Сопствениците на земјоделско земјиште од атарот на селото Чифлик, во општина Чешиново-Облешево, со квалификувано мнозинство го усвоија Планот за распределба на земјиштето, што ќе значи окрупнување на нивните парцели.
Со тоа ова село станува шесто во Македонија каде што ќе се спроведува консолидација на земјоделското земјиште.
Прифаќањето на Планот значи дека земјоделскиот атар на селото ќе биде значително трансформирано, со оглед што консолидацијата претставува клучна пресвртница во олеснувањето на обработката на земјоделските парцели, односно за подобрување на постојната и изградба на нова земјоделска инфраструктура – канали за наводнување и одводнување и пристапни патишта.
Консолидацијата на земјиште го решава проблемот со прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште.
„Зафаќајќи 156 хектари, напорите за консолидација на земјиштето директно ќе им помогнат на 395 земјоделци. Планот за распределба на земјиштето трикратно го намалува бројот на земјишни парцели – од 1.246 на само 454, при што просечната големина на парцелите се зголемува од 0,13 на 0,34 хектари.
Овие инфраструктурни подобрувања имаат цел да ја зголемат пристапноста до земјоделските површини и да обезбедат ефикасно управување со водите, поддржувајќи одржлив раст и повисоки приноси за локалните земјоделци.
Изградбата на инфраструктурата се очекува да започне следната година, што ќе го означи следниот чекор во трансформација на земјоделската средина во Чифлик и ќе даде поттик за руралниот развој во Северна Македонија, истакнуваат од ФАО Македонија.
Министерството за земјоделство, кое го спроведува процесот на консолидација, го опишува како процес на групирање на земјишните парцели со цел да се окрупнат и да се подобри нивниот облик, да се оптимизираат земјоделските имоти и да се воспостави неопходната инфраструктура, а во исто време да се заштити животната средина.
На крајот од процесот, сопствениците ќе поседуваат една или што помал број на земјишни парцели кои имаат правилна форма, пристап до пат и канали за наводнување и одводнување. Ова директно ја зголемува ефикасноста во земјоделското производство и придонесува за подобрување на животниот стандард на руралните заедници.
Процесот на концолидација на земјиштето почна во 2014 година во село Егри, општина Битола и во Општина Конче со поддршка обезбедена од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
По усвоениот План за распределба на земјиштето во Чифлик, следната фаза ќе се фокусира на регистрирање на новоформираните парцели во Катастарот на недвижности, а се подготвува и значителна инвестиција во земјоделската инфраструктура во Чифлик, финансирана од ЕУ.
Т. А.


