По пластиката и електронскиот отпад, Општина Босилово започнува со селекција и на текстилот, со што во иднина ќе се селектира за повторна употреба или рециклирање. Општината Босилово, во соработка со компанијата „Тексомак“ поставија контејнери за текстил, каде граѓаните ќе може да се ослободат од непотребниот текстил. Проектот треба да помогне во намалувањето на отпадот, но и да ја подигне јавната свест за одржливото управување со ресурсите.
Босилово е втората општина во државата која започна со акции за собирање и селекција на текстил. Претходно таква иницијатива беше реализирана во Прилеп, а според најавите веќе има интерес и од неколку скопски општини.
Градоначалникот Ристо Манчев вели дека собирањето и депонирањето на отпадот значи и помал притисок врз општинската депонија. „Ваквите акции ќе ги организираме колку што можеме почесто за да придонесеме што помалку од текстилниот отпад да завршува на дивите депонии бидејќи управувањето со отпадот е сериозен предизвик не само во нашата општина, туку би рекол и во целата држава“, вели Ристо Манчев, градоначалник на општина Босилово.
Колективните управувачи со текстилниот отпад велат дека граѓаните веќе покажуваат интерес за ваквите иницијативи. Во моментов нема прецизни податоци колку текстил завршува на депониите, но според неофицијалните проценки се работи за количина од над 10.000 килограми.
„Во Македонија немаме конкретно анализа, ова е прилично ново, но податоците се фрапантни ако ги споредуваме барем тоа што е за почеток. Над 10.000 килограми секако завршуваат на депонија затоа што многу од текстилните компании во Македонија работат лон системи и отпадот од нивното производство за жал досега беа обврзани да заврши на депонирање. Од тие причини мора да се преземат некои поголеми чекори во нашата земја“, изјави Евгенија Најдовска претставник на колективниот управувач со текстил „Тексомак“.
Според достапните податоци, секоја година во Европа се произведуваат по околу 16 килограми текстилен отпад по жител. Од тоа само 4,4 килограми се погодни и може да се рециклираат или да се употребат повторно, додека останатите 11,6 килограми завршуваат во мешаниот отпад.
Со цел да се мотивираат граѓаните што повеќе да селектираат, општина Босилово веќе две години реализира акции преку кои сите што ќе донесат одредена количина на пластика добиваат бесплатни овошни садници или пак саксии со цвеќе.
В.К.


