„Здружи се за заедницата оти малите дела на добрина, создаваат големи промени во светот“. Под оваа мото членовите на Центарот за истражување и анализи „Новус“ од Струмица организираа донаторски кружок на кој струмичани со јавно наддавање, донираа симболични суми средства за да се реализираат иницијативите на три граѓански здруженија за кои како што кажаа немаат сопствени средства.
Граѓанското здружение „Мобилност“ побара средства за да се поправи комбето за транспорт на лицата со инвалидитет. Велосипедскиот клуб „Актив“ побара пари за да го заокружи рекреативниот камп на планината Беалсица, додека здружението ,,Говорот на срцето“ побара средства за да организира работилници за да им помага на семејствата кои имаат аутистични деца
,,Овие три здруженија се јавија на повикот на Новус да предложат иницијативи за кои заедницата ќе се обедини и со донирање средства ќе се обиде да реши некои проблеми. Со јавно наддавање од страна на присутните струмичани собравме околу 135 илјади денари. Граѓаните одлучуваа за која иницијатива ќе ги донираат парите. Целиот процес беше транспарентен откако претставниците на граѓанските здруженија објаснија зошто им се потребни средства’, вели Саве Џурновска од Новус
Повеќе од стотина струмичани се јавија на првиот Донаторски кружок. Некои донираа по 500, некои по 1000 денари. Сите го поздравија обидот за заедничко решавање на одредени проблеми што ја тишти заедницата.
„Капка по капка се полни чашата. Ова е доказ дека граѓаните треба да си подадеме рака и да упатиме порака дека си требаме едни на други. Не е важно колку донирав, туку важно е што граѓаните се мобилизираат си помагаат да се решат одредени потреби“, ни изјави Марија Бандулова учесник на наддавањето
Претставниците на здруженијата изразија благодарност и соопштија дека со овие средства ќе можат да ги отпочнат иницијативите а ќе бараат средства од други извори.
Донаторскиот кружок ЦИА „Новус“ во Струмица го реализираше во соработка со „Конект“ од Скопје кој веќе пет години се обидува да ја воведе филантропијата како нов начин на заедничко вложување во локални иницијативи и проекти.
В.Т


