Автори: Зоран Ѓоргиев и Ване Трајков*
Васко Панов е 32-годишен земјоделец од струмичкото село Куклиш кој произведува зеленчук и градинарски производи. Но, тој не знае ниту по која цена ќе ги продава ниту пак кому ќе му ги продаде. Во ова производство тој го вложува сиот свој капитал и сиот свој труд. Но, како и многумина други, после цела година вложувања и работа, на крајот на сезоната тој се прашува дали неговиот напор е воопшто исплатлив.
По стапките на неговиот татко, Васко почнал да се занимава со земјоделство многу млад. Има подигнато околу 10 декари или еден хектар под пластеници, во кои одгледува пиперки, краставици, домати. Нема никаков договор со конзервно – преработувачките индустриски претпријатија капацитет, ниту пак со некој регистриран откупувач.
Ова значи дека во екот на бербата треба да убеди некој откупувач и тој да се согласи со цените кои секојдневно се менуваат, независно дали тие одговарат на трошоците на неговото производство. Вака за Васко е со години.
Но вака е и за повеќето земјоделци кои со голема неизвесност и без план засадуваат култури, без да имаат договор за откуп. Со тоа се создава голема несигурност и кај нив, но и на пазарот, кога во само еден месец еден производ се продава од најниска до највисока цена.
„Црвени пиперки имам засадено на околу 9 декари со 47 фолии. Договор немам, оти никој ми нема ништо понудено. Садиме така, на своја рака, па го нудиме пиперот на трговците. На, кој и како ќе го дадеме, се решава за време на бербата, бидејќи некои од трговците почнуваат покасно да откупуваат. Некои земаат стока, некои не земаат. Значи не е конкретно за ниту еден откупувач, вели Панов.
Тој објаснува дека многу би било полесно кога би имал договор на откуп однапред и по договорена цена.
„Така ќе може да се планира колку да посадиш и кога да посадиш. Може да се посади на пример во етапи, да не биде цело производство во исто време, Значи, колку ќе му треба на побарувачот да се посее и во кој период. Трговците моментално ги нема, не само кај мене, туку немаат отидено кај никого од производителите да ги посетат. Никому немаат кажано колку да се посее или да кажат колку и како ќе се откупува“, објаснува Панов.
Земјоделците од југоисточна Македонија освен со регистрираните откупувачи, немаат склучено договори ниту со конзервно – преработувачки капацитети, кои пиперките ги земаат како суровина за преработки.
„До сега не паметам да имало таков договор. А тоа е најбитно – да се направи договор, да се направи некој план, да се обезбедат количини колку што треба и да се бараат пласмани. Значи, прво да се задоволат нашите фабрики со оваа култура, мислам на црвените пиперки, а за остатокот да се бараат пазари“, додава Васко Панов.
Тоа, според овој земјоделец, подразбира договорено и планско производство, со тоа што секој земјоделски производ би имал договор со минимална загарантирана цена. При тоа, стручни лица треба да го пресметаат трошокот на овој земјоделски производ и да се стави некој профит за земјоделецот.
Откупувачите не нудат договори, оти и тие не знаат колку и каде ќе извезуваат
Трговците, од друга страна, сметаат дека однапред не може да ја планираат продажбата, а камоли извозот на зеленчук од струмичко, за врз основа на тоа на земјоделците да им понудат договори и откупни цени.
Тие почнуваат да откупуваат, како што велат, дури откако деловните партнери од странство ќе побараат одредени количини зеленчук или градинарски производи. Како што тврдат, и деловните партнери во опкружувањето и европските држави сакаат квалитетен и евтин зеленчук. Откупувачот Блажо Витанов вели дека цврсти гаранции дека ќе купат од Македонија – нема, бидејќи количините се договараат претежно на неделно или месечно ниво.
„Тоа значи дека немаме однапред утврдена соработка на пример, на годишно ниво за одредени количини или цена. Ти се јавуваат и бараат за следната недела 20 тони зелка по таа и таа цена. Па, ние овде се прилагодуваме. Јас како откупувач овде, немам цврсти гаранции дека партнерите со кои соработувам ќе продолжат да земаат од мене или од Македонија. Наша конкуренција се трговците од Албанија, Турција и така натаму. Така што, не ни е баш лесно и нам трговците“, вели Витанов.
Тој додава и дека Албанија ги субвенционира извозно ориентираните компании на зеленчук, што кај нас не е случај. Тоа е мерка, како што вели, која го тера откупувачот да најде нови пазари.
Дека македонскиот зеленчук ја губи трката со албанскиот во странство потврди и откупувачот Орце Петров од село Просениково. Македонските домати, според Петров, се неконкурентни во однос на албанските. За време на протестите поради ниските откупни цени на доматите, овој откупувач кажа дека албанското производство финишира во периодот кога бербата на доматите во струмичко е во полн ек, па на странските пазари албанските имаат пониска цена.
„Секоја година се повторува истото. Ние не бараме ништо повеќе, само една реална цена да си ги покриеме трошоците. Компирот беше 30 денари и одеднаш дојде на 15. Таа цена за нас не е исплатлива, не ги покрива ниту трошоците за производство“, вели Милан Ангелов производител на компир од Иловица.
„Македонскиот домат претежно се продава на бившите југословенски пазари. Проблем со ниската цена е конкуренцијата што ни ја прави албанскиот домат. Тие веќе се во завршна фаза, го даваат многу евтино и го пополнуваат тој простор. За нашиот домат има интерес во Босна, Србија, Косово, Бугарија. И покрај тоа што е подобар, повкусен, цената е цена, а директната конкуренција доаѓа од албанскиот домат. 30 до 35 центи е во Албанија натоварена во камион и ја носат во Србија, Босна, Косово. И тука е проблемот. А ние ако не ги извезуваме доматите во тие држави нема каде. Во Европа не можеме да го пласираме нашиот домат“, вели откупувачот Орце Петров.
Ниту конзервно-преработувачките капацитети од земјава не нудат договори. Локал Актив разговараше со сопственик на еден таков капацитет, кој сакаше да биде анонимен заради осетливоста на темата. Според него, нема однапред договорено производство, туку договори се прават отпосле на предаденото производство. Овие договори не се гаранција за планско производство, туку само договори за да бидат исплатени три денари субвенција на производителите од страна на државата.
Тој вината ја гледа во производителите, бидејќи во случај на повисоки пазарни цени, тие производството, наместо во преработувачките капацитети, го даваат на пазар.
„Дали тогаш треба да ги тужам земјоделците?! Дали како капацитет треба да чекаме само на договорените количини кои место кај нас земјоделците при повисоки цени ги носат на пазар или по откупни пунктови. Затоа вака се врзуваме со откупни центри кои откупуваат за наши потреби, пиперки, феферони, модар патлиџан, домати“, вели овој преработувач.
Стратегија за договорено и планско производство, бараат земјоделските здруженија
Земјоделските здруженија се приврзаници на договорено и планско производство, кое, како што сметаат, ќе им донесе спокој на земјоделците во поглед на пласманот што до сега е најголемиот проблем во земјоделската дејност.
Според нив, не треба ад хок да се решава проблемот со откупот, туку треба да има стратегија во која ќе биде наведено што и колку да се произведува во државата, ќе има ли извоз за тоа производство, во кои држави по која цена. Не помалку важно прашање е дали би се стимулирало производството и извозот од државата.
Драги Памуков од здружението ,,Кукла Градинар“, бара сите чинители во ланецот на производство и продажба на одредено земјоделско производство да седнат на маса и заеднички да бараат решенија.
„Изгубена е довербата меѓу трговецот и земјоделецот. Немаат комуникација и доверба меѓу себе. Таа доверба треба да се потекне од самите трговци кои го имаат планирано извозот за следната година. За жал, ние немаме планиран извоз од самите трговци за следната година во поглед на тоа што ќе се извезува, во која држава, по која цена, па оваа информација да стаса и до земјоделците. Овде Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) треба да ја има клучната улога. Да ги седне на маса сите чинители да се изработи стратегија односно да направи едно тело во кое ќе членуваат трговци, преработувачи, земјоделците. Сите заеднички да разговараат и да ги изложат своите проблеми на маса па да се најде решение како би се движела следната производствена година“, кажа Драги Памуков.
Сличен став имаат и дел од претставниците на други земјоделски здруженија кои поради осетливоста на темата, инсистираат да останат анонимни. Според еден од нив освен прашањето со довербата, проблем е што има многу трговци, ама малку извозници.
„Вистинските извозници за жал, ги нема на теренот. Ние како земјоделци многу малку веруваме на откупувачите што ги викаме, а трговецот што е извозник, го нема. Не го знаеме каде е, а сепак извезува. Кај нас треба да се врати малку довербата меѓу тие два сектори, да седнат на маса и да почнат да разговараат и да планираат што му треба на трговецот за извоз па земјоделецот тоа да го произведе“, вели соговорникот на Локал Актив.
Според него, во Струмица постојат пет до шест таканаречени големи играчи на пазарот, што според него претставува проблем бидејќи другите 50 до 60 се невидливи.
„За време на сезоната на домати во Македонија доаѓа стока од увоз. Тоа треба да се стопира. Цените што се нудат на пазарот се толку ниски што не можеме ниту производствените трошоци да си ги покриеме. Треба да се направи нешто, некој план, за да се најде подобар пласман за време на нашата сезона“, изјави Атанас Танушев земјоделец од Просениково
„Еве еден прост пример: Од 50 луѓе, пет до шест луѓе имаат 300 до 400 камиони извоз, а сите други еден до два камиони. Дали тоа е трговец? И покрај тоа што секој можеби на некој начин е врзан со политиката мислам дека извозниците немаат врска со политиката, бидејќи кога се зборува за бизнис мислам дека политиката тука нема влијание оти секој си го гледа својот економски интерес. На крајот на краиштата, на трговецот главната намера му е да купи евтино и да продаде скапо. Но, жално е што не размислуваат дали во иднина ќе имаат што да купат, бидејќи бројот на земјоделци секојдневно се намалува“, заклучува нашиот соговорник.
Услови кои немаат врска со пазарот и економијата ги диктираат цените на пазарот, овенува професорот Томе Тимов, магистер од областа на градинарството. Според него, иако постојат многу фактори кои имаат влијание во формирањето на цените, клучна е моќната улога на бизнис кругови преку своите пазарни стратегии и лоби напори.
„Некои бизнис кругови можат да ги манипулираат цените за своја корист, вклучувајќи ги монополски практики, преговарања за големи попусти или ценовни договори со производителите. Ова може да резултира во неправедни услови за малите производители и потрошувачи“, вели професорот Тимов.
Следени по влијание врз формирањето на цените се фактори, кои често имаат улога на стихија. Тоа се пазарната понуда и побарувачка, климатски услови, производствени трошоци, трговски политики и слично.
„Често се случува цените да се формираат според тежината на влијанијата на овие фактори, што понекогаш може да доведе до нестабилни или нереални цени за производителите. Некои од најважните влијанија вклучуваат климатски услови, промени во времето и непогоди како суша или поводи можат да влијаат на родот на културите и следствено на цените на производите. Исто така важна улога играат понудата и побарувачката. Ако има голема понуда на даден производ поради добра жетва или постојано производство, цените може да паднат. Наспроти тоа, ако има малку понуда поради лоша жетва или други причини, цените може да се зголемат. Тука се и трошоците на производство. Високите трошоци за гориво, репроматеријали, работна сила и други ресурси можат да ги зголемат цените на производите, кажа Тимов.
Во однос на тоа како теоретски би требало да се формираат цените, Тимов повикува на постојана комуникација помеѓу производителите, трговците и потрошувачите. Тоа вклучува размена на информации за пазарите услови, реалните трошоци на производство и реалност и фер однос во споделувањето на добивката. Освен тоа, поддршка од владините институции и промоција на фер трговија може да помогне во создавањето на стабилни и одржливи пазарни цени за сите учесници во земјоделскиот сектор.
Договореното производство со години е во фокусот на домашни и странски фондации и организации. Низ работилници ги едуцираа фармерите дека иднината е во договорите што треба да ги склучат од една страна производителите, а од друга страна трговците, откупувачите или преработувачите. Вложени се многу средства во обуките, а на крај договорите и понатаму остануваат главен проблем.
Федерацијата на фармери, Асоцијацијата на преработувачи, МЗШВ низ годините во Струмица се обидуваа преку седнување на маса да се најде некое решение пред почеток на производствена сезона за и околу пласманот на одредена култура. Договореното и планско производство со градинарски производи во струмичко, вистински никогаш не заживеа.
Од идната година ќе се посветиме на планското производство најави Трипуновски
Државата пред една деценија преку Агенцијата за потикнување на земјоделството, а со поддршка на повеќе странски фондации издаде Прирачник за Договорено производство. Како Министерство за земјоделство постојано најавуваа мерки за да се зајакне врската меѓу откупувачите и земјоделците, што не се случи.
Новиот министер за земјоделство Цветан Трипуновски, кажа дека новата владда ќе овозможи од идната година како држава да обезбедува навремен пласман. Дополнително, преку програмите за субвенции ќе има нов модел со кој ќе се потикнуват земјоделците во кој регион што да се произведува.
„Еден од проблемите што го наследивме беше и со делот на пласманот и планското производство. Власта ја преземаме на половина од годината и мораме да ги менаџираме процесите како што ги наследуваме од претходната власт, меѓутоа тука сакам да потенцирам дека веќе се работи за од 2025 година да стартуваме со нов начин на субвенционирање со изменет модел и во делот на планското производство да ги насочуваме земјоделците во кој регион што треба да биде приоритет, а од друга страна , како држава, она што сме го зборувале да обезбедиме навремен пласман и цени кои што се на ниво на рентабилност“, кажа министерот Трипуновски.
„Никогаш не се случило во мај месец да се фрла зелка. Доматите во месец мај никогаш не биле 20 денари. Планско производство, загарантиран пласман, и нема што да се малтретираме секоја година по протести“, вели Мите Атанасов земјоделец.
Ефектот на државните субвенции
Државата го стимулира производството на зеленчук. Доделува субвенции по три основи За хектар засеана површина под градинарски култури земјоделецот ќе добие 10 илјади денари. 20 илјади денари ќе добие за оствареното производство кое го предал кај регистриран откупувач, преработувач или на пазар и за свои потреби, при што мора да има одреден праг на производство. Доколку пак производството се предаде кај регистриран откупувач или преработувач земјоделецот добива три денари за секој предаден килограм
За илустрација, Васе Панов од Куклиш по овие параметри за своите приближно хектар црвени пиперки, од државата на име субвенции ќе добие 30 илјади денари за пријавена површина и остварено производство од најмалку 15 тони (10 000 + 20 000). Под претпоставка дека има произведено токму 15 илјади килограми ќе добие плус 45.000 денари или вкупно 75.000 денари субвенции. Овие пари Панов нема да ги добие одеднаш туку во три одделни транши, во рок од една година од денот на пријавувањето.
Панов, до сега за производството на пиперките на површините од еден хектар има инвестирано околу 300 илјади денари.
Производителите на компир и домати во мај и јуни излегоа по улиците и патиштата во струмичко незадоволни од откупните цени. Прстот го вперија во трговците и откупувачите дека манипулираат со нивната мака. Кажаа дека земјоделското производство со понудените откупни цени не е исплатливо. За нив чудно беше што за неколку дена откупните цени паѓаат и до 100 отсто.
* Зоран Ѓоргиев и Ване Трајков се новинари.


