Во Делчево е воведен иновативен систем за нега на стари лица – Далечински мониторинг на пациентите и дијагностика. Во приватна здравствена организација е монтирана дигитална опрема, преку која здравствените работници и давателите на социјална поддршка за постари и изнемоштени лица ги следат здравствените параметри на повозрасните пациенти во реално време.
Овој Систем значајно го олеснува далечинскиот мониторинг на пациентите и дијагностиката, а во исто време може да следи до најмногу 200 граѓани.
Преку обезбедена опрема за следење на здравствените параметри од дома се овозможува само-набљудување и поддршка на дијагностиката без потреба од физички посети во здравствените установи. Дигиталниот мониторинг служи да алармира за секоја промена и потреба на пациентите.
Опремата инсталирана во здравствената организација е поврзана со апаратите кои ги носат пациентите. Давателите на услуги за нега на стари лица, како и здравствените работници претходно поминаа обука за користење на опремата.
Дигиталниот мониторинг на повозрасни лица не е новина во регионот на крајниот македонски исток. Еколошкото друштво Здравец 2002 од Македонска Каменица во партнерство со Здружение на пензионери од Македонска Каменица, преку проект обезбедија 50 ЏПС нараквици, техничка опрема за Диспечерскиот центар за мониторинг, а беше обучен мобилен тим за руралните средини, обучен диспечер, со социјален работник и психолог во стручната служба.
В.К.


