничкиот труд туку и  за превенција на трговија со луѓе, заведување на младите и инволвирање во проституција, работа во странство и користење лични податоци и можности од злоупотреба на млади од страна на организирани групи. Мислам и дека во таа насока треба да се продолжи, но со засилени кампањи и подигање на свеста кај младите. Ние сме секогаш отворени за соработка и за спроведување на вакви акции“, вели Илиевска.

Меѓу заклучоците од средбата на сите релевантни институции и локалните невладини организации е договорено како активности да бидат проекција на едукативни филмови за различни младински групи и за родители, едукативни предавања организирани и спроведувани од страна на членовите на работната група.

В. Д.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE