Search
Close this search box.

Велигденскиот базар ја покажа креативната моќ на лицата со попреченост од Струмица

По струмичките села сѐ уште има родители на деца со попреченост, кои сметаат дека животот на овие деца треба целосно да се одвива во рамките на семејствата. Често сметаат дека тој треба да се одвива во многу затворен круг.

Оваа опсервација е на Соња Сачевска, претседател Здружението на лица со интелектуална попреченост Порака од Струмица, која апелира до родителите од руралните средини да не кријат дека нивните имаат попреченост, туку напротив, да зборуваат за проблемите и јавно да се борат тие да бидат решени.

Дел од лицата со попреченост имаат одреден капацитет за да имаат социјален живот, а со нечија помош дури и можат да креираат предмети или производи. Доказ за ова е неодамна одржаниот Велигденски базар, каде што членовите на струмичката граѓанска организација Порака ги изложија своите рачно изработени творби. Овој базар се одржува 14-та година по ред и е дел од активностите на Социјалниот клуб во оваа организација. Членовите на Порака, своите експонати ги работеа со поддршка на своите родители и членовите на Центарот за активно стареење од Турново.

„Овие млади во Социјалниот клуб научија и како да се грижат за сопственото здравје, хигиената во домот, како да се однесуваат во кујна, на јавен простор во сообраќај. Сето ова го знаат бидејќи со нив работат едукатори и стручни лица. Затоа е апелот до родителите од руралните средини да не ги кријат и чуваат своите деца во четири ѕида, туку да се борат за нив. Кога се мали, мали се и проблемите, но кога ќе пораснат ќе биде потешко оти родителите се повозрасни и не може да одговорат на нивните потреби“, вели Сачевска.

Социјалниот клуб функционира секој вторник и четврток од 17 до 19 часот и 30 минути. Таму лицата со интелектуална и друг вид попреченост постојано работат, креираат. Паралелно другаруваат, пеат песни, играат ора и танци. Посетителите, со купувањето на ракотворбите, донираат на Здружението Порака.

Струмичани купуваа експонати изработени од лицата со интелектуална попреченост

„Средствата ги користиме за набавка на нови материјали, кои ќе послужат за изработка на други експонати. Младите се горди кога ќе видат дека тоа што го изработиле е продадено. Имаат чувство дека и тие придонеле во заедницата, кажа Сачевска.

Освен на Велигденски базар, ракотворби се подготвуваат и за Нова година и Божиќ. Претседателката на Порака додава дека намерите им се креациите на младите со попреченост да се најдат и во маркетите.

„Ни треба помош овие експонати што ги работиме во Социјалниот клуб, да се најдат и во големи маркети и таму да се продаваат со нагласок дека се од лица со интелектуална попреченост. На тој начин може да преминеме и во социјално претпријатие каде овие лица ќе заработуваат и ќе бидат корисни на заедницата“, вели Сачевска. Ова според неа, може да придонесе кон поголемо прифаќање на различностите и отфрлање на предрасудите.

В.Т

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE