Започна донаторската акција за собирање средства за изградба на гаражен простор за противпожарните возила на Доброволното противпожарно друштво (ДПД) од Свети Николе. „Сложна заедница, гаража гради – Спас за спасувачките ПП возила“ е насловот на акцијата, чија поставена цел е да се соберат точно 1,236.000 денари, колку што е проектирано дека ќе чини изградбата на гаража од над 200 квадратни метри во кругот на зградата каде е сместено Доброволното противпожарно друштво во центарот на Свети Николе.
Донаторската акција се одвива онлајн, преку специјализираната интернет страна ОпОп, која е специјализирана филантропска организација, наменета за донации за непрофитни организации на здружението Конект од Скопје.
„Очекуваме да ги сочуваме и заштитиме нашите противпожарни возила, како и да ја зголемиме нивната оперативна способност за 50%. Тоа е 40% повеќе спасени животи, имоти и шуми, со подобрена брзина на реакцијата за 30%“, пишува во делот за очекувани постигнувања од оваа донаторска акција.
Опремата и централата на ДПД – Свети Николе, која постои од 1935 година, е сместена во стар објект во чиј двор има доволно место да се изгради гаражен простор каде би се сместиле возилата. Друштвото, кое е едно од поопремените, има 6 возила, главно добиени како донации. Проектот е изработен пред две години, но проблем се парите.
Работата на доброволците е волонтерска, не се платени и финансирани од никаде, ја вршат истата работа како и професионалните пожарникари. Само во изминатиот период на интензивни пожари, повеќе од дваесет дена, рамо до рамо со професионалците, гаснеа пожар од Светинколско, Серта до сите опожарени места каде беа повикани. Двајца од доброволците завршија во болница, откако едниот вдиша чад и помина два дена на кислородна поддршка, додека неговиот колега скрши рака по пад од четирициклот специјализиран за гаснење пожар на помалку пристапни терени.
За периодот од еден месец колку што траеше акцијата, беа собрани близу 36.000 денари. Ова според доброволците е скромен износ, што ги поттикна да се ангажираат во други начини на вклучување на заедницата.
Кирил Михајлов старешина на ДПД – Свети Николе е во контакт со нивните колеги доброволци од Велика Британија, Австрија и Словенија и со нивна помош ќе го рашири гласот за собирната акција.
– Се надеваме на вклучување на нашите колеги доброволни пожарникари од сите земји со кои соработуваме. До сега одговориле на секој наш повик, имаме повеќе донации во опрема, возила и останато за функционирање на друштвото, вели Михајлов.
Во повикот за донации, од ДПД додаваат: „Секојдневно одиме на различни работни места, но при пожар или неволја во градот и околината, ние веднаш се мобилизираме и заминуваме да гаснеме и спасуваме. Седумдесет години старата гаража не нуди услови за заштита и безбедност на нашите ПП возила. Нова гаража е предуслов и за нови возила, а тие пак, помош при заштита на нашите имоти и животи“.
Новата гаража е поставената цел на оваа донаторска акција. Доколку не се соберат проектираните средства, средствата ќе се искористат за набавка на шлемови и друга опрема за доброволците, како и за поставување на привремена гаража.
В.К.


