Здружението на лицата со телесна попреченост ,,Мобилност“ од Струмица бара Министерството за труд и социјална политика итно да го усвои Регистарот на лица со трајна попреченост.
Здружението смета дека државата мора да има евиденција на лицата и степенот на нивна попреченост, бидејќи, како што вели неговата претседателка, Дивна Танев „со овој регистар институциите ќе имаат увид колку и кои лица имаат трајна попреченост и нема да ги малтретира за да ги обновуваат документите за добивање туѓа нега или додаток за мобилност“.
Танев објаснува дека „ако регистарот биде изготвен, лицата со трајна попреченост нема да имаат потреба од комисиски прегледи за добивање на туѓа нега или мобилност кои се прават на секои шест или 12 месеци. Замислете низ какви сѐ перипетии поминуваме за да докажеме пред институциите дека сме со траен инвалидитет и да добиеме надомест од државата. Се малтертираме по институции за да ги извадиме тие документи. Регистарот се работи веќе три години и сеуште не е готов. Конечно, мора да се донесе и државата да има јасна слика за лицата со попреченост“, смета Танев
Во Здружението „Мобилност“ Струмица членуваат околу 390 лица со попреченост од Струмица, Василево, Босилово, Ново Село и Валандово. Нема точна евиденција колку се со трајна оти кај нив членуваат лица и со стекната и со вродена телесна и со комбинирана попреченост. Танев смета дека оваа бројка не е конечна оти сѐ уште има кои не се мапирани, особено во селата.
Здружението на лица со телесна попреченост Мобилност од Струмица покренаа иницијатива за собирање пари за поправка на комбето старо 10 години за превоз на лицата со попреченост кое беше купено со поддршка на Општина Струмица.
„Апелираме до сите во заедницата да ни помогнат да го поправиме ова комбе и да го ставиме во употреба не само за нашите членови туку за сите лица во Општина Струмица кои се со попреченост. Истото има капацитет од 6 седишта од кои за три лица со количка. Значи комбето да биде во функција за транспорт на било кој од лицата кои имаат било каква попреченост. Потребни се околу 150 илјади денари да се поправи комбето“, вели Танев.
Инаку за поправка на комбето на Мобилност, на Донаторскиот кружок на Новус беа собрани околу 30 илјади денари.
В.Т.


