Search
Close this search box.

Кршење на работничките права преку незаконски склучени договори за работа

Опис на проблемот

Во минатата година, како последица на економската криза, се случија многу незаконски откази на вработени од целиот приватен сектор. Организацијата Гласен Текстилец даваше правна помош и поддршка на повеќе работници од приватниот сектор, особено од текстилната индустрија, преку барања за интервенции до надлежните институции и работодавачите. Притоа, проблем беше што работниците не поседуваа примерок од договорот за вработување, така што единствен начин да се дознае видот на работниот однос и правната заснованост на отказот беше да се побара образецот М1/М2 од подрачните Агенции за вработување. Од увидот во обрасците за четири случаи беше утврдено дека станува збор за договори на определено време склучени на ‘0’ месеци. Со вакви договори, работниците немаат никаква сигурност на работното место, напротив, работодавачот може од денес за утре да им го прекине договорот. Локал Актив се обрати со официјален допис до Министерството за труд и социјална политика и до други надлежни институции, бидејќи ова е првпат да се идентификува ваква пракса откако Гласен Текстилец работи на оваа тема.

Локал Актив пишуваше за овој проблем во сторијата објавена во Март 2024 година.

Барања

  • Министерството за труд и социјална политика да реагира за овој проблем до Агенцијата за вработување и да побара информација зошто во некои подрачни агенции се примаат вакви незаконски договори на определено време, односно обрасци М1/М2 со графа за периодот на вработување во која стои ‘0’ месеци.
  • Државниот трудов инспекторат да оствари увид кај работодавачите и да ги поништи овие договори, односно да ги врати работниците на работното место, со транформација на договорите на определено во договори на неопределено работно време, но и соодветно да ги санкционира оние работодавачи кои го прекршиле Законот за работни односи.
  • Државниот трудов инспекторат да оствари средба со надлежните во АВРСМ и да побара да се реши овој проблем односно во образецот М1М2 да нема можност да стои 0 месеци;
  • Агенцијата за вработување на РСМ и сите нејзини подрачни единици да постапуваат согласно Законот за работните односи, односно обрасците М1/М2 да не бидат примени доколку во графата за времетраење на договорите на определено време не е прецизно внесен бројот на месеци.
  • Работодавачите да го почитуваат Законот за работните односи, да не склучуваат незаконски договори и, согласно Законот, да им даваат примерок од договорот за вработување на своите вработени.

Застапување за решавање на овој проблем

Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Здружението „Гласен текстилец“ од Штип.

Реализирани активности
  • Во текот на март беа изготвени и испратени формални дописи до АВРСМ, МТСП и ДИТ со соодветен опис на проблемот и приложени докази за ваквата незаконска пракса.

  • Во март беше реализирана и средба со Ѓоко Велковски, технички Министер за труд и социјална политика. Откако беше запознаен со проблемот, министерот даде препорака решавањето на овој проблем да се одвива во координација со Агенцијата за вработување.

  • Во март беше реализирана средба со Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Драган Ковачки, носител на листата од ВМРО ДПМНЕ во Изборна единица 3 и Душко Иванов, кандидат за пратеник на ВМРО-ДПМНЕ. На средбата беше постигната согласност дека се потребни измени на Законот за работни односи и од страна на претставниците на оваа партија беше ветено дека ќе се заложат за тоа штом ќе се формира новата Влада и дека во работната група ќе биде вклучена и организацијата „Гласен текстилец“.

  • Беа објавени повеќе соопштенија и реализирани интервјуа во неколку телевизии на национално и на регионално ниво, за да се запознае пошироката јавност со овој проблем.

    Локал Актив и натаму ќе ги следи мерките што ги преземаат институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE