Опис на проблемот
Женското здравје е континуирано во фокусот на релевантните институции, особено на Министерството за здравство. Воведени се и дигитални алатки како https://skrining.zdravstvo.gov.mk кои треба да го олеснат пристапот до здравствените услуги, но ефектот од нив кај одделни групи граѓани, особено кај маргинализираните групи е незначителен. Локал Актив, во својата сторија на оваа тема, пишува за тоа дека состојбите одат на полошо, наместо на подобро.
Буџетите за Програмата за рана детекција на рак на грлото на матката и мамографија и Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца се намалуваат, а токму тие програми овозможуваа бесплатна едукација и советување на мајките, бесплатни гинеколошки услуги и ПАП-тест со минимална партиципација од 60 мкд. Натаму, со промените во Програмата за рана детекција на рак на грлото на матката и мамографија, направени во 2023 година, бесплатен ПАП-тест им следува на сите жени од 21 до 59 годишна возраст, но тоа право тие може да го искористат само еднаш во три години, а не секоја година како претходно. Ова ги доведува во ризик особено жените од социјално најзагрозените категории, бидејќи не можат да си дозволат да плаќаат за ПАП-тест секоја година. Ова значи дека жената која не ги исполнува критериумите на Програмата, а сака да го направи годишниот ПАП-тест, ќе треба да плати меѓу 1000 и 1500 денари, во зависност од ценовникот на ординацијата. Тоа, за жени чии семејства се во економски ризик, е значаен, а во некои случаи и премногу висок трошок што не можат да си го дозволат.
Барања
- Бараме од Министерството за здравство секоја жена да има право на најмалку еден годишен ПАП-тест, без оглед дали во претходната година жената има направено тест.
- Бараме од Владата да обезбеди фонд со кој ќе се ослободат од плаќање за ПАП-тест сите жени корисници на Гарантирана минимална момош, согласно Законот за ослободување од здравствена партиципација за пензионери со ниски пензии и корисници на Гарантирана минимална помош.
- Бараме од Министерството за здравство враќање на мерките во Програмата за активна здравствена заштита за мајки и деца, во која се предвивуваше едукација за здрави животни стилови, едукација за поттикнување на редовни посети на гинеколог и дистрибуција на едукативни материјали за женско здравје.
- Бараме од Министерството за здравство да воведе прецизни протоколи за семејните лекари за користење на гинеколошките ординации кои веќе постојат во одредени здравствени домови.
- Бараме од Министерството за здравство воведување на правилото – доколку пациентот не го оствари правото на закажан мамографски преглед не по негова вина, да му се надоместат патните трошоци и дневница за загубениот ден.
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Здружението Жена од Делчево.
Реализирани активности
- Активистот на Здружението Женa – Зоран Биковски, гостуваше на Македонската телевизија во прилогот на тема ,,Женско здравје“. Во прилогот беа претставени главните наоди од истражувањето во неколку градови во Источниот регион.
- Во ноември 2024 г. во Општина Делчево беа одржани две работилници со ранливи категории жени од локалната заедница. Целта на работилниците беше да се запознаат со Програмата за рана детекција на рак на грлото на матката и програмата за мамографски прегледи, со поимот скрининг и зошто е тој важен, со условите и начинот на пријавување за бесплатен ПАП-тест и др. На работилницата учествуваа и гинеколози кои ги објаснуваа здравствените аспекти на скринингот и важноста на годишниот ПАП тест.
- На 21 ноември 2024 г. се одржа национална конференција „Здравствени политики за сите: Зајакнување и поддршка на девојките, жените и ранливите групи“, на која активистот и новинар на Локал Актив Зоран Биковски ги изложи наодите за проблемите со кои се соочуват жените од ранливите групи граѓани од Источниот регион, при користењето на скринингот за рана детекција на рак на грлото на матката.
- На 2 декември 2024 г. се одржа средба со Рашела Мизрахи, претседателка и Петар Ристески, заменик-претседател на Комисијата за здравство при Собранието на РСМ, на која се разговараше за мерките што може да ги преземе собраниската комисија за решавањето на проблемите со кои се соочуват жените од ранливите групи граѓани при користењето на скринингот за рана детекција на рак на грлото на матката. Претставниците на Комисијата за здравство ги прифатија предлозите за решавање на овие проблеми и ветија дека ќе се заложат кај надлежните институции и лица за измени на Програмата за скрининг.
Локал Актив го следи и натаму спроведувањето на барањата до институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.


