Спортската сала во Општина Радовиш, СРЦ „25 Мај“, за која Локал Актив претходно пишуваше, ќе биде реконструирана со средства од државниот Буџет. Владата на седницата одржана на 17 септември донесе одлука за реализација на проекти од Програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за 2024 година од страна на Министерството за спорт.
Според оваа програма во вредност од 35 милиони денари, санацијата на спортската сала СРЦ „25 Мај“, ќе се одвива во две фази. Годинава за реконструкција се предвидени четири милиони денари, а наредната година уште скоро 20 милиони денари.
„Ќе бидат реконструирани подот и трибините, а веќе годинава ќе биде започнато со работа. Конечно се изборивме. Радовишани да имаат и ќе имаат подобри услови во спортската сала“, рече директорката на ЈПССО ,,Радовиш – 2014“, Лолита Арсов.
Јавната набавка, со која се бара изведувач на реконструкцијата на салата, Министерството за спорт ја распиша на 20 спетември. Повикот ќе трае до 7 октомври, кога ќе се отворат понудите. Во огласот за јавната набавка е наведено дека ќе се работи на реконструкцијата на трибините, набавка и поставување на нови столчиња, а целосно ќе се реконструира и подот на салата. Во оваа фаза не се решава проблемот со загревањето на салата.
Како што веќе пишуваше Локал Актив, оштетена е подлога на салата каде тренираат многу спортисти, а според спортските работници со кои разговаравме, тоа преставува реална опасност за нив. Поради тоа, младите и надежни спортисти често се повредуваат, повреди што им ја запечатуваат спортската кариера.
Зиме, радовишките спортисти во салата се смрзнуваат бидејќи објектот е без греење како и многу спортски објекти во земјава. Проект за реновирање има, но пари нема. Локалните политичари и општинските власти со години ветуваат реконструкција, но спортистите и понатаму тренираат во услови во кои има голем ризик од повреди.
Објектот располага со вкупна површина од 3.968 м². Самиот комплекс располага со голема сала со површина од 1.126 м² и капацитет од фиксни трибини од 1300 гледачи, но со помош на подвижни седишта гледачкиот капацитет се движи од 1300 до 2600 во услови на боксерски и слични натпревари и мала сала со површина од 400.80 м² со капацитет од 160 гледачи.
К.Т.


