Во повеќе места во Југоисточниот регион не се спроведува скриниг за рана детекција на рак на простата бидејќи нема уролози  

Опис на проблемот

Во Македонија, карциномот на простата е една од најчестите малигни заболувања кај машката популација, веднаш зад карциномот на белите дробови. Бројката на заболени мажи ширум земјата е константно висок. Ширум земјата, има отсуство на видливи локални кампањи за подигање на јавната свест за машкото здравје, за рана детекција, но и за превенција на оваа болест. Покрај тоа, недостасуваат лекари уролози, кои треба да прават редовни прегледи на машката популација. Овој проблем на здравствениот систем е особено видлив во дел од градовите и местата во Југоисточна Македонија. 

Во сторијата на оваа тема, Локал Актив пишуваше дека во Гевгелија дури и оние кои се свесни за потребата од превентивни прегледи на простатата, не можат да ги направат таквите прегледи во местото каде живеат. Во градот, уролог нема со години. ЈЗУ Општа болница, со проширена дејност во Гевгелија е покриена со уролог од Штип, ангажиран со договор, кој врши прегледи двапати месечно, меѓутоа тие не се класични превентивни прегледи, туку уролошки прегледи за пациенти со дијагноза за којашто е потребен соодветен третман. Во Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања во Република Северна Македонија за 2023 година и 2024, изготвена од Министерството за здравство, не е предвиден скрининг за рана детекција на рак на простата. Кампања за вршење превентивни прегледи не е спроведена ниту на национално ниво ниту од гевгелиската болница во којашто нема уролози.

Барања
  • Бараме во Програмата за рана детекција на малигни заболувања во Република Северна Македонија да се предвиди спроведување промотивна кампањи за превенција и бесплатен скрининг за рана детекција на карцином на простата;
  • Бараме Министерството за здравство да ги задолжи матичните лекари машката популација над 45 години да ја советуваат и упатуваат на задолжителен и бесплатен преглед кај уролог;
  • Бараме Министерството за здравство да ја разгледа што е можно поитно потребата од уролози во болниците во Југоистичниот Регион и да предложи мерки за решавање на овој проблем;
  • Бараме единиците на локалната самоуправа од Југоисточниот регион во своите Програми за еднакви можности на жените и мажите да предвидат и да реализираат активности за подигање на свеста за машкото здравје и за редовни контроли на мажите за превенција на карцином на простата.

Застапување за решавање на овој проблем

Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Регионалниот центар за одржлив развој од Гевгелија.

Реализирани активности
  • Во почетокот на ноември 2024 г. беа одржани состаноци со пратеници во Собранието на РСМ од општина Гевгелија – Ангелина Петкова и Сашко Јанчев, на кои тие беа  запознаени со состојбата во поглед на здравствената заштита на мажите од Гевгелија и беше разговарано за потребата од иницирање измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита.
  • Во октомври 2024 година е испратен допис до Собранието на РСМ за измена и дополнување на Законот за здравствена заштита со цел да се воведат редовни контроли на машката популација кај уролог – мажи над 50 години или пак над 45 години кои имаат семејна анамнеза на претходно болен или опериран од карцином на простата,
  • Во октомври 2024 година е испратен допис до Владата на РСМ, при усвојувањето на Програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања Македонија за 2025 година, да се предвидат и промотивни кампањи за превенција и бесплатен скрининг за рана детекција на карцином на простата.
  • Во март 2025 година, претседателот на Собранието на РСМ го извести Регионалниот центар за одржлив развој од Гевгелија, дека нивната иницијатива за измена на Законот за здравствена заштита е доставена до пратениците на натамошно разгледување.
Локал Актив и натаму ќе ги следи мерките што ги преземаат институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.  

Сподели

Facebook
Twitter
Pinterest
LinkedIn

УПАТСТВО ЗА ПРИСТАП ДО АУДИО ЧИТАЧ НА ВЕБ ПРЕЛИСТУВАЧОТ MICROSOFT EDGE