Мерењата на загаденоста на воздухот во Кочани, што во период од три месеци ги направија 12 ученички тимови средното училиште „Љупчо Сантов“, покажаа висока концентрација на штетни честички и присуство на јаглерод моноксид и диоксид. На одредени места во центарот на градот, присуството на ПМ2,5 е за 8,3 пати повеќе од дозволената вредност.
–Учениците направиле вкупно 990 мерења на загаденоста на воздухот и водата на повеќе локации во Кочани.
Присуството на ПМ2,5 честичките кај објектот на Македонска пошта со 11 микрограми на метар кубен е во рамки на прифатливите граници, но на улицата „Илинденска“ е измерена највисока концентрација којашто е за 8,3 пати повеќе од дозволената вредност. Во анализата за присуство на ПМ10 честичките, од 990 мерења што ги направија учениците, повисоко ниво од 180 мг на метар кубен имаат 144 мерења, а највисоко ниво од 5,55 пати повторно е измерено на истата улица. За концентрацијата на јаглерод диоксид е регистрирана највисока вредност што е 4,7 пати поголема од дозволената и тоа при 13 мерења, а зголемени вредности се добиени и при мерењата за присуство на јаглерод моноксид, истакна Соња Гушкова од КЈП „Водовод“.
Како главни причинители за загаденоста на воздухот беа посочени драстично зголемениот број возила во централното градско подрачје, индустриските активности меѓу кои и чадот од комуналната депонија, палењето на сламата и стрништата во земјоделството и неодговорното однесување на одделни граѓани.
Мерењата се направени со опрема која учениците ја добија во рамките на меѓународен проект поддржан од Европската унија. На презентацијата на резултатите од мерењата беше нагласено дека се работи за податоци што се добиени со анализа на испитувањата за период од три месеци на почетокот на оваа година, кои имале едукативна цел. Но, за да може целосно да се утврдат реалните вредности на концентрацијата на штетни честички во воздухот непоходни се мерења и анализи на подолг временски период, што најверојатно нема значително да отстапуваат од веќе утврдените.
За разлика од загаденоста на воздухот, испитувањата на примероците вода што се земени од реката и други отворени водотеци во Кочани покажале вредности кои се на сериозно високо ниво, но не ги надминуваат граничните вредности на прифатливи параметри.
Т.А.


