Search
Close this search box.

Подлогата во спортската сала во Радовиш опасна за спортистите– надлежната институција ветува, но не го исполнува ветувањето за санација

Автори: Кристијан Трајчов* и Ване Трајков**

Спортската сала во Радовиш е едно од ретките места, во овој мал град во југоисточниот регион на Македонија, каде што може да се развиваат спортовите во сала. Но, нејзината подлога, денес е многу оштетена и, според спортските работници со кои разговаравме, преставува реална опасност за спортистите коишто тренираат или се натпреваруваат во неа.

Зиме, радовишките спортисти во неа се смрзнуваат бидејќи објектот е без греење како и повеќето спортски објекти во земјава. Проект за реновирање има, но пари нема. Локалните политичари и општинските власти со години ветуваат реконструкција, но спортистите и понатаму тренираат во услови во кои има голем ризик од повреди.

Таква е сликата на Спортскиот рекреативен центар „25 Мај“ во Радовиш, отворен во 1987 година со капацитет за 1200 гледачи. Објектот има и помала сала за тренинзи, како и други придружни простории и содржини.

Салата ја користат речиси сите спортисти што се натпреваруваат – боксери, борачи, каратисти, пингонгари, а најмногу прволигашот Ракометниот клуб „Радовиш“, чии членови и екипи се постојано во салата. Со спортската сала во Радовиш стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти ,,Радовиш – 2014“, кое е локално јавно претпријатие формирано за таа намена пред десет години. Подлогата во салата пред десетина години беше реновирана како донација од рудникот Бучим, но оттогаш до денес значајно е оштетена.

Младиот ракометар Филип Трајанов кој неколку години тренираше и се натпреваруваше во ова сала, алармира дека подлогата треба да биде сменета, бидејќи, како што вели, доаѓа до повреди кои спортистите може да ги чинат престанок на кариерата.

„Штетата е за играчите, бидејќи се работи за млади луѓе кои секојдневно тренираат на таа подлога. Ако тренираш пет дена во неделата плус натпревар, а тоа го правиш на таа подлога, тогаш тоа е проблем и тоа огромен. Константно тренирајќи таму доаѓа до повреда на колената, зглобовите и грбот. Жално е идните генерации да тренираат во вакви услови“, вели Трајанов.

Филип Трајанов, ракометар во РК „Радовиш“

За ова зборуваше и тренерот на Ракометниот клуб „Радовиш“, Александар Долдуров кој вели дека некои проблеми во салата се подобри во споредба со состојбата пред две и пол децении. Но сепак, вели, со овој објект има проблеми кои не ги засегаат не само нивните ракометари, туку и оние кои гостуваат.

„Јас тренирав за овој клуб 22 години па и самиот почувствував дека повредите се случуваа од самата подлога бидејќи е тврда, но и самиот ракомет како спорт е контактен со многу трчање и дуели, каде телото се троши. За разлика од порано, кога јас играв, условите се  подобри. Не е некоја голема разлика, но сепак одиме на подобро. Некои работи кои нам ни пречеа, беа санирани. Но, на играчите мора да им се обезбедат најдобри услови за да го добиеме најдоброто од нив. Не станува збор само за сениорската екипа, туку и за помладите“, дециден е Долдуров.

 

Освен подлогата проблем е и затоплувањето. Како што е случаи и со повеќето други спортски сали во земјава. Во „25 Мај“ нема греење кога мора да го има. Преку зимата се работи во поларни услови и ниски температури. Со ова спортска сала стопанисува Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти ,,Радовиш 2014“ Радовиш (ЈПССО). Под јурисдикција на ова јавно претпријатие е и градскиот стадион во Радовиш и двојниот тениски терен. Од пред две години, ова јавно претпријатие се грижи и за јавното улично осветлување во општината.

Локалното Јавно претпријатие нема свои пари за реконструкција на подлогата

Директорката ЈПССО ,,Радовиш – 2014“ Лолита Арсов, тврди дека условите во ова спортска сала биле многу полоши претходно. Во последните години направени се одредени инвестиции но во поглед на подлогата и затоплувањето, признава дека немаат пари да го реализираат тоа. Арсов објаснува дека реновирани се тоалетите, вратите и соблекувалните, подобрена е хигиената, но подлогата и греењето остануваат најголеми проблеми.

Фотографија од спортскиот рекреативен центар „25 Мај“

„Замислете, после 10 години во овој објект беше направен план за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи. Се направија многу работи откако јас сум одговорна. Во однос на подлогата, на градоначалникот во два наврати од страна на директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски му беше ветено дека ќе помогнат таа подлога да се реновира и реконструира. Тие ниту помислија на нашите спортисти, ниту помогнаа на кој било начин во инфраструктурата. Ние немаме добиено ниту денар од Агенцијата, а причината за тоа не ја знам. Ние како Општина сме заборавени од Агенцијата, а од тука излегоа многу квалитетни спортисти и допрва ќе излегуваат, но ваквите услови го отежнуваат патот на младите спортисти. Штета е еден ваков објект да пропаѓа. Подлогата е буквално пластика и бетон“, рече таа.

Тврдењето на Арсова не можевме да го провериме од Агенцијата за млади и спорт иако до неа испративме прашања. На поставените прашања не одговори никој, ниту пак тогашниот директор Мојсовски одговори на нашите пораки. Со тоа останавме покуси за одговорот зошто радовишката сала не се најде на списокот за реконструкција и за кога се планира.   

Арсова пак е убедена дека ниту Јавното претпријатие ниту Општината немаат финансии за реконструкција на оваа подлога. Таа додаде дека за подлогата има проект според кој се предвидува да се постави паркет. Но, таа смета дека од тоа нема да има ефект, доколку тука не помогне државата.

„Термини за спорт како што е фудбалот немаме само заради подлогата. Во однос на греењето, моментално само канцелариските простории имаат греење. Не знам како ќе се реши греењето. И сега не сум задоволна од ништо во овој објект, иако споредбено со тоа како беше претходно, ова е едно големо подобрување. Јас само се надевам дека наскоро ќе има некаква позитивна вест од Агенцијата околу реконструкција на подлогата, а во однос на греењето допрва ќе решаваме“, вели Арсов.

Ова јавно претпријатие се финансира од општинскиот буџет, зема 10% од наплатата за јавно осветлување, а остварува и свои комерцијални приходи од користењето на просторот. За 2024 година во Програмата за работа на ЈПССО Радовиш пишува дека се планира да се потрошат 11.415.978 денари што е еквивалент на околу 186 илјади евра. Дури 79% од овие пари (или околу 9 милиони денари) се наменети за уличното осветлување. Половина милион денари или 8130 евра од сумата што преостанува, треба да бидат обезбедени од општина Радовиш за сервисирање на комуналиите, додека останатиот дел е предвидено да се прибираат од спортските клубови, фирми и здруженија кои користат деловни простории во СРЦ „25 Мај“. Таму простор користи прифатна теретана, Шумската полиција и синдикатот на рудникот „Бучим“.

Средства се планираат и од издавање на салата за одредени други спротски и културни манифестации. Во ЈПССО ,,Радовиш – 2014“ како вработена се води 

единствено директорката, а таму се ангажираат лица како сезонци и под договор на дело за чистење и одржување на овој објект. Меѓутоа, приходите не стигнуваат за реновирање, ниту пак тие се планирани во Програмата.

Во програмата за 2024 година, планирано е да се заменат плочките во тоалетите и соблекувалните, набавка на нови столчиња за трибините, клупи и два гола. За оваа намена се планираат половина милион денари.

Ветувањето за реконструкција на подлогата во салата во Радовиш остана во Агенцијата за млади и спорт

За подлогата во спортската сала, се Локал Актив се обрати до локалните власти каде раководителот на Одделението за јавни дејности Игор Чапов, објасни дека таквата реконструкција би чинела многу средства, што општината ги нема. Чапов кажа дека од страна на Агенцијата за млади и спорт имало ветување дека ќе помогне во замената на подлогата, но досега ветувањето не е исполнето.

„Минатата година имавме посета од тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и конкретно беше разговарано за можноста за две инвестиции во спортската инфраструктура во општина Радовиш, конкретно за помошниот стадион во населбата Раклиш, како и за реконструкција на подлогата во СРЦ  „25 Мај“. Веднаш после таа средба, ние лани во мај, поднесовме барање со целосна документација до Агенцијата со можност истото да влезе или во програмата за 2023 година или во годишната програма за реконструкција на спортски објекти во 2024 година. За жал, мораме да констатираме дека ниту првиот ниту вториот дел беше исполнет од нивна страна, па така бевме фрапирани на толку ветување“, објаснува Чапов.

Тој рече дека тоа е трагично, бидејќи подлогата во спортската сала практично е потрошена и дека итно е потребно решение. Градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов вели дека за санација на подлогата во салата,,25 Мај“ потребни се околу 60 илјади евра. Како општина имаат проект, но немаат пари за да се смени подлогата која е бетонска.

„Од Агенцијата беа должни да пратат стручни лица за да направат проценка, но тоа не се случи. Ние ангажиравме стручни лица и веќе имаме изработено проект за санација на подлогата. Тоа би чинело околу 60 илајди евра, пари кои како оптшина ние ги немаме. Доколку новото Министерството за спорт не реагира, планираме идната година во Буџетот на општината да обезбедиме дел од парите, а дел да ги бараме од донатори “, изјави за Локал Актив градоначалникот на Радовиш Ацо Ристов.

Од Агенцијата за млади и спорт, а сега Министерство за спорт не добивме одговор каде „заглави“ ветувањето за реконструкција на подлогата во спортската сала во Радовиш. Поради промената на власта вообичаено на институциите им треба време за да се ориентираат во напластените локални проблеми, иако мора да има институционален континуитет за договорените и планираните решенија. Во објавената Програма за градежни работи и Потпрограма за спортски објекти во Службен веник не е планирано пари за салата во Радовиш.

За ова година се планира изградба на пливачки базен во Охрид и 14 затворени училишни пливачки базени. 15 милиони денари ќе одат за поставување фитнес зони, а околу 20 милиони за проектирање и изведба на повеќе наменски игралишта. Во делот на реконструкција и санација на спротски објекти се планира реконстуркција на базенот во Струга, фудбалските игралишта во Слупчане, Демир Капија и Гостивар но и спортските сали „Лирија“ во Општина Боговиње и „Партизан“ во Општина Карпош, стои во Програмата за 2024 година.

Општина Радовиш планира спортската сала „25 Мај“ - сончевата да ја претвора во топлинска енергија

Во ситуација кога станува јасно дека од државните институции не може да се очекуваат средства за оваа година, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион најави проект со кој се решава проблемот со загревањето.

Објектот на Спортската сала ,,25 Мај“ се планира да произведува електрична енергија , со поставување на сончеви панели која потоа ќе се претвора во топлинска енергија. Со тоа, ќе може да се загрева не само овој објект туку и други јавни објетки во општината. Проектот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион предвидува сончеви панели, покрај на салата, да се постават и на училишната сала при ООУ ,,Крсте Петков Мисирков“.

Фотоволтаичните панели би требало да бидат со капацитет од 430 киловати инсталирана моќност. Според проекциите на градоначалникот на општина Радовиш Ацо Ристов, со овој проект преку летото произведената енергија ќе се користи за уличното осветлување, додека преку зимата да се претвора во топлинска за загревање на јавните институции во Радовиш.

„Со инсталација на двете фотоволтаични централи на спортската сала како и во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“, полека пристапуваме кон енергетски независни општините. Очекуваме во наредниот период да почне производството на електрична од сончевата енергија. Како општина, произведената електрична енергија ќе ја претвараме во топлинска за загревање на локалните јавни институции, бидејки имплементираме и друг проект финансиран од ЕУ за изградба на мини топлана, па преку термо пумпи ќе го замениме фосилното греење во градинката, гимназијата, општинската зграда, основното училиште и спортската сала „25 Мај“, со што ќе се реши проблемот за загревање и на овој објект“, рече градоначалникот Ацо Ристов.

Станува збор за два одделни проекти во вкупна вредност од околу 1,3 милион евра. Едниот го финансира Швајцарската амбасада и Министерството за локална самоуправа преку проектот Енергетски ефикасен регион, а вториот се работи преку ЕУ во рамките на Програмата ЕУ за општините.

За разлика од Радовиш, спортските сали и објекти во Струмица и други градови се под концесија !

Спортските терени и објекти во земјава се „трн во око“ за институциите, спортските клубови, јавноста. Се чини дека никој сериозно не води сметка за објектите кои се граделе во времето на поранешена Југославија, а дел и по пат на локален самопридонес со пари од граѓаните. Направени се доста истражувања, при што се утврдени низа аномалии со нивното стопанисување и начинот на издавање на правни и физички лица, кои освен за спрот ги користат и за други намени.

Според последното истражување што го направи Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), минатата година со фокус на осум општини во државата, констирано е дека спортските објекти се издадени на користење на нетранспарентен начин, а голем дел од ови објекти и терени имаат нерешен статус и не се користат за спорт.

Во Југоситочниот регион истражувањето е правено и во Струмица, при што е констатирано дека трите најголеми спортски објекти се издадени под концесија од страна на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во државна сопственост. Станува збор за стадионот „Младост“, спортската сала „Парк“ и спортската сала „Партизан“.

„Државното јавно претпријатие за стадионот Младост има склучено договор за концесија до 2037 година со фудбалски клуб Беласица, за спортска сала Парк договорот за концесија до 2025 година е склучен со кошаркарски клуб АБА и за спортска сала Партизан договор за концесија е склучен со КГС Партизан, но концесијата е веќе истечена,, стои во анализата.

Фотографија од спортскиот рекреативен центар „25 Мај“

Во моментов Општина Струмица стопанисува со општинското фудбалско игралиште Филип Лазаревски и стадионот во Градско Балдовци. Овие два терена ги користат фудбалски клубови без надоместок заради што општината не генерира приходи врз оваа основа.

„Општина Струмица нема усвоено интерен акт со којшто би била регулирана постапката за избор на корисниците на објектите за спорт. Договорите се доделуваат со одлука на Советот на општината, без претходно објавување јавни повици за издавање на објектите за спорт. Општината не генерира приходи од издавање на објектите“, констатираше Центарот за граѓански комуникации.

Во Радовиш, град познат по спортските успеси на борачите, ракометарите, но и во други спортови, младите очекуваат поголема грижа за објектите кои се важни за нивниот развој. Надежите се во новоформираното Министерство за спорт кое очекуваме итно да го санира проблемот на радовишките спортисти.

*Кристијан Трајчов е активист од ВИА АД АСТРА Радовиш.

*Ване Трајков е новинар.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE