На првата сесија од Форумите на заедницата што започнаа во Општината Конче, граѓаните изнесоа повеќе приоритетни проблеми на кои треба да работи општината во следниот период.
Меѓу најитните е обезбедувањето на доволно вода за пиење, со чиј недостаток се соочуваат во текот на летниот период. Исто така, проблем е изнесувањето на отпадот, дивите депонии и палењето на општинската депонија. По поројните дождови, често се затрупуваат полските патишта, како и каналите: „Проблемот со недостатокот на вода за пиење го решаваме со нови бушотини, што ги планираме за претстојното лето. Тоа е на врвот и на нашите приоритети за работа“, рече на форумот, Златко Ристов, градоначалник на Општина Конче.
Како мала рурална општина Конче не располага со механизација и други ресурси. Во заедничка сопственост со уште две општини – Радовиш и Карбинци, добиле машина која може делумно да го реши проблемот со патиштата, но како што велат од општината, ретко можат да ја користат.
Општината Конче е една од десетте општини која се најде на листата од програмата „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“, што ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.
Форумите на заедницата, како алатка за зголемување на учеството на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на локално ниво е една од компонентите на оваа програма. Граѓани на форумот имаат можност да предлагаат и да изберат приоритетни проекти, кои ќе се финансираат од буџетниот фонд во износ од 40.000 – 60.000 американски долари. Општината Конче, како дел од оваа програма, ќе учествува со кофинансирање со парични средства во висина од најмалку 20% од проектниот грант.
В.К.


