Волонтери на електрични велосипеди, донација на струмичкото семејство Атанасовци, одговараат на повиците на членовите на Библиотеката „Благој Јанков-Мучето“ од Струмица и разнесуваат книги.
Струмичката библиотека започна иновативен проект насловен „Библиотека на тркала“, преку кој, книгите станаа достапни за сите читатели, особено за лицата кои немаат можност физички да ги посетат просториите на библиотеката.
Се работи за нова услуга во која се вклучени и волонтери. Тие со електрични велосипеди разнесуваат книги до повозрасни лица, болни и изнемоштени и лица со инвалидитет, кои се членови на библиотеката, но не се во можност да ја посетат и земат книга.
Се работи за нова услуга во која се вклучени и волонтери. Тие со електрични велосипеди разнесуваат книги до повозрасни лица, болни и изнемоштени и лица со инвалидитет, кои се членови на библиотеката, но не се во можност да ја посетат и земат книга.
„Идејата беше дека книгата треба да стаса до секој читател и дека пречките не треба да бидат проблем. Откако добивме донација електрични велосипеди од семејството Атанасови, со нашите волонтери ја воведовме оваа услуга. Сакаме да се приклучиме на агендата на ОН, 2030 да биде година на зелени библиотеки“, вели Гонце Запрова-Анастасова, виша библиотекарка од струмичката библиотека.
Услугите на карго велосипедот се бесплатни и можат да ги користат сите љубители на книгата. Посебен акцент е ставен на руралните средини кои немаат библиотеки. Со оваа иницијатива, жителите на малите места добиваат можност за лесен пристап до саканата литература, без разлика на нивната локација.
„Оваа услуга не е само за читателите од Струмица туку и од населените места во Струмичкиот регион, независно дали ќе биде од Василево, Босилово, Иловица или Штука. Наша намера е да ја доближиме книгата и до руралните средини, на што ќе ставиме акцент во наредниот период“, вели Запрова-Анастасова.
Од Библиотеката се изненадени од добриот одзив. Десетици граѓани од Струмица и регионот досега станаа корисници на оваа бесплатна услуга. Потребно е граѓаните само да се јавуваат и да ги нарачаат книгите за читање, при што добиваат информација кога ќе им биде доставена книгата.
В.К.


