Уште пред да почне, веќе беше завршена јавната расправа за Проектот за воспоставување регионален систем за управување со отпад во Источниот Плански Регион, проект од програмата ИПА 2, што ја закажа Општина Кочани во врска со проблемот со градската депонија.
Причина за тоа е што присутните граѓани, меѓу кои голем број беа и од оние кои три недели го блокираа пристапот до депонијата кај месноста Бели, набргу по почетокот на состанокот го напуштија, откако беа информирани дека се отсутни претставници од Министерството за животна средина.
Образложението дека на расправата има претставници од општинската администрација, од комуналното претпријатие „Водовод“, од Министерството за внатрешни работи, од Центарот за социјални работи и од Советот на Општината, не ги убеди присутните граѓани дека ќе слушнат нешто што досега не било кажано во врска со решавањето на проблемот со депонирањето на отпадот и загадувањето на животната средина.
„Прво, темата на овој состанок е комплетно промашена и лошо најавена. Второ, надзорното тело вчера се собра инцидентно, значи имало ситуации и претходно да се повикува во рок од три саати да стигне некој, повеќето од нас беа на работа и не можевме да стигнеме. Требаше да има координација со Општината – кои се нивните ставови, кои се нашите ставови и да работиме заедно на оваа тема. Само едно можам да кажам, дека овој состанок нема смисла без Министерството за животна средина, нема потреба да дискутираме, бидејќи ги повторуваме истите работи што претходно ги кажавме, а нема кој да ги изложи ставовите од другата страна“, истакна Иван Мишев, член на Надзорното тело за справување со отпадот во Кочани.
„Ние мора да знаеме што сакаме и што бараме, а тоа што го сакаме го усвои Советот со 19 гласа „за“ од 19 присутни советници. Значи јасна е ситуацијата, со тоа што нема присуство на претставници од Министерство за животна средина, толку е муабетот. Не можеме и не смееме да им веруваме за што било да кажат, ниту пари да ни даваат, ниту проекти да ни даваат, ниту да ја завршат регионалната депонија. За таму може да се случи да има жалба, бидејќи е меѓународен проект, да не се изгради регионалната депонија во Свети Николе, односно да има одложување на дејствието, па потоа доаѓаат локални избори и може 5-6 години да се одложи“, рече Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани.
Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов се обиде да ја насочи дискусијата укажувајќи дека е неопходно да се согледа состојбата и активно да се дејствува за решавање на проблемот со депонирање на отпадот според веќе почнатиот проект, а што е поддржан со средствата од фондовите на ЕУ.
„Само со барања, убави дискусии и со штрајкови проблемот со депонијата нема да се реши. Ако конкретно не постапуваме, ако не одиме по патеката за отворање на регионалната депонија во Свети Николе, ако не добиеме нови возила за кои беше направена анкета од страна на ЕУ и од страна на надлежното министерство. Знаете со каков возен парк располагаме во моментот и колку имаме потреба од нови возила, но ако не добиеме средства не можеме сами да се справуваме со реалната ситуација на терен“, истакна Папазов.
Расправата немаше конкретна завршница со заклучоци и ставови, односно беше констатирано дека е потребно да се одржи нова средба на која ќе има и претставници од Министерството за животна средина.
Т. А.


