Со свеченост во Берово од македонска страна денес, на 7 октомври, беше одбележан почетокот на проектот за воспоставување на новиот граничен премин, проектиран на вредност од 11,1 милион евра.
За почеток се обезбедени 3,1 милион евра од Програмата на ЕУ за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија. „Новиот почеток“ доаѓа речиси четврт век откако во 1992 година почнаа работите од македонска страна и беше поставена целокупната инфраструктура на граничниот премин Клепало што ги врзува Берово со бугарскиот град Струмјани.
Беше изграден и пат од македонска страна, меѓутоа, на бугарско тло се завршува со земјен пат, додека инфраструктурата за граничниот премин од другата страна не беше ни почната.
„Користењето на овој граничен пункт освен што ќе заштеди време, ќе значи и олеснување на сообраќајот на луѓе и стоки меѓу двете земји и ќе создаде услови за економски развој во Малешевскиот крај кој ги поседува сите потенцијали за развој на туризмот. Ова е само уште еден проект кој се финансира преку ИПА програмата на Европската Унија, чија имплементација ќе придонесе за зајакнување на прекуграничната соработка, во интерес на граѓаните“, кажа на свеченоста Златко Перински, министер за локална самоуправа.
По години застој, во 2022 година беше формирана Мешовитата експертска комисија за утврдување на техничките параметри на новиот граничен премин Струмјани – Берово. Оваа комисија договори изградба на два посебни гранични пункта, соодветно на бугарска и на македонска територија. Граничната точка ќе биде за минување на патнички и товарни возила со вкупна технички дозволена максимална маса до 3,5 тони, со режим на работа на граничниот премин во сите денови во неделата (24/7).
Ќе бидат потребни пет години да се заврши тоа што е почнато пред 25 години. Најавени се две фази – во првата, која треба да заврши во 2026 година, е период за проектирање и планирање. Градежните активностите почнуваат од втората фаза во 2027 година, и ќе траат две години, до 2029-та.
Во втората фаза ќе се гради инфраструктурата со неколку згради на бугарска страна и ќе се доврши патот до граничниот премин од градот Струмјани до Клепало во должина од 13 километри. Од македонската страна ќе треба да се обноват и да се модернизираат објектите што се одамна изградени и запуштени.
Од проектираните 11,1 милион евра, колку што е вкупната инвестиција за воспоставување на граничниот премин, 7,7 милиони евра се грант преку ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка на ЕУ, а преостанатите средства се национално ко-финансирање од страна на Македонија и Бугарија.
В.К.


