Општина Берово им помага на учениците со по 5000 денари на почетокот на учебната година

Општина Берово од својот буџет обезбеди по 5000 денари парична помош за 97 ученици, кои овој септември тргнаа во прва година во единственото општинско средно училиште „Ацо Русковски“. Средствата во износ од 485.000 денари се обезбедени преку Програмата за образование. Претходно, на крајот од август по 5000 денари добија и родителите на 67 првачиња од Берово, кои годинава го започнаа своето школување во беровските училишта.

Средствата Општината ги најави како поддршка од локалната самоуправа за купување на училиштен прибор и други материјали за почетокот на учебната година.

„Се надевам дека тие средства ќе помогнат за родителите да им овозможат сѐ што им е потребно за среќен почеток, на своите деца и да имаме среќни и безгрижни првачиња. Подобрувањето на условите за учење за учениците, е еден од најважните приоритети на општината за подобрување на  условите за настава“, рече Звонко Пекевски, градоначалник на Општина Берово. 

На сметките на родителите на првачињата беа исплатени 335.000 денари. Стимулативните мерки за учениците и нивните родители е обид да се влијае врз опаѓачкиот број ученици во беровските училишта.

Податоците од СОУ „Ацо Русковски“ покажуваа дека за десет години се преполовил бројот на матурантите. Во учебната 2023/2024 имало 71 матурант, додека пред десет години, во учебната 2013/14 имало 149 ученици кои завршиле четврта година.

Како една од стимулативните мерки се доделуваат награди и субвенција од 15.000 денари за најдобриот ученик од средното училиште.

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации покажа дека за последните десет години бројот на ученици во основните и средните училишта во Македонија е намален за 27 илјади. Најголем е одливот во средните училишта, каде за десет години бројот на ученици е намален за 17 илјади ученици или околу 20%.  

В.К.

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE