Опис на проблемот
На граѓаните во 11-те општини од Источна Македонија, од есента 2023 години им се достапни дигитални услуги преку онлајн платформата наменета за Источниот регион. Тоа значи дека граѓаните на овие општини, наместо да одат физички до шалтерот на институцијата и да чекаат ред цел ден за да ја добијат услугата која што им е потребна, тоа да може да го направат онлајн. Но, брз преглед на степенот на искористеност на овие можности во источно-македонските општини покажа дека граѓаните малку или воопшто не ја користат платформата.
Во сторијата на оваа тема, објавена во октомври 2024 година, Локал Актив пишуваше дека дури и во најголемата општина од Источниот регион – Штип, можноста да завршат некоја работа, без да дојдат лично до некој шалтер, од јануари до мај годинава, ја искористиле вкупно 578 граѓани, што е само 1% од бројот на жители на овој град. Во шест источно-македонски општини пак, можноста не ја искористил ниту еден граѓанин. Такви се општините Кочани, Делчево, Виница, Чешиново-Облешево и Зрновци. Причините за слабо користење на дигиталните јавни услуги се повеќе: слабата дигитална писменост на повозрасните граѓани, надополнета со недостатокот од пристап до дигиталните технологии за граѓаните со ранлив економско-социјален статус, како и неприспособеноста на сервисите за граѓаните со попреченост. Ова ја истакнува потребата од институционален ангажман за зголемувањето на јавната свест за е-услугите, како и за ширење на дигиталната писменост меѓу населението, но едновремено ја нагласува и потребата од формирање центри за поддршка за користење е-услуги.
Барања
- Бараме општините од Источниот плански регион (ИПР) континуирано да работат на промоција на дигиталните услуги и на унапредување на дигиталната писменост на граѓаните
- Бараме сите 11 општини од ИПР да формираат центри за подршка на граѓаните за користење на е-услугите
- Бараме имплементација и ажурирање на стандардите на веб страниците на општините од ИПР, според Насоките за пристапност до Веб содржини (Web Content Accessibility Guidelines – WCAG)
- Бараме дигитализација на сите услуги кои ги нудат 11-те општини од ИПРБараме сите 11 општини од ИПР да ги понудат дигитализираните услуги преку националниот портал за е-услуги https://uslugi.gov.mk
Застапување за решавање на овој проблем
Во рамки на уредништвото на Локал Актив, граѓанска организација која изработи план на активности за застапување за да се поттикне решавањето на овој проблем е Здружението ИНИ од Виница.
Реализирани активности
- Во почетокот на октомври 2024 г. беше одржана обука наменета за Националната работна група за реформа за јавната администрација, за обезбедувањето услуги и дигитализација во земјава согласно начелата на стандардите за Реформа на јавната администрација (СИГМА). Обучувач на оваа обука беше г-дин Југослав Георгиевски, експерт кој е вклучен во процесите за реформа на јавната администрација.
- Во октомври 2024 г. беше реализирана средба со г-дин Миле Петков, градоначалник на општина Виница, на која се разговараше за дигитализацијата на општинските услуги и за реалните пречки со кои се соочува општина Виница.
- Во октомври 2024 г. беше одржана средба со г-дин Димчо Атанасовски, градоначалник на општина Македонска Каменица, на која се разговараше за дигиталните услуги кои ги нуди општината, потребата од промоција на услугите пред граѓаните, зголемување на дигиталната писменост, како и за потребата од регионален приод во надминување на проблемите.
- На 15 октомври 2024 г., во Скопје беа реализирани и средби со г-дин Златко Перински, Министер за локална самоуправа и г-дин Стефан Андоновски, Министер за дигитална трансформација. На средбите се разговараше за плановите и активностите на овие министерства за дигитализација на општинските услуги. Според планот на Министерството за локална самоуправа, сите општини во Македонија треба целосно да ги дигитализираат своите услуги до крајот на 2026 година. Министертството за дигитална трансформација, во соработка со Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС, ќе направи напори дигиталните услуги на општините да се вклучат и на Националниот портал за Е-услуги.
- На 10 декември 2024 г. во Штип беше одржана средба со г-дин Иван Јорданов, градоначалник на општина Штип, на која беше побарана поддршка за надминување на пречките со кои се соочуваат граѓаните во користењето на дигиталните услуги во ИПР и за координирање на активностите на регионално ниво во решавањето на овој проблем.
Локал Актив го следи и натаму спроведувањето на барањата до институциите и ќе презема нови активности за решавање на овој проблем.


